Димитров: Официјалниот почеток на преговорите со ЕУ ќе биде или заеднички успех или заеднички неуспех

Македонија се подготвува за позитивно сценарио во однос на одржувањето на заедничката Меѓувладина конференција со Европската унија.

Се прават напори и се преземаат дипломатски активности во таа насока, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров. Тој не ја исклучува можноста во декември да не почне Меѓувладината конференција поради противење на соседна Бугарија, но напоменува дека евентуалниот неуспех, нема да биде само македонски, туку ќе биде пораз и за европската слика за соседна Бугарија, ама пред се за самата Европа и за нејзините основни вредности.

-Не може да се исклучи дека ќе нема меѓувладина конференција до крајот на оваа година, но ако причината за тоа е македонскиот јазик, јас сум ок со тоа, рече Димитров одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата што ја одржа по повод мандатното писмо за мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања.

Тој потенцира дека се прават дипломатски напори да се најде излез од оваа ситуација, но, како што рече, полето не ни е неограничено.

-Нашето право на самопределување во 21 век и на овој континент не може да биде спорно и ако македонскиот јазик стане пречка за интеграцијата во ЕУ, ќе стане спорна придавката во името на ЕУ, бидејќи не може да сте европски, а да се мешате во правото на еден народ да каже што е и каков јазик зборува. Ниту на ваков начин може да се изгради вистинско здраво пријателство, што ќе се базира на заемна почит, рече Димитров.

Тој вели дека во моментов одлуките во ЕУ се носат со консензус и оти земјава за секој зависи од сите земји членки. -Во овој момент зависиме од согласноста на сите до една земји членки за секој чекор напред во европскиот процес на нашиот европски пат. Ќе бидеме разумни, ќе бидеме мудри, ќе го промовираме и ќе го чуваме тоа што е наше и ќе работиме на почит и разбирање, меѓутоа легитимно е да очекуваме возвратна почит и разбирање. Ќе видиме што ќе биде, рече Димитров.

Вицепремиерот не смета дека работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија е неуспешна, особено, ако како референтна точка се земе фактот дека вакви комисии од други земји работат со децении. Затоа, рече, мислам дека Македонско-бугарската комисија работи продуктивно и со полна пареа.

Додаде дека се вложува и во билатералниот однос со Софија и наскоро, во следните неколку денови и недели ќе се види резултатот.

-Точно е нема многу време, се работи за неколку недели. Истовремено, наше е да објасниме за нашите позиции, да го објасниме влогот. Има голема амбиција во Берлин овој процес да успее. Канцеларката Меркел јавно во Европскиот парламент јавно кажа дека еден од најголемите приоритети во смисла на надворешната политика на германското претседателство е да почне преговори со Македонија и додаде доколку е тоа можно и се исполнат условите предвидени од март и за Тирана, за Албанија. Така што, мислам дека има целосно разбирање за нашите позиции што не значи дека ние треба да престанеме апсолутно со максимални напори да најдеме разбирачка и со Бугарија во рамките и за прашањата за коишто е можна разбирачка. Тука сигурно не спаѓаат идентитетот и македонскиот јазик, рече вицепремиерот.

Убеден сум, вели Димитров, дека сите земји членки се свесни, а особено соседите дека сме пред многу едноставен избор – или ќе имаме заеднички успех или ќе имаме заеднички дебакл оти евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде пораз и за европската слика за соседна Бугарија, ама пред се за самата Европа и за нејзините основни вредности. Ние, потенцира тој, се подготвуваме за успешното, победничкото сценарио.

Тој истакна дека доколку работите се движат во посакуваната насока по првата меѓувладина конференција со почетокот на следната 2021 година ќе се продолжиме со скринингот, аналитичкиот преглед на европското право и тоа со билатерален преглед по кластери и соодветни поглавја.

-Доколку работите се движат според планираната динамика би можеле да очекуваме до крајот на 2021 година да го отвориме и првиот кластер. Како Влада очекуваме дека со фокус и јасен приоритет и работа ќе можеме во текот на нашиот мандат да отвориме близу 80 проценти од поглавјата и да обезбедиме подлога за следната влада да може успешно да ги затвори преговорите и да резултира со пристапен договор и полноправно членство во ЕУ, рече Димитров.

Притоа рече, на тој пат е потребно вклученост на сите општествени и политички чинители во земјава.

-Отвораме можност и повикуваме за дијалог и соработка со опозицијата во рамки на собраниските тела, но и надвор од нив. Истото важи и за граѓанското општество, за невладините организации, истото важи и за приватниот сектор и нашите компании. Сакам да си подадеме рака и да покажеме дека тогаш кога на нашата Македонија можеме да работиме заедно, рече вицепремиерот за европски прашања.

Процесот на носење на Европа дома, според него, е и за да овозможиме европски начин на живот, надеж за успех и просперитет особено на следната генерација, на нашите млади нема алтернатива.

Национална конвенција за ЕУ: Министерството за правда веднаш да иницира нови измени на КЗ

Министерството за правда веднаш да иницира нови измени на Кривичниот законик, препорачуваат од Националната конвенција за ЕУ во Македонија. 

