Додека едни се против, други го поздравуваат дигитализирањето на учебниците.
Од коалицијата „Маргини“ велат дека со овој закон дискриминацијата, шовинизмот и родовата нееднаквост во старите учебници ќе станат минато, а дигитализацијата е неизбежен дел од модерниот начин на учење кој ќе произведе поквалитетен кадар.
„Многу често излегуваа во јавноста фотографии од учебници со вакви застарени содржини што повеќе потсеќаат на 19 наместо на 21 век, така што во законот се внесени соодветни механизми и процедури кои што ќе не заштитат од вакви појави. Учењето преку компјутер е нов и современ начин, еве вие знаете дали во денешно време одите во библиотека кога ви треба содржина или користите Google или други мрежи. Нашите ученици не смеат да заостануваат во овој дел.“- Драгана Дрндаревска, коалиција „Маргини“.
Министерството за образование преку обемно соопштение ги појасни најголемите дилеми на родителите кои реагираат на новите реформи.
Потенцираат дека компјутерите и таблетите ќе се набавуваат етапно, ниту едно дете од социјално ранливо семејство или со попреченост нема да остане без уред за учење, а за користење на компјутерите во училиштата нема да биде потребен Интернет.
„Учебникот се симнува на уредот само еднаш и останува додека корисникот не го отстрани. Мултимедијалните содржини кои ќе бидат составен дел од дигиталните учебници ќе бидат достапни и кога уредот не е поврзан на интернет. Интернет ќе биде потребен кога темата од одреден предмет наложува истражување, разгледување на друга мултимедијална содржина и слично и уверени сме дека сите ќе добијат можност да го користат интернетот за такви прилики, или на часот или во домот.“-МОН.
Од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ утре излегуваат на мирен протест бидејќи, како што велат, надлежните останале глуви на нивните барања.