Џафери: Нема основ Собранието да постапува за Богоевски, надлежни се други институции

Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека нема уставна ниту деловничка основа да поокрене постапка во случајот со пратеникот Павле Богоевски и очекува ефикасно постапување на надлежните институции за целосно расчистување на случајот.

-Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, секогаш кога според Уставот и Деловникот на Сoбранието е должен да постапува, презема конкретни иницијативи и мерки кои се во согласност со неговата надлежност. Во овој момент нема основ за каква било постапка. Претседателот на Собрането очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот, се наведува во ставот соопштен од кабинетот на Џафери.

Од Владата, пак, за случајот со пратеникот Павле Богоевски упатуваат дека одговорите треба да се бараат во Собранието, бидејќи во нивна надлежност се прашања или случувања кои се однесуваат на одговорноста на владини функционери.

-Во овој конкретен случај имајќи предвид дека станува збор за пратеник кој е дел од законодавната власт сметаме дека е потребно овој одговор да го дадат во Собранието. Инаку, конкретно во однос на поднесената пријава од страна на пратеникот сите засегнати институции ќе постапат според прописот со цел расветлување на случајот, особено за снимањето и емитувањето на материјалот кој е забранет, како и за самоиницијативно поднесената пријава од страна на пратеникот Павле Богоевски, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната редовна прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.

На руската мрежа „Вконтакте" на профилот „Илија Громовник" деновиве беше објавена аудио снимка на која се тврдеше дека Богоевски е снимен како нарачува кокаин. Пратеникот Богоевски потврди дека тоа е неговиот глас, но кажа дека не нарачувал кокаин туку масло од канабис. За неовластеното прислушување и тонско снимање, предвидено со чл. 151 од Кривичниот законик тој во ПС Центар поднесе пријава и рече дека очекува сторителот да биде изведен пред правдата. Се пријави и самиот себе си во одделот за борба со недозволена трговија и шверц затоа што нарачувал масло од канабис, но вели тоа го направил за блиска особа за медицински цели, а не за пуштање во продажба. /МИА.

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. 

Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.

„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски, соопштуваат од неговиот тим.

Портокалова велосипедска тура, изложба на карикатури и холандски пазар на Деновите на Холандија

По повод националниот ден на Холандија – Денот на Кралот, Амбасадата заедно со своите партнери го отвори второто издание на „Денови на Холандија“ во Ист Гејт Мол во Скопје. 

Амбасадорот Дирк Јан Коп и извршниот директор на Ист Гејт Мол Игор Давков ги пречекаа посетителите со посебно искуство кое вклучуваше портокалова велосипедска тура, изложба на декорирани велосипеди, филмови во виртуелна реалност и холандски пазар.

Настанот започна со симболична портокалова велосипедска тура и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје во организација на Гоу грин – Биди зелен. Покрај автентичните холандски производи во понудата на холандскиот пазар беа вклучени и локални продукти произведени со холандска технологија.

Во рамките на отворањето амбасадорот Коп ги објави и победниците на регионалниот натпревар за карикатури организиран од холандското Министерство за надворешни работи и организацијата Картун мувмент. Независно жири составено од претставници од сите шест држави од Западен Балкан ја додели првата награда на Душан Перишиќ од Србија а втората награда на Арменд Ајредини од Македонија.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (19-21 април) од 12:00 до 18:00 часот. Изложбата на карикатури може да се посети до крајот на април.

Германската шефица на дипломатијата во кавга со Нетанјаху за снимките од пазарот во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се судрија за време на состанокот во Ерусалим околу хуманитарната помош за Појасот Газа, пренесоа германските медиуми.

Баербок и Нетанјаху се судрија околу тоа дали жителите на Појасот Газа имаат доволно храна на располагање. Нетанјаху ѝ покажа фотографии на Баербок, наводно од северниот дел на Газа, каде што се вели дека хуманитарната криза е најлоша, а на кои што се гледаат пазари преполни со овошје, зеленчук и други прехранбени производи.

Како одговор, Баербок на својот мобилен телефон покажа фотографии од прегладнети деца од Појасот Газа и рече дека фотографиите што ги покажал Нетанјаху не се вистинити.

Според израелската ТВ станица Канал 13, израелскиот премиер рекол: „Ние не сме нацисти“, алудирајќи на пропагандните филмови на националсоцијалистичкиот режим кои сугерираа изобилство и добри услови за живот во варшавското гето во 1942 година.

Нетанјаху рече дека фотографиите на кои се прикажани преполните пазари во Газа се од израелската државна канцеларија Когат, која е задолжена за контакти со Палестинците и хуманитарна помош. Германското Министерство за надворешни работи воздржано реагираше на медиумските написи и соопшти дека тие „не го одразуваат вистинскиот тон“ што преовладувал за време на разговорите.

Според овие информации, Баербок, која вчера престојувала во Израел за да укаже на лошата хуманитарна состојба во Појасот Газа и да се бори за поголема помош, не му замерила на Нетанјаху дека фотографиите што ги има се лажни, туку дека не одговараат на севкупна слика за состојбата на цивилите во Газа.

притисни ентер