Димковски : Сеидбата на ориз е во завршна фаза, откупната цена оваа година највисока досега

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, извршија увид во теренските активности на неколку локации на територија на Општина Кочани.

Кочани е град претпознатлив по производството на оризова арпа од која се добива бел ориз како бренд надалеку познат во светот по својот квалитет. Од оваа земјоделска култура опстојуваат 3 500 земјоделски семејства во Кочанскиот регион.

Во Програмата за 2020 година, беа зголемени субвенциите по обработлива површина со задолжително користење на сертифициран семенски материјал од 12 000 денари на 25 000 денари а за оние производители на ориз без задолжителна употереба на сертифициран семенски материјал, субвенциите беа зголемени од 6000 денари на 18 000 денари.

„Во моментов, сидбата на оризот е во завршна фаза и опфака површина од околу 3200 хектари. Од годинешната жетва се очекува да се добие вкупно производство на оризова арпа од 16.398 тони. Откупот на оризова арпа и бел ориз се одвива непречено и моментално за разлика од минатите години, просечната откупна цена бележи значителен пораст и се движи од 25-30 ден/кг оризова арпа и од 50-65 ден/кг за бел ориз во зависност од тоа дали се работи за крупни или ситни сорти. Политиката на субвенционирање со одвојувањето на оризот од останатите житни култури, ја вракаат оваа култура на нивото од пред дваесетина години кога беше главна земјоделска култура и препознатлив бренд за Кочанскиот регион" изјави министерот Димковски.

На подрачјето на Кочани моментално има 10 субјекти регистрирани откупувачи на оризова арпа кои се запишани во регистерот на откупувачи на земјоделски производи кој се води во МЗШВ согласно член 31 од Законот за земјоделство и рурален развој. Министерот и градоначалникот, денеска беа во посета на компанијата Даниво ДООЕЛ, која е една од најголемите производители на оризова арпа во нашата држава. Даниво ДООЕЛ чија дејност е производство и преработка на ориз и други житарици како и свежа вишна, годишно откупува 5 милиони килограми оризова арпа и е еден од најголемите откупувачи во нашата држава. Благодарение на оваа компанија, белиот македонски ориз стигнува на нашите пазари но и на странските, со што се промовира квалитетот на нашиот ориз.

Министерот Димковски изјави дека за непречено и квалитетно производство на ориз, потребно е стабилно наводнување на земјоделските површини. За таа цел, во 2020 година, на подрачјето на делување на Брегалница Кочани, исчистени се земјени и бетонски канали, речни корита за што е користена постоечката механизација. Во овој период машински се исчистени 150 километри земјени канали, 20 километри бетонски канали, исчистено е речното корито на река Брегалница во должина од 2,5 километри. Рачно се исчистени 50 километри главни и споредни бетонски канали за наводнување. Министерот Димковски и градоначалникот Илијев извршија увид и констатираа дека водата за наводнување на оризовите површини пуштена е секаде, но поради сушниот период од почетокот на годинава, потребно е рационално користење со цел успешно завршување на сезоната.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев изјави дека општината секогаш ќе дава поддршка за развојните инвестиции на оваа Влада и воедно апелираше да се користат мерките коишто значат развој за земјоделското производство, особено за производството на кочанскиот ориз.

Во текот на денешниот ден, министерот Димковски и градоначалникот Илијев, извршија увид и во градежните активности на ХС Оризарска река кој е составен од повеќе потсистеми, кои претставуваат независни градежни целини и кои ќе се реализират во повеќе фази. Првата фаза е завршена и во тек се градежни активности од втората фаза – изградба на хидројазел Речани (брана Речани со придружни објекти, опточен тунел со возводен зафат, преливен орган и темелен испуст). Изведувачките активности се во тек и согласно договорот истите треба да бидат завршени до 2024 година. Оваа капитална инвестиција ќе овозможи снабдување со вода за пиење, наводнување на земјоделски површини во Кочанско Поле од околу 1,500 хектари како и производство на електрична енергија преку изградба на две хидроцентрали.

Кочанското поле каде се произведува македонскиот ориз, е една од целите за развој на земјоделството и токму затоа инвестираме во различни сегменти, а редовното снабдување со вода за пиење и наводнување е клучен фактор за постигнување на нашата развојна цел. Ниеден регион не е запоставен. Капиталните инвестиции секаде се во тек, чекор по чекор до остварување на целта, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

АИ: Глобалните човекови права соочени со најсериозни закани

Човековите права ширум светот се соочуваат со најсериозните закани во последните неколку децении, соопшти Амнести интернешенл (АИ) во својот годишен извештај објавен денеска.

Организацијата ги истакна конфликтите во Газа и Украина, како и ширењето на авторитарните влади, кои му штетат на меѓународниот поредок со кршење на меѓународното право и игнорирање на основните права.

-Флагрантното непочитување на меѓународното право од страна на Израел се надополнува со неуспехот на неговите сојузници да го запрат невиденото крвопролевање во кое страдаат цивили во Газа, изјави генералната секретарка на АИ, Ањес Каламар.

„Покрај руската агресија против Украина, зголемениот број на вооружени конфликти и масовните прекршувања на човековите права, забележани, на пример, во Судан, Етиопија и Мјанмар - глобалниот поредок заснован на правила е во опасност да биде десеткуван“, додаде таа.

И демократиите не ги избегнаа критиките на АИ, а Каламар кажа дека „тоа што го видовме во 2023 година потврдува дека многу моќни држави ги напуштаат основните вредности на хуманоста и универзалноста содржани во Универзалната декларација за човекови права“. Меѓу другото, во извештајот се критикува американското користење на ветото за да се парализира Советот за безбедност на ОН со месеци за резолуцијата за прекин на огнот во Газа.

Извештајот „исто така ги истакнува гротескните двојни стандарди на европските земји како Обединетото Кралство и Германија, со оглед на нивните основани протести против воените злосторства на Русија и Хамас, а истовремено ги поддржуваат дејствијата на израелските и американските власти во овој конфликт“, се наведува во соопштението на Амнести.

Војната во Украина беше уште еден клучен фактор што придонесе за падот на глобалното досие за човекови права.

Амнести ги наведе неселективните напади на руските сили „на населени области и цивилна инфраструктура за извоз на енергија и жито“.

„И руските и украинските сили користеа касетна муниција и покрај нејзината неселективна природа и постојаните ризици за цивилите“, се вели во извештајот.

-Извештајот на Амнести интернешенел прикажува мрачна слика за алармантна репресија на човековите права и кршење на меѓународните правила, сето тоа во услови на продлабочување на глобалната нееднаквост, суперсили кои се борат за превласт и ескалација на климатската криза, рече Каламар. /МИА

Во Македонска Каменица гласаат 6641 лице, излезноста до 9 часот 3,55 проценти

Во Македонска Каменица во рамки на Претседателските избори 2024 денеска треба да гласаат 6641 лица, кои се регистрирани во избирачкиот список. Гласачките места во оваа Општина биле отворени навреме, а гласањето се одвива без било какви проблеми.

До 09:00 часот кога е направен првиот пресек за излезноста на граѓаните од Општинската изборна комисија соопштија дека 3,55 е процентот на граѓани кои го оствариле своето право на глас

- Од вкупно регистрираните гласачи до 09:00 часот гласале вкупно 236 лица или 3,55 проценти од гласачите во Македонска Каменица го искористиле своето право на глас, информираа од ОИК.

Гласањето, како што додадоа, продолжува на избирачките места на кои граѓаните можат да го дадат својот глас за еден од седуммината кандидати за Претседател на државата.

Во меѓувреме, Општинската изборна комисија во соседната општина Делчево соопшти дека до 09:00 часот таму гласале 818 лица од вкупно 14.490 регистрирани гласачи што во проценти изнесува 5,65 проценти. /МИА

Жиру следната сезона ќе игра во американската лига

Оливие Жиру следната сезона ќе игра во американската МЛС лига.

Прославениот француски репрезентативец веќе потпишал договор на една и пол година со Лос Анџелес.

Напаѓачот во кариерата постигна 57 гола на 131 натпревар за Франција, а во новиот клуб ќе му се приклучи на долгогодишниот репрезентативен колега, голманот Хуго Лорис со кој го освои Светското првенство во 2018 година.

Французинот уште во март постигна договор со тимот од Лос Анџелес, а сега договорот е и официјално потпишан.

Жиру кариерата ја започна во Гренобл, потоа играше за Тур, Монпеље, потоа Арсенал, Челси, додека претходните три години играше за Милан, со кој беше и шампион на Италија.

Оваа сезона во сите натпреварувања за Милан Жиру постигна 15 голови. /МИА

притисни ентер