Дендиас во Скопје: Доаѓам во земја сојузник на Грција во НАТО, со поддршка и за ЕУ

Министерот за надворешни работи на Хеленската Република, Никос Дендиас, денеска ќе престојува во официјална посета на Македонија.

Дендиас, покрај со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Никола Димитров, ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев. Главни теми во разговорите ќе бидат европерспективата на Македонија и регионот, билатералната соработка и Преспанскиот договор.

Како што соопшти МНР, предвидено е Димитров и Дендиас министри да оджрат тет-а-тет средба, по што ќе следуваат пленарни раговори помеѓу делегациите на двете министерства. Тема на разговор ќе бидат билатералните односи, политичката и економската соработка, како и европската перспектива на нашата земја и регионот. Исто така, предвидено е да се разгледаат и можностите за унