Државниот секретар Николиќ учествуваше на панел – дискусија во Охрид

Ниту една земја самостојно не може да се справи со природните катастрофи од големи размери како оние што ги видовме изминатиот период, порача Николиќ.

„И сојузниците и НАТО – Алијансата климатските промени ги карактеризира како клучно безбедносно прашање од највисок приоритет. Неодамнешните пожари со кои се соочувавме и ние и Југоисточна Европа ги ставија на тест нашите капацитети, опременоста, пополнетоста со кадар, нивната обученост, но и координираноста на целиот систем за заштита и спасување. Заклучокот беше и е јасен – системот е поставен, но простор за подобрување има“, рече државниот секретар Драган Николиќ на денешната панел – дискусија посветена на цивилно-воената поддршка на цивилни катастрофи, која се реализираше на почетокот на вежбата на НАТО, „ Македонија 2021“.

Николиќ порача дека Армијата во изминатите години секогаш се вклучувала во кризни состојби. Ефектите од учеството на Армијата во справување со кризни состојби беа особено забележливи во поплавата која го зафати главниот град во 2016 година, како и пред речиси два месеци кога целосно беше вклучена како поддршка на цивилните институции во справувањето со огнените стихии на територијата на целата земја. Во периодот од почетокот на август до почетокот на септември, ангажирани беа вкупно околу 2.000 припадници, како и армиски воздухоплови кои во овој период на гасење направија над 80 часови лет и исфрлија над 500 тони вода.

„Се боревме со сите расположливи средства и во целост се ставивме на располагање на системот за заштита и спасување зашто Армијата постои за граѓаните и нивната сигурност и безбедност, и во случаи кога се бориме со природните непогоди“, рече на панелот државниот секретар.

Членството во Алијансата беше од голема помош за справувањето со овие катастрофи, особено кога станува збор за брзината и отвореноста на сојузниците да помогнат, рече Николиќ, и додаде дека системот мора да работи за да биде уште поподготвен за справување со катастрофи од овој тип.

Николиќ посочи на неколку клучни подобрувања кои ќе го зајакнат системот за одговор на катастрофи – подобрувањето на координацијата, градењето на дуални капацитети во Армијата и подобрувањето на условите за работа во институциите за справување со природни катастрофи.

„Потребно е да имаме целосна пополнетост на противпожарните служби, на системот за заштита и спасување, на институциите кои се први во борбата со природните непогоди. И, тука правиме чекори напред – пред само неколку дена со измените на законот за заштита и спасување ги зголемивме платите на пиротехничарите и на инспекторите во Дирекцијата за заштита и спасување. Нам ни е потребен систем во кој работат млади, мотивирани, подготвени и обучени лица, и затоа ги подобруваме условите за работа во институциите кои се дел од овој систем“, рече државниот секретар.

Ниту една земја самостојно не може да се справи со природните катастрофи од големи размери како оние што ги видовме изминатиот период, порача Николиќ, и додаде дека Северна Македонија е секогаш првата земја која нуди помош, а истиот пристап го имаа и нашите соседи и нашите сојузници кои безрезервно помогнаа во справувањето со пожарите во нашата земја летово.

На панел-дискусијата покрај државниот секретар Николиќ учествуваа и Марк Ди Пауло, директор градење на капацитети во одбранбените институции во НАТО и Шефик Бајрами, помошник директор на Бирото за јавна безбедност.

Реконструкција на крак од улицата „Драгиша Мишовиќ“ во Карпош 3

Општина Карпош заврши со реконструкција на кракот на улицата „Драгиша Мишовиќ“, во населбата Карпош 3 (пред градинката „Орце Николов“).

Станува збор за обнова на коловоз од 80 метри и ширина од 7 метри, а реконструирани се и пешачките делови. Вкупната асфалтирана површина изнесува 1.600 м2.

Оваа сообраќајница ги поврзува улиците „Карпошово востание“ и „Никола Русински“, а по сугестии на граѓаните, поставени се и слеани рабници со цел подобра пристапност за велосипедистите, родителите/старателите кои ги носат децата во градинка, како и граѓаните со попреченост.

