Џафери:Никој не беше загрозен, јас сум должен да обезбедам функционално Собрание

Собранието вчера конечно го усвои петтиот пакет антикризни мерки, но реакциите околу седницата продолжија и денеска. 

Ако и понатаму има условувања и блокадиод опозицијата во Собранието, спикерот Талат Џафери не ја исклучува можноста повторно ковид позитивни пратеници да дојдат на гласање во скафандери. За вчерашната седница која предизвика многу реакции во јавноста на прес-конференција објасни дека бил приморан да се повика на дополнет протокол кој уште лани бил одобрен од Комисијата за заразни болести и лично од Караџовски.

На прашање за дилемите дали пратениците се привилегирани за разлика од другите граѓани Џафери смета народните избраници може да работат и во вонредна и во воена состојба.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија кривични пријави за сите инволвирани во вчерашните случувања, додека за СДСМ протоколите се испочитувани и ничие здравје не е загрозено.

Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ се двајцата пратеници кои во скафандери влегоа во посебни кабини во Собрание за кворум за 32. Седница и гласање на 36. седница, на која заедно со опозициските пратеници со 115 гласа „за“ ги донесоа економските закони за помош на граѓаните и стопанството.

Објавени седум повици за финансиска поддршка за угостителскиот и туристичкиот сектор

Објавени се седум јавни повици за финансиска поддршка за угостителскиот и туристичкиот сектор. 

Јавните повици се однесуваат на туристичките агенции, туристичките водичи, естрадните уметници, компаниите организатори на настани, игротеките, приватните детски одмаралишта, кабареата, ноќните клубови, диско клубовите и рестораните за свадби.

Јавните повици се усвоени на вчерашната владина седница, а се дел од шестиот антикризен пакет, тежок 17,8 милиони евра, со кој се очекува да се поддржат околу 10 илјади компании кои вработуваат околу 60 илјади граѓани.

– За сите овие јавни повици како основа за пресметка на поддршката ќе се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година. Висината на поддршката се пресметува како износ од 30 проценти од просечниот месечен приход. Дополнително, секој регистриран активен субјект ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен според бројот на ефективни работни часови со пресек на 31.12.2020 година, појасни министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Кај туристичките агенции, износот на средства ќе се движи од 60.000 до 300.000 денари, а ќе зависи од остварениот вкупен приход и бројот на вработени во 2019 година, како и од видот на лиценцата.

Така, за туристичка агенција со Б лиценца која имала вкупни приходи до еден милион денари, грантот ќе биде во износ од 60 илјади денари, а за туристички агенции со вкупен приход од еден милион до 2,5 милиони денари, грантот ќе изнесува 90.000 денари. Туристичките агенции кои имале вкупен приход над 2,5 милиони денари ќе добијат грант од 120 илјади денари.

Кај туристичките агенции со А лиценца, оние кои прикажале вкупни приходи во 2019 година до милион денари, ќе добијат грант од 100 илјади денари, оние кои имале приходи до 2,5 милиони денари, ќе добијат 200 илјади денари, додека оние кои имале приходи над 2,5 милиони денари, ќе добијат грант од 300 илјади денари.

Освен туристичките водичи и естрадните уметници, сите останати компании кои на 31 декември лани имале намален број на вработени во однос на почетокот на годината, ќе треба да вратат 50 проценти од доделената финансиска поддршка. Доколку, пак, го задржале истиот број на вработени, ќе треба да вратат 20 проценти од финансиската поддршка, а ако го зголемиле бројот на вработени, тогаш нема да има потреба да ја враќат добиената финансиска помош.

Во однос на реакцијата на Независната угостителска комора дека со шестиот пакет мерки нема да бидат опфатени сите угостители, Бектеши рече дека нивните барања ќе бидат разгледани. Тој лично не се согласува со оценката дека нема да бидат опфатени најголемиот дел од регистрираните угостителски субјекти.

– Имајќи предвид дека во нашата држава има регистрирано околу 6.000 угостителски субјекти со главна дејност, а веќе имаме над 5.000 апликации, јас не мислам дека условите не се прифатливи за повеќето бидејќи интересот е многу голем, рече Бектеши.

