Дождот стави дел од пожарите под контрола

Вчераниот дожд делумно ја олесна состојбата со пожарите. Во моментов имаме три активни. 

После една недела Прилеп здивна. Дождот ја смири ситуацијата со пожарот во мариовскиот крај, кој за неколку дена направи огромен пустош и се закануваше на повеќе населени места.

Засега, неофицијалната причина за пожарот кој зафани површина од 15.000 хектари е удар од гром.

Од прилепскиот кризен штаб информираат дека екипи се уште се на терен и го надгледуваат просторот. Пожарот пак кај селата Дрен и Смолани за среќа се држи под контрола.

А во сезона на пожари, цвета бизнисот на дрвокрадците, па макар тоа било и на денот на независноста. Заменик директорот на Национални шуми, Кире Михаилов информираше дека во Општина Кичево бил прекинат огромен ланец на кражба на дрвна маса.

-Истиве групи имаа огромна логистика од повеќе институции и успешноста на денешнава акција бараше преголем и сериозен ангажман. Денеска правдата ќе биде задоволена, а сите овие луѓе кои денеска беа затекнати во нелегални активности ќе бидат извадени пред лицето на правдата. Во текот на наредниве денови ќе бидат превземени сите активности и против нашите вработени кои немо кумуваа на овој криминал – напиша тој на социјалните мрежи.

Што се однесува до кражбите на дрва, звештајот на сајтот за мониторирање на шумите низ светот, „Глобал форест воч“ покажа дека над 35 илјади хектари шума се загубени во Македонија во последните 17 години. Грубите проценки се дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрва.

Средба Зеленски - папа Франциск

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во Ватикан се сретна со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Нивната претходна средба беше на маргините на Самитот на Г7, што се одржа летово во јужна Италија.

Зеленски синоќа во Рим се сретна премиерката на Италија, Џорџа Мелони, а по средбата со папата Франциск ќе отпатува за Берлин каде се предвидени средби со германскиот канцелар Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмајер.

Украинските власти во март се налутија на папата Франциск откако тој предложи тие да имаат храброст на „бело знаме“ и да преговараат за крај на војната со Русија. Тогаш Зеленски ги отфрли изјавите на папата како „виртуелно посредување“ од далечина.

Папата Франциск тогаш исто така, ги критикуваше плановите на украинските пратеници да ги забранат активностите на огранокот на православната црква поврзан со Русија. Украина тврди дека огранокот шири проруска пропаганда и пружа засолниште на шпионите. /MИА

ФК Вардар го претстави новиот сопственик

Фудбалскиот клуб Вардар денеска преку соопштение потврди дека има нов сопственик, откако унгарскиот бизнисмен Атила Бижен Жалили купил 85 отсто од акциите на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Во соопштение споделено преку фудбалскиот клуб, сопственикот се обрати до фановите, потврдувајќи го преземањето на клубот.

„Задоволство ми е да ја информирам македонската јавност дека од 7 октомври според претходно потпишаниот договор, 85 отсто од акциите на АД ФК Вардар-Скопје се преземени, а со тоа и управувачкиот пакет на компанијата.

Со нашето големо искуство во менаџирање на фудбалски џинови и соработка со десетици познати клубови ширум Европа, ние ќе обезбедиме брза финансиска, организациска и резултатска консолидација на овој најголем спортски бренд во Македонија.

Во изминативе неколку години, како дополнување на бизнисот кој го имаме, нашиот фокус беше да преземеме клуб од Централна Европа или Балканот. Имавме неколку опции пред нас. Но благодарејќи на упорноста и аргументите презентирани од Миленко Неделковски, се одлучивме за најголемиот спортски бренд во Македонија.

Да го направиме Вардар повторно голем“, стои во обраќањето на Жалили до македонската фудбалска јавност.

Ваквата објава доаѓа по серијата на протести на навивачката група Комити, кои бараат оставки од раководството на клубот и Миленко Неделковски. На натпреварите тие скандираа пораки со барања Неделковски да се повлече од клубот.

Љутков: Лидерството на младите е важна алка за културата

„Лидерството на младите е важна алка за културата како приоритет за остварување глобален мир“.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Охрид се обратил на Форумот за културна дипломатија, организиран од Школата за млади лидери, под покровителство на поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов.

Како што соопшти Министерството за култура, говорејќи на темата „Младите лидери во меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир“, Љутков ги охрабрил младите, порачувајќи дека тие се двигател на иднината, тие ја имаат силата да донесат промени и да ја обликуваат иднината со визија и храброст.

-Лидерството не е титула, туку акција. Бидете храбри, верувајте во себе и инспирирајте го светот со вашата енергија, страст и решителност. Македонија како членка на Обединетите нации ја спроведува Агендата за одржлив развој за 2030 година, која признава дека мирот и безбедноста се предуслови за постигнување одржлив развој, но и дека одржливиот развој го обезбедува патот кон мирни општества. Младите се високо во оваа агенда. Потребни се итни мерки кои ќе обезбедат мир и хумани општества. Културата во овие процеси има едно од централните места. Таа мора да се стави во приоритетите на развојните политики зашто како белег на идентитетот на едно општество е често на удар, истакнал министерот.

Љутков посочил дека културата е особено ранлива категорија, но, од друга страна, културата е силно оружје за глобално обединување на човештвото.

-Токму таква сила има културната дипломатија што ја поседува таканаречената ’мека моќ‘ за создавање на врските меѓу државите. Нејзината цел е преку размена на уметност, на јазик и традиција да поттикне позитивни односи меѓу народите. Културната дипломатија овозможува поголемо разбирање и надминување на стереотипите, градење доверба и пријателски односи меѓу различни заедници, надминување на конфликтите од секаков вид. Затоа е неизбежна врската меѓу културата и глобалниот мир, рекол Љутков на темата на годинашната сесија на Школата за млади лидири.

Пред присутните панелисти од повеќе институции од светот и учесниците на Школата за млади лидери, Љутков им се обратил на младите велејќи дека светот е полн со неизвесност, но тој истовремено изобилува со потенцијал што мора да биде искористен. Затоа, додал тој, вештините и визијата на младите се алатките што можат да ја надминат неизвесноста и да ја претворат во можности.

Тој се осврнал на значењето на знаењето и на мудроста во процесот на созревање на младите, но ги охрабрил и во поглед на одржувањето баланс помеѓу личниот и професионалниот живот, стои во соопштението.

-Важно е да се сетите зошто сте започнале. Што е тоа што ве мотивирало да станете лидери? Кога ќе се вратите на таа основна мотивација, ќе ја најдете вашата сила повторно, истакнал Љутков на сесијата во Охрид.

Вториот форум за културна дипломатија на Школата за млади лидери, со тема „Младите лидери во меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир“, започнал со обраќањата на - Ивица Боцевски, специјален претставник на македонската Влада за време на унгарското претседателство со ЕУ, поранешниот претседател Ѓорге Иванов и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

На Форумот учествуваат високи претставници од земји од светот, од УНЕСКО, од Европскиот парламент, министри и амбасадори.

притисни ентер