Општина Карпош продолжува со тековното одржување на инфраструктурата.

ОПШТИНА КАРПОШ

Османи: Одвојувањето на Македонија и Албанија не зависи од нас

Одвојувањето на Македонија и Албанија не зависи од нас, тоа e одлука на ЕУ, вели Османи.

Процесот формално се заснова на индивидуални заслуги. Меѓутоа, отсекогаш била проценката дека се добива синергија, една сила повеќе доколку двете земји продолжуваат заедно, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи, нагласи дека, никогаш не бил поборник на одвојувањето, бидејќи, како што рече, овие процеси се циклични и може да сменат во обратна насока.

– Се сеќавате 2019 година беше обратна ситуацијата. Дали Македонија треба да ги продолжи, а Албанија заостана затоа што ги немаше тогаш исполнето условите. Имаше и меѓу нас такви коишто лобираа Македонија да се одвои. Отсекогаш сум предвидел дека овие процеси се циклични и може да се сменат во обратна насока, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конферениција со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.

Важно е, посочи тој, поради многу причини и ќе даде поттик на целокупната регионална интеграција, доколку Албанија и Македонија се држат заедно и започнат преговорите заедно сега при крајот на годината, во текот на словенечкото претседателство, а потоа, како што рече, секој со својата среќа и брзина што ќе ја наметне.

– Но, мислам дека почетокот е важен затоа што Комисијата потврдува дека двете држави ги исполнуваат условите. И навистина би било лоша пораки кога поради прашања коишто не се поврзани со ЕУ, едната држава не продолжи. Мислам дека тоа ќе создаде значителен удар на кредибилитетот на европските интеграции во државата и во регионот, рече Османи. /МИА

Шилегов: Почна асфалтирањето на булеварот Киро Глигоров во Гази Баба

 За оваа реконструкција од Буџетот на Град Скопје се одвоени 110,4 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот на изведба е 9 месеци.

„Драги скопјанки и скопјани, Скопје го менува својот лик. Скопје стана град кој ги поврзува своите граѓани. Булеварот Киро Глигоров е еден од симболите на тоа поврзување. Денес започнуваме со асфалтирање на бул. Киро Глигоров на потегот од мостот Близнак до крстосница со ул. Перо Наков“, соопшти градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.

Откако Град Скопје заврши со поставувањето на атмосферска и фекална канализација, денес веќе се финишира и со коловозот во должина на трасата од 682 метри. За оваа реконструкција од Буџетот на Град Скопје се одвоени 110,4 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот на изведба е 9 месеци.

„Тој рок започна да тече во јули, а требаше да заврши идната пролет. Како што гледате, ние планираме да завршиме многу побрзо од тоа. Сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани за покажаното трпение и разбирање за неопходноста од реконструкциите кои се интензивираат во овој период од годината, ама треба да знаат дека оваа улица е исклучително фреквентна од причина што ја поврзува скопската општина Гази Баба со Аеродром и Кисела Вода“, кажа градоначалникот Шилегов.

Само за потсетување пред само 3 години по должината на целиот булевар беше изградена и велосипедска патека, која заедно со велосипедската патека на бул. Србија, како и оние на бул. Јане Сандански, АСНОМ и Александар Македонски, претставува важен велосипедски коридор кој ги поврзува Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.

„Изградбата на мостови и улици кои поврзуваат, кои обединуваат не смее да запре. Изградбата на европско, урбано и зелено Скопје мора да продолжи. Драги скопјанки и скопјани, Вие граѓаните сте силата на овој град, и само вие одлучувате во каков град ќе живеете. Иднината на Скопје е во ваши раце. Ајде да се обединиме затоа што имаме иста цел – силно, единствено Скопје, во кое се живее достоинствено. Да дадеме поддршка за Скопје кое ги поддржува младите да градат семејства тука и кој силно вложува во здрава иднина, чист воздух и модерна инфраструктура. Вашата сила, драги скопјанки и скопјани, е вашиот глас. Излезете на изборите и изберете силно Скопје, Скопје кое се гради, кое расте, Скопје кое го продолжува својот пат меѓу најразвиените градови во Европа“, потенцираше градоначалникот Шилегов.

притисни ентер