Двајца работници загинаа во рудникот Бучим кај Радовиш

Во 11:43 часот, денеска две лица загинаа во рудникот „Бучим" кај Радовиш, членови на Алипинистичкиот клуб „Плоча" од Радовиш кои биле ангажирани за чистење на високо недостапни силоси.

Во официјалната изјава на рудникот „Бучим" стои дека во работната единица флотација се случил несреќен случај, при што две лица се починати.

– Починатите лица се подизведувачи од Алпинистички клуб „Плоча"-Радовиш, ангажирани за извршување работни задачи-чистење на високо недостапни силоси. На местото на несреќата медицинскиот персонал на „Бучим" веднаш ги презеде сите неопходни мерки за укажување на прва помош и настраданите лица се упатени кон ЈЗУ Здравствен Дом – Радовиш и ЈЗУ Клиничка болница – Штип, каде што е констатирана смрт, информираат од рудникот.

Оттаму посочуваат дека се известени и повикани сите надлежни органи што се бараат со закон во таков случај за извршување на увид.

– Службите за итни случаи и одговорните служби во моментов вршат истрага. „Бучим" целосно соработува во овој процес. Формирана е и комисја која врши проценка за причината за настанатиот несреќен случај во согласност со сите законски барања. Резултатите од истрагата ќе бидат дополнително соопштени, веднаш штом ќе бидат достапни наодите, се додава во официјалната изјава на „Бучим", од каде искажуваат искрено и најдлабоко сочувство до семејствата на починатите лица.

Настанот го потврди и портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека увидот е во тек, а го вршат полициски екипи и јавен обвинител. Повеќе детали за трагичниот настан од полицијата најавуваат за подоцна. /МИА

Истанбул: Десетици приведени за време на протестите против насилството врз жените

Десетици лица се приведени во неделата во Истанбул, каде се одржа протест против насилството врз жените, објавија организаторите.

Околу 40 лица се приведени во Истанбул, според групата која себеси се нарекува „Ќе го запреме фемицидот“. Во петокот кога се одбележуваше Меѓународниот ден против насилството врз жените, полицијата приведе 200 лица, но други информации не објави.

Локалните власти ги забранија двата настани со образложение дека нивното одржување ќе го наруши мирот во градот. На групата и се заканува судска постапка бидејќи го прекршила законот и моралот со организирањето на протестот, велат од судството. Во 2021 година, Турција се повлече од Истанбулската конвенција на иницијатива на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Организаторите на протестот наведуваат податоци за смртта на 300 жени годинава кои се жртви на фемицид, што е кривично дело убиство на жени и девојчиња поради нивниот пол.

Истанбулската конвенција, која беше прифатена во Истанбул во 2011 година и стапи на сила во 2014 година, е првиот правно обврзувачки и сеопфатен меѓународен механизам за борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Екипите на ЈПОЗМРП Скопје – “Македонија Пат” подготвени ја следат ситуацијата на патните правци

Апел до сите учесници во сообраќајот да носат и користат зимска опрема и да ја прилагодат брзината согласно условите на патот.

Екипите на Јавното Претпријатие за одржување и заштита на Магистрални и Регионални патишта – Скопје, будно ја следат состојбата на сите патни правци и планински превои. Навремено се превземени превентивни мерки со опесочување на сите делници на кои се очекуваат ниски температури и врнежи од снег.

Воедно упатуваме апел до сите учесници во сообраќајот да носат и користат зимска опрема и да ја прилагодат брзината согласно условите на патот.

Јавно Претпријатие за одржување и заштита на Магистрални и Регионални патишта - Скопје

УХМР: Во утринските часови ќе провејува снег

Утре во утринските часови на места ќе провејува снег. Во текот на денот променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне 7 степени.

Во вторник ќе се задржи стабилно време со негативни утрински температури. Нов влажен бран со локални врнежи од дожд, а на планините на запад од снег, се очекува во среда и во четврток, велат од УХМР.

притисни ентер