Наскоро се очекува да се најде решение и за фитнес центрите и фотостудијата. Веќе следната недела на владина седница, како што најави генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, се очекува да се најде решение и за овие две дејности.

– Фитнес центрите секако се во план и се надеваме дека на наредната владина седница ќе се објави повик за аплицирање за поддршка. Ќе бидат опфатени и фотостудијата, изјави Зеќири.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 е забележан пад на бројот на странски туристи за дури 84,4 проценти, додека кај домашните туристи падот е 18,3 проценти.

Филипче: Меѓународен ден на медицинските сестри

 Меѓународен ден на медицинските сестри - Благодарност за пожртвуваноста во текот на пандемијата.

Денеска (12 мај) е меѓународниот ден на медицинските сестри и по овој повод министерот за здравство д-р Венко Филипче се сретна со медицинските сестри вработени на КИБФС во Скопје, искажувајќи ја искажа својата благодарност за целокупниот придонес во текот на пандемијата при посетата на медицинските сестри вработени во КИБФС.

-Вашата улога во справувањето со оваа пандемија е од големо значење за сите нас, а сето ова ја истакна важноста на работата која секојдневно ја извршувате. Вие не сте само промотери на здравјето, туку сте и заштитници, чие знаење и пожртвуваност секојдневно спасува безброј животи - истакна министерот Филипче.

Есенцијалноста и придонесот кон справувањето со целокупната пандемија ја потенцираа клучната улога на медицинските сестри во здравствениот систем. Во изминатиот период како никогаш досега се подобрени условите за работа на медицинските сестри и на целокупниот здравствен персонал.

Зголемувањето на платите на медицинските сестри беше неколкукратно, започнувајќи од 2018 година па се до денес. Во мај 2018 реализирано е зголемување на износот на додатокот за работа ноќе од 29 % на 50 %; зголемување на износот на додатокот за работа ноќе од 29 % на 50 %. Во февруари 2019 година реализирано е зголемување од 5% на платите за: средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование; (освен: ГОБ 8-ми Септември, ПЕТ Центар и УК за хир.бол. Св.Наум – 8%); зголемување од 8% за : средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование. Во јануари 2020 година реализирано е зголемување од 10% за: средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование.

Министерство за здравство

Од утре вицепремиерот Димитров на Делфи форумот во Грција

Вицепремиерот Димитров ќе учествува на две панел-дискусии.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на покана на основачот и претседателот на Delphi Economic Forum (DEF), утре и задутре ќе учествува на шестиот по ред Економски форум Делфи, кој што годинава поради пандемијата се одржува во Атина во периодот од 10 до15 мај, а под покровителство на Претседателката на Република Грција, Катерина Сакеларопулу.

Вицепремиерот Димитров ќе учествува на две панел-дискусии и тоа, утре 13 мај (четврт​ок) со почеток во 10:15 часот (по македонско време), заедно со кипарскиот МНР Христодулидес и грчкиот заменик МНР за ЕУ, Варвициотис, ќе се обрати на темата „Дипломатијата на малите држави во комплексниот поредок".

На 14 мај (петок) со почеток од 9:30 часот (по македонско време), вицепремиерот Димитров заедно со Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји, ќе учествува на панелот посветен на ЕУ и Западниот Балкан, насловен „Остварување на долгоочекуваното ветување".

На маргините на Форумот, предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои со МНР на Грција – Никос Дендиас, МНР на Кипар – Никос Христодулидес, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград- Приштина, Мирослав Лајчак, како и со министерот за дигитализација на Грција - Кирјакос Пјеракакис. Димитров, како дел од делегацијата на Македонија предводена од премиерот Заев, ќе го придружува и на средбата со грчкиот премиер Мицотакис, како и други значајни средби од агендата на претседателот на Владата.

Целта на овој настан е преку обединување на светските лидери да се продлабочи разбирањето на меѓусебно зависните прашања и предизвици кои влијаат на глобалната заедница, Европската Унија, поширокиот Медитерански регион и на Југоисточна Европа, како и да се испорачаат и промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст на Европа.

притисни ентер