ДИК ги усвои измените на финансискиот план

ДИК прифати барања на набљудувачи и го утврди гласачкото ливче за дополнителните локални избори.

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 60-та седница, ја усвои Предлог-одлуката за измена и дополнување на финансискиот план за распределба на средства за изборите за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово.

ДИК ги усвои и барањата за акредитација на набљудувачи на изборите поднесени од Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција Мак Сонце, – девет набљудувачи и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) – шест набљудувачи.

Четвртата точка, утврдување на изгледот на гласачкото ливче, поради безбедносни причини за заштита и тајноста на содржината, ДИК ја разгледуваше без присуство на медиуми.

Пред да биде усвоена првата точка, потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, ја образложи потребата од донесување одлука за измени на финансискиот план за изборите.

– Според барањата кои ни пристигнаа од Комисијата за јавни набавки, пристигнати се понуди повисоки од финансискиот план, кој ДИК го усвои претходните избори. Бидејќи немаме време да објавуваме нови постапки, треба да донесеме одлука за измени и дополнување на финансискиот план. Се работи за три ставки, и тоа во делот на паравани, гласачки ливчиња и беџови за набљудувачи. Во делот за беџови на набљудувачи треба да додадеме 5.000 денари, за паравани 30.000 денари и за гласачки ливчиња околу 600.000 денари, соопшти потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху.

Таа истакна дека за одреден дел на постапки имаат само еден понудувач.

– Треба да направиме анализа зошто ни се случува за гласачките ливчиња да имаме само по еден понудувач, нагласи Шеху.

Изборите за градоначалниви на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово треба да се одржат на 20 август.

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Единаесет лица се повредени во сообраќајка на бугарски автобус во Турција

Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.

Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.

На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.

Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници. /МИА

Сообраќајот тековно и без застои

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

притисни ентер