Проверките на американскиот тим за корупција кај поранешни и актуелни функционери е пораз за политиката кај нас и показател дека сме го допреле дното- ова е оценката на Антикорупциската комисија, од каде ја поздравија одлуката за конкретна мерка. За ДКСК е логична реакцијата на САД по потрешените милиони за обуки на обвинителите и судиите во земјава кои не дадоа ефекти, а се сомневаат и дека тимот од Вашингтон доаѓа по барање на земјава. Дали и кога ќе се сретнат со нив, антикорупционерите се уште немаат информација.
-За нас е поразително затоа што ние дома не сме си ги завршиле сите домашни задачи, затоа доаѓаат тука. Ние сме сериозен кандидат за влез во ЕУ, американците нас не поддржуваат и ни даваат поттик, но вакви какви што сме, реално имаме проблем со правосудниот систем. Тие ни даваат помош да го надминеме тој проблем и полесно да зачекориме-Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК.
Покрај помошта од САД, претседателката на комисијата Ивановска вели дека проверките на Антикорупциска продолжуваат во правосудството како еден вид на ветинг. По многубројните предвремено положени правосудни испити, меѓу кои беше и синот на Талат Џафери, ќе ги чешлаат сите судии и јавни обвинители кои поминале на филтерот на Академијата од нејзиното основање до денес, а проверки ќе има и во сите универзитети во земјава.
Нас ни е прашањето: кои се судии и јавни обвинители, дали некој од нив досега го прекршил законот и полагал предвреме, а од друга страна е делач на правда. Правда дели, сега или е обвинител или е судија. Од друга страна, сакаме да видиме што се случувало во универзитите,-Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК.
Најавениот закон за ветинг од власта, според Ивановска зависи од политичката волја. ДКСК има дилема кој ќе го спроведе тој закон и дали државата има капацитет да формира комисија задолжена за вистински ветинг.
Според најавите од премиерот Ковачевски, овој закон ќе биде пуштен во собраниска процедура по нова година, а во тек се усогласувања дали ќе се проверуваат имотите и кредибилитетот само на судиите и обвинителите или на сите избрани и именувани фуникционери.