Додека Законот за попис чека на гласање, власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека пописот како што го планира власта без општествен консенсуз е гаранција за поларизација на граѓаните и инсистираат предлог законот да биде повлечен во спротивно ќе ја активираат иницијативата за предлог закон за поништување на актуелното законско решение.
,,Таа акција ќе биде спроведена онака како што треба, преку подрачните единици на Министерството за правда, луѓето ќе може да се потпишат во подрачните единици на градовите, а бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство. И целта е тоа, да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција – попис, поддржана од сите
СДСМ од друга страна пак ја обвини опозицијата за делување против државните и националните интереси, бидејќи според нив, кога и да се носат значајни законски решенија во корист на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ делува неодговорно и деструктивно.
,,Денеска од овде, од пред белиот дворец, симболот на криминалот и режимот, на уплашениот Христијан Мицкоски сакаме да му порачаме: По шест изборни порази можеме да разбереме дека Мицкоски има страв од граѓаните, но не треба да се плаши, на пописот не се гласа, тоа не се избори, тоа е статистичка операција. Доста се неразумни блокади, кочења, политизација. Успешниот попис Мицкоски може да го смета за уште еден пораз, но пописот не се избори, таму нема губитници и победници.
Ситуацијата со пописот ја прокоментира и Претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека досега е нечуено ширум Европа да се користи отпечаток од прст за попис, како што бара опозицијата, велејќи дека и многу меѓународни експерти посочуваат дека попис не се спроведува на тој начин. Се очекува предлог законот за попис на гласање на собраниска седница да биде ставен в понеделник.