Димовски: ССМ утре дефинитивно излегува на штрајк

Димовски е разочаран од преговорите кои денеска се воделе во последен момент, пред најавениот штрајк за утре

Преговорите со владините претставници не вродија со плод. Сојузот на синдикати на Македонија утре дефинитивно излегува на штрајк со кој ќе го изрази незадоволството по однос на недоговореното денеска, а тоа е линеарно покачување за сите по 2 806 денари и утврдување на регрес во јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата, најави денеска по средбата со владините претставници претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Тој додава дека е разочаран од преговорите кои денеска се воделе во последен момент, пред најавениот штрајк за утре, при што ги оцени како обид за купување на време.

-Тие не ни понудија ништо друго, не ни понудија ништо освен правење одредени комисии каде што ќе се усогласи методологијата, убедувајќи не дека административниот службеник и давателите на јавни услуги се непродуктивни работници, што не е така. Тие се сервис на граѓаните, ние од нив користиме услуги. Тие достоинствено си ја работат работата и сметаме дека дојде времето нашето незадоволство да го искажеме на улица, рече Димовски.

Тој додаде дека утре како ССМ ќе излезат на улица, ќе наредат 120 столчиња пред Собранието, каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.

-На тој начин ќе упатиме апел доколку тоа не се случи дека и тие утре можат да бидат дел од нас работниците, кои ќе стојат надвор пред Собранието бидејќи работникот е оној што гласа и во наредните избори ќе биде клучната алка за која партија ќе биде на власт, рече претседателот на ССМ.

Тој јавно побара помирувачот кој што е дел од Министерството за труд и социјална политика да го прочита Законот за мирно решавање на спорови и членовите во тој закон, и да не ги убедува дека помирувањето може да трае 20 дена и оти за тој период ССМ не треба да штрајкува.

-Не, во членот 18 од Законот за мирно решавање на спорови, штрајкот се спречува само 10 дена, а преговорите траат 20 дена, што значи дека треба да имаме подготвен преговарач кој ќе ги брани реално страната која во процесот е оштетена, а тоа сме ние, нагласи Димовски.

Тој соопшти дека ССМ понудил да има уште една средба денеска во текот на денот, за, како што нагласи, да се консолидираат, и да пресметаат колку средства се потребни за линеарното покачување на платите, бидејќи преметките на синдикатот од барањето претпочено во амандман покажуваат дека во бруто износ се потребни само 30 милиони евра за да бидат опфатени сите вработени во јавниот сектор со линеарното зголемување.

Според Димовски, штрајкот значи прекин на работниот процес за време на работното време на работното место.

-Ние како ССМ не можеме да штрајкуваме во тие одделни институции, ние нашето незадоволство како предводници на овој штрајк ќе го изразиме пред Собранието на РМ во среда, во четврток тоа ќе го пренасочиме кон Владата, а доколку ниту тогаш не се реши проблемот, тогаш ќе одиме пред Министерството за финансии каде што ќе побараме уште еднаш од министерот Бесими да се преиспита во ребалансот на Буџетот и да не стави како ставка за покачување на плати. Доколку и тоа не се случи, знаете што значи штрајк и кои се последиците, очигледо ќе бараме оставка од некои министри. Тоа е наше легитимно право, рече Димовски.

По средбата што ја имаше со ССМ, вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, истакна дека тие се согласни дека треба да има линеарно покажување на платите во јавниот сектор, но оти остануваат на ставот дека тоа треба да се направи со усвојување на методологија, а не со едностран акт.

-Ние остануваме со волјата да се најде решение, но тоа да биде системско решение кое е одржливо за сите страни, а не наоѓање ад хок решение кое можеби само навидум може да го реши проблемот, но, тој веројато ќе се повтори веќе наредната година, рече Битиќи, додавајќи дека усогласувањето на платите треба да биде следено со методологија на раст на плати за, како што нагласи, да не се враќаме со дискусија како сега на секое движење на минимална плата дали имало или немало усогласување на платите во јавниот сектор.

На прашањето зошто се одржува оваа средба непосредно пред одржувањето на штрајкот, а не порано, вицепремиерот истакна дека тие ја побарале средбата пред десет денови, а оти одлуката за одбор на помирувачи од страната на Владата била донесена пред седум дена.

-За ова беше информиран помирувачот, а негова одлука е кога двете страни ќе ги седне на преговори. Едноставно се утврди овој термин како прифатлив за сите страни, истакна вицепремиерот.

Тој информира дека според законот помирувањето е законска одредба поради која побарале временски период за да продолжат започнатите преговори.

– Сметаме дека додека трае фазата на помирување штрајкот не би требало да се одржи, но тоа е демократско право на секоја страна да одлучи дали ќе прифати да има помирување и дали би требало да се одложи штрајкот. Ние ќе го испочитуваме демократското право и демократската одлука на ССМ ако тие продолжат со нивната намера за организирање генерален штрајк, рече Битиќи.

Највисоките тела на Сојузот на синдикати на Македонија на 3 јуни донесоа Одлука за генерален штрајк за 22 јуни, ако дотогаш не бидат исполнети нивните барања.

Откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за нивното барање за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор како што им било ветено за време на преговорите, ССМ бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика, но ни на таа средба не беше постигнат договор. /МИА

Грчкиот Парламент не го изгласа предлогот на опозицијата за недоверба на Владата

Како што соопшти претседателот на Парламентот Константинос Тасулас тридневната расправа траеше над 40 часа, а се обратија 163 говорници, меѓу кои пратеници, министри од Владата и сите лидери на партиите. 

Предлогот за недоверба на грчката Влада доставен од четири опозициски партии, како што и се очекуваше, не го доби потребното парламентарно мнозинство, не беше изгласан од Парламентот и не создаде проблеми за владиното мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина.

Од 300 пратеници во Парламентот, за да помине предлогот, потребно беше да биде изгласан со најмалку 151 глас, а на синоќешното гласање, поддршка доби од 141 пратеник кои гласаа „за“, додека пак останатите 159 беа против, од кои еден независен пратеник и целата пратеничката група на владејачката Нова демократија.

Пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода во вторникот доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, поради новите информации за железничката несреќа во февруари минатата година кај Темпи, објавени од весникот „То вима“.

Како што соопшти претседателот на Парламентот Константинос Тасулас тридневната расправа траеше над 40 часа, а се обратија 163 говорници, меѓу кои пратеници, министри од Владата и сите лидери на партиите.

Текстот во весникот „То вима“ објавен во неделата за монтираните аудиозаписи за железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година во која загинаа 57 лица, кај опозициските партии во Грција предизвика низа реакции, кои кулминираа со доставување на предлогот за гласање недоверба на актуелната Влада.

Синоќа, додека сè уште беше во тек расправата во Парламентот државниот министер Ставрос Папаставру и заменик-министерот без ресор Јанис Братакос си поднесоа оставки, кои беа прифатени од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Владини извори за грчките медиуми коментирале дека „присуството на социјален собир испратило погрешна порака“.

Оставките на Папаставру и Братакос дојдоа откако дел од грчките медиуми објавија дека двајцата министри се сретнале со бизнисменот Вангелис Маринакис, кој меѓу другото е сопственик и на групацијата чиј дел е весникот „То вима“ што во неделата го објави текстот за монтираните аудиозаписи по железничката несреќа. /МИА

Најмалку 38 лица загинаа во израелските напади врз сирискиот град Алепо

Во синоќешните израелски напади врз северниот сириски град Алепо загинаа најмалку 38 лица, меѓу кои и борци од либанското шиитско движење Хезболах.

Претходно сириското Министерство за одбрана соопшти дека при израелските напади погодени се неколку области во и околу градот при што загинале одреден број цивили и војници.

По нападот на Хамас на 7 октомври, Израел ги засили нападите врз базите на проиранските групи на територијата на Сирија. Во некои операции мета беа и позициите на сириската воздушна одбрана и армијата.

Израел со години спроведува слични акции во Сирија, каде што влијанието на Техеран се зголеми откако Исламската Република почна да го поддржува претседателот Башар ал Асад во граѓанската војна што изби во 2011 година. Борците од групите сојузници на Иран, како што е Хезболах, сега се зацврстија на големи делови од источна, јужна и северозападна Сирија, како и во некои предградија на главниот град. /МИА

ЛДП организира „Pet Friendly“ ден во канцеларијата „Либерално ќоше“

„Pet Friendly“ ден за дружење, разговори и идеи на граѓаните со претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова, ќе се одржи денеска во новоотворената канцеларија на ЛДП „Либерално ќоше“ во срцето на Скопје.

- Водејќи се од нашата совесност, свесност и одговорност, покренавме иницијатива за носење на нов закон за благосостојба на животните. Милениците, се семејство, не потрошен предмет и затоа секој сопственик кој го остава својот миленик на улица треба да сноси одговорност и да се обезбеди регулиран систем на одговорно одгледување и размножување. Воедно да се обезбедат соодветни услови за бездомните кучиња и мачки и при тоа да ги заштити граѓаните од несакани повреди, е пораката на Зајкова, стои во соопштението од партијата.

Граѓаните се добредојдени на петочното дружење заедно со своите миленици, а своите идеи и предлози, се додава, може да ги споделат и во писмена форма.

На полето на заштита на животните, ЛДП до Собранието поднесе и предлог за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, којшто ќе воведе построги мерки против оставање животни на улица, поодговорно сопствеништво и ќе ги подобри нивните услови, стои во соопштението.

притисни ентер