Се стравува дека 14 исчезнати лица се исто така мртви, ден откако поплавата го погоди руралното подрачје на префектурата Кумамото, јави телевизијата НХК, повикувајќи се на локалните власти.
Околу 50 луѓе се спасени од поплавен дом за стари лица во селото Кума, на околу 950 километри југоисточно од Токио, пренесува Kyodo News.
Властите во Кумамото наредија евакуација на околу 200 000 жители, бидејќи обилните дождови, лизгање на земјиштето и поплавите продолжуваат да се закануваат.
Јапонската метеоролошка служба очекува силниот дожд да зафати големи области од источна и западна Јапонија до вторник.
Префектурите Кумамото и Кагошима се зафатени од силен дожд уште од вчера.
Врнежи од дожд до 300 мм се очекуваат на југозападниот остров Шикуку, 250 мм на островот Кјушу, вклучувајќи го Кумамото, и 200 мм на источниот и централниот дел на земјата, вклучително и Токио, до понеделник вечер, соопшти метеоролошката служба.
Пред две години, поплавите и лизгањето на земјиштето во западна Јапонија однесоа повеќе од 220 животи, што претставува најголем број загинати поврзани со временски непогоди во три децении.