ДПИ: Четири маркети не ги почитувале владините одлуки за замрзнување на цените

Од изршени над 250 надзори, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) утврди дека четири субјекти не ги почитувале последните одлуки на Владата за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи.

Како што информира денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, станува збор за економски субјект во Охрид, кој продавал леб по цена повисока од онаа утврдената во одлуката за забрзнување на цената на лебот до 33 денари, како и за три економски субјекти од Охрид, Битола и Кичево, кои не ја почитувале одлуката за намалување на цените на тестенините и млечните производи.

- По стапување во сила на последната одлука, односно во последните два дена, се извршени над 250 надзори на цела територија. Од надзорите е констатирано дека одлуките се почитуваат, освен кај четири економски субјекти, за кои се изречени прекршочни платни налози во вредност од над 1 120 000 денари, изјави Трајковски.

Тој изрази уверување дека инспекторатот работи со својот полн капацитет и врши надзор на територија на цела држава.

- Добро е што се донесоа ваквите одлуки затоа што тие се пред се за доброто на граѓаните, но трговците не треба да чекаат да се донесат одлуки, па да намалуваат цени, апелирам онаму каде што има можност да ги намалат цените и на другите производи кои се неопходни за граѓаните. Во време на криза потребна е солидарност, а не профитерство, рече тој.

Трајковски порача дека инспекторатот останува на терен да следи дали се постапува согласно Одлуките на Владата.

- Неколку пати апелирав, ќе кажам и сега, да се усогласат цените со одлуките, затоа што секое прекршување на одлуките и законите ќе се казнува, а казните се високи. Дали станува збор за голем познат маркет или локален, тоа не игра никаква улога пред законот сите сме исти, подвлече Трајковски.

Освен замрзнатите цени на лебот, тестенините и млечните производи, се очекува од идната недела да се направат анализи со што ќе се утврди дали ќе бидат замрзнати цените и на шеќерот, јацата и оризот.

На американскиот Самит за демократија ќе учествуваат 120 лидери

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден испрати покани до 120 светски лидери за вториот Самит на демократијата, што е закажан за следната недела.

Неименуван претставник на американската администрација изјави дека поканети се и претставници од осум земји кои не беа на првиот Самит на Белата куќа во 2021 година. Босна и Херцеговина, Гамбија, Хондурас, Брегот на Слоновата Коска, Лихтенштајн, Мавританија, Мозамбик и Танзанија добија покани за овогодишниот Самит откако беа изоставени од листата на покани за Самитот во 2021 година.

Пред Самитот, на 28 март предвидено е украинскиот претседател Володимир Зеленски да учествува на настан посветен на неговата земја, заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Самитот на демократијата годинава ќе се одржи на 29 и 30 март, а коорганизатори ќе бидат владите на Костарика, Холандија, Јужна Кореја и Замбија.

Првиот ден од Самитот ќе биде во виртуелен формат.

Според претставниците на Белата куќа, претседателот Џо Бајден ќе се обиде да нагласи дека настаните од минатата година покажаа со полна сила дека демократската влада, заснована на владеењето на правото и волјата на граѓаните, и покрај нејзините чести нарушувања останува најдобар систем за промовирање на просперитет и мир.

Бајден првично ја изнесе идејата за Самит за демократија за време на неговата кампања во 2020 година.

Детска балетска претстава Петар Пан

 Во Националната опера и балет на 31 март премиерно ќе биде изведена детската балетска претстава Петар Пан во режија и кореографија на Ирена Лозинска.

Детали за претставата ќе бидат соопштени денеска на прес-конференција.

Сценариото и сонговите за претставата ги напиша Ристо Самарџиев, визуелната магија е доловена преку костимите на Елена Вангеловска и сценографијата на Љупчо Јованов. Музиката е на Владимир Дојчиновски –Дојчин, а продукцијата на М-Соунд.

Во овој музичко балетски спектакл учествуваат и 56 деца од балетско студио „Арт балет“, заедно со Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау, гостите при балетскиот ансамбл.

Детската балетска претстава за Петар Пан, момче што не сакаше да порасне, ќе биде изведена од 17:30 и 20 часот на 31 март, а билетите можат да се набават на mktickets.mk, Југотон и Литература.мк.

Нов Зеланд почнува кампања за утеха на млади со скршено срце

Владината кампања „Love Better“ нуди совети и поддршка кога љубовта ќе заврши, а ќе биде прикажана во подкаст и на платформи како што е Инстаграм.

- Нов Зеланд почна кампања за да им помогне на младите во земјата да ги надминат болните раскинувања, охрабрувајќи ги оние со скршено срце да се помират со тоа и да ги блокираат своите поранешни партнери/партнерки на социјалните мрежи.

Владината кампања „Love Better“ нуди совети и поддршка кога љубовта ќе заврши, а ќе биде прикажана во подкаст и на платформи како што е Инстаграм.

„Раскинувањата болат... но, морате засекогаш да ја свртите страницата. Преземете одговорност за вашите чувства“, вели смирувачки глас во видеото од кампањата.

Еден неименуван млад човек рече дека ја блокирал поранешната девојка на социјалните мрежи бидејќи не можел да спие ноќе и дека се станува чудно и надвор од контрола.

Властите на Нов Зеланд најавија дека ќе одвојат 6,4 милиони новозеландски долари (3,7 милиони евра) за тригодишната кампања.

„Знаеме дека раскинувањето на љубовните врски е болно. Сакаме да ги поддржиме нашите млади луѓе и да им дадеме до знаење дека има излез", изјави неименуван претставник на властите.

Кампањата им овозможува на младите да ги споделат своите приказни и на тој начин да им помогнат на своите врсници кои можеби поминуваат низ слични искуства.

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) објави дека Нов Зеланд има една од највисоките стапки на самоубиства меѓу развиените земји.

притисни ентер