До утре туристичките агенции може да се регистрираат на платформата „Дома си е дома" за користење ваучери

Лиценцираните туристички агенции кои сакаат да работат со ваучери за туризам, до утре, 10 август, може дополнително да се регистрираат на платформата „Дома си е дома". 

На овој начин, граѓаните кои добиле ваучери за туризам, освен во сместувачките капацитети ќе можат да ги искористат ваучерите и преку туристичките агенции кои ќе се регистрираат на платформата.

За да исполнуваат услови за пристап до платформата, туристичките агенции треба да имаат валидна лиценца за работа издадена од Министерството за економија и да ја прикачат на платформата.

Агенциите кои претходно се имаат пријавено на платформата „Дома си е дома", а ги исполнуваат условите (имаат валидна лиценца) автоматски ќе бидат одобрени од страна на Министерството за економија.

Туристичките агенции може да понудат сместување, но и да вклучат дополнителни услуги како превоз до туристичките центри, екскурзии, водичи, прошетки. При реализација на ваучерот треба да имаат склучени договори со објектите за сместување (категоризирани). Треба да водат евиденција за секој корисник на ваучер (име и презиме на носителот на ваучерот, термин кога се користат ваучерите и назив на објектот во кој ваучерот ќе се користи). Доколку туристичката агенција нуди аранжмани, во договорот за аранжман треба да стои име и презиме на носителот на ваучерот, термин и времето кога ќе се користи и во кој објект.

Туристичките агенции до Министерство за економија ќе достават фактура за плаќање на искористените ваучери за туризам со прилог (листа со кодовите од ваучерот за туризам и име и презиме на носителот на ваучерот, име на објектот каде лицето престојувало и договори со угостителските објекти и објектите за сместување каде се искористени ваучерите). Со оваа можност, освен на туристичките агенции, Министерството им излегува во пресрет и на граѓаните кои имаат ваучери за туризам за да може да го искористат за повеќе услуги преку туристички агенции како што е превоз до туристичките места.

Како што соопшти Министерството за економија на 5 август, за 20 дена откако стартувала мерката ваучери за домашен туризам биле искористени над 8.400 ваучери. Ваучерите граѓаните ќе може да ги искористат до 15 декември 2020 година.

Ваучер за туризам се издава на вработени лица со низок доход заради плаќање искористена туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти за сместување и преку даватели на туристички услуги, регистрирани вршители на туристичка дејност.

Европската агенција за лекови го одобри дексаметазон за лекување на коронавирусот

Европската агенција за лекови ја одобри употребата на дексаметазон за третман на пациенти со ковид-19 кои имаат проблеми со дишењето, отворајќи го патот овој стероид да стане втор одобрен лек за третман на ковид-19 во Европа по ремдесивирот.

ЕМА денеска објави дека лекот може да биде опција за лекување на возрасни и адолесценти на кои им е потребна терапија со кислород или респиратор, откако ги разгледа резултатите од студијата на британските научници.

Студија наречена „ RECOVERY“ спроведена од научници од Оксфорд покажала во јуни дека дексаметазонот ја намалува смртноста за околу една третина кај тешко болните лица со ковид-19. Лекот, во меѓувреме, е одобрен во Јапонија за третман на ковид-19.

Лекот се користи со децении, е ефтин и лесно достапен. Често се користи за разни воспалителни состојби. Компаниите сега можат да побараат дозвола од нивните национални регулатори или од ЕМА за дополнителна употреба на лекот, соопшти Агенцијата.

ЕМА исто така наведува дека препорачаната доза за возрасни и адолесценти, на возраст од 12 години и тешки најмалку 40 килограми, е 6 мг еднаш на ден во текот на десет дена.

Европската комисија издава одобрение за ставање во промет и обично ги следи препораките на ЕМА. Антивирусниот лек Ремдесивир на Гилеад е првиот одобрен лек против ковид-19 во Европа. Тој беше одобрена во јули.

Груби - Ромео: Италија е наш партнер на патот кон европската интеграција

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денес оствари работна средба со амбасадорот на Италија ,Карло Ромео.

На оваа средба Груби и Ромео разговараа и за билатералните односи меѓу Македонија и Италија, кои со години се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање.

Во оваа пригода, првиот вицепремиер Груби му порача на амбасадорот Ромео дека ја цени систематската поддршка што Италија ја нуди во процесот на евроинтеграцијата на Македонија и изрази задоволство што многу од проектите финансирани од италијанската држава силно ги поддржуваат приоритетите на земјата за членство во најбрз можен рок во Европската Унија.

Италијанскиот амбасадор Карло Ромео изрази голем оптимизам дека во наредниот период, Македонија, како и другите земји, ќе биде силно посветена на зајакнување на економијата и обезбедување соодветна здравствена заштита за своите граѓани како заштита од Ковид-19. Тој исто така рече дека земјата, односно државните институции, ги очекуваа зголемување на обемот на работа се со цел исполнување на европската агенда, вклучувајќи ги овде реформите во борбата против корупцијата, реформите во судството и владеењето на правото, реформи на кои Европската Унија обрнува посебно внимание.

Груби и Ромео разговараа и за развојот на соработката во областа на економијата, обрнувајќи посебен акцент на планот за привлекување повеќе италијански инвестиции во земјата. Исто така разговараа и за размена на практики што би и помогнале на Македонија како идна членка на ЕУ.

МЗШВ:Дополнителна интервентна мерка од 4 денари за килограм предадено грозје

Mинистерот за земјоделство шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев  имаше работен состанок во  Кавадарци со претставници на здруженијата на лозарите и винарските визби.

На состанокот, министерот информираше за новата дополнителна интервентна мерка за откуп на грозје, која претходниот ден беше договорена на состанок со владиниот економски совет, на кој беше присутен и премиерот Зоран Заев.

Со оваа дополнителна интервентна мерка, Владата ќе одвои доплнителни 4 денари за килограм предадено грозје наменето за преработка, а средства ќе се обезбедат од Ковид програмата на Владата.

“Освен мерките кои ние ги предложивме претходно, за да се достигне ланската цена на грозјето и подршката за извозот на флаширано и наливно вино, која беше наменета за супституција во транспортот, денес ја претставивме и новата мерка која ја преземаме заради квалитетот на грозјето кое има под 18 малигани, ние додатно како Влада ќе помогнеме со дополнителни 4 денари за тоа грозје кое не е наменето за вино, туку ќе има друга намена како на пример за вински дестилат или за концентрат за сокови“ – изјави министерот Хоџа.

Претходно договорените 2 денари за вранецот и смедеревката остануваат на важат и ќе бидат исплатени од Програмата за директни плаќања и 2 денари субвенција за откупено грозје, средства кои ќе бидат исплатени до крајот на оваа година преку владината Ковид програма. Остануваме на супституција на транспортот со 20 отсто на транспортните трошоци за наливното вино и 30 проценти супституција за флашираното вино.

Дополнително за извозот, за откупени до 12 милиони килограми државата ќе субвенционира 2 денари, ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми ќе добијат 3 денари, а ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми ќе добијат 4 денари субвенција.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува да работи во интерес на сите чинители на секторот. Со заеднички труд и заложби ќе продолжиме во насока на стабилно, конкурентно и развиено земјоделство, се наведува во соопштението на МЗШВ.

притисни ентер