Експресните измени донесени со европско знаменце од лани не се на иста линија со политиките на ЕУ, велат оттаму, со оглед на тоа што предлог директивата од Брисел предвидувала повисоки казни за кривичните дела поврзани со корупција. Препорачуваат и враќање на избришаниот став за злоупотреби при јавните набавки.

-Со оглед на тоа што е дел од таа минимална листа не треба да имаме дилеми дека тоа ќе опстојува и во иднина. И во поглед на предложените казни во однос на нивната висина тие се многу повисоки од оние што ние ги имаме во актуелниот КЗ особено тие се намалија кај делото злоупотреба на службената положба и овластување со измените на КЗ од септември 2023 година,- изјави – Александра Деаноска – Трендафилова – Универзитетски професор.

Иако работна група во МП подготвува целосно нов Кривичен законик во кој ќе биде вратен избришаниот став, од Националната конвенција сметаат дека оваа процедура ќе се одолговлече. Во меѓувреме Македонија не треба да губи време на својот евроинтегративен пат, вели главниот преговарач во тимот на Хрватска споделувајќи го хравтското искуство во процесот на пристапување кон Унијата.

-Ако Македонија се инспирира од она што ние (Хрватска) позитивно го сработивме може да го фати забрзаниот пат. За мене клучни се визијата, политичката одлучност на политичките елити во Македонија, консензус на клучните чинители дека тоа навистина се сака како би се навистина спровеле тешки реформи а тука доаѓаме до тоа да се биде способен да се донесат тешки одлуки, односно да не се избегнува носењето на одлуките,- изјави – Кристиан Туркаљ – Правен експерт за Западен Балкан, Р. Хрватска.

Со измените на КЗ лани во септември пратениците ги намалија пропишаните казни за неколку кривични дела, и воведоа горна граница на максималната казна, што заедно со избришаниот став доведе до застарување на неколку дела. Веднаш потоа и Извештајот на ЕК за напредокот на земјава нотираше загриженост околу овие измени но и посочи на несоодветна употреба на европското знаменце.

Ковачевски не ги отфрла предлозите на Мицкоски за укинување на Балансерот и бројот на пратеници

Лидерот на СДСМ Ковачевски не ги отфрла ад хок идеите на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на балансерот при ваботувања во јавната администрација, намалување на бројот на пратеници и воведување на една изборна единица.

Лидерот на СДСМ Ковачевски ад хок не ги отфрла предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на балансерот при ваботувања во јавната администрација, намалување на бројот на пратеници и воведување на една изборна единица, но смета дека уставните измени за откочување на европскиот пат сега се приоритет за државата. Според него балансерот е воведен од влада на ВМРО-ДПМНЕ, но согласен е дека се злоупотребува и смета треба да има поширок политички консензус за негово надминување.

Во напуштањето на владејачката коалиција на некои од коалициските партнери Ковачевски гледа различни мотиви, но не, како што рече, идеолошки. Потврди дека нема да предложи разрешување на лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов, иако тој најави дека ќе премине во опозиција поради неисполенти ветувања, а вчера изјави дека би се вратил во коалиција со СДСМ за плата од 5.000 евра.

-Тој најави дека ќе ја напушти коалицијата, а утрово посочува дека би се вратил во коалицијата. Јас вака му кажав, дека без разлика дали ќе ја напушти или нема да ја напушти – јас нема да предложам негово разрешување. Јас сум имал коректен однос со сите коалициони партнери, изјави Ковачевски.

Според Ковачевски во СДСМ нема незадоволство, а пратеничките листи кои се објавени ќе бидат конечни. Коалицијата која што вчера ја потврдија нема да се проширува вели тој, а се разговара за соработка со граѓанскиот сектор.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва на извршен и централен ќе ги утврдува пратеничките листи

На изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе има чесни, професионални и храбри лица, уверува партискиот лидер Христијан Мицкоски, а вечерва целосниот список од 120 кандидати за пратеници ќе биде тема на дебата на седници на извршен и централен комитет. 

Веќе се шпекулира дека на листите ќе се најдат повеќемина од актуелната пратеничка група на опозициската партија, но официјална потврда се очекува в сабота на најавената промоција на кандидатите. Мицкоски најави позитивна кампања, од противкандидатите очекувал клевети и опструкции, но сепак очекувал победа за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ.

Победа очекува и спротивниот табор - најавено е дека в недела ќе ја презентираат партиската програма со која ќе влезат во изборната трка. Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски негира дека за листите во неговата партија имало несогласувања, како што се шпекулираше за време на нивните партиски состаноци кога ги гласаа минатиот викенд.

Покрај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, свои листи најави Европскиот фронт предводен од ДУИ, албанската опозиција на Касами, Гаши и Меџити - „ВРЕДИ“, Левица, Движењето „ЗНАМ и Коалиција „Храбро“.

Дел од нив деновиве ги претставија носителите, а крајниот рок за доставување на целосните листи во Државната изборна комисија е вторник, 2 април.

притисни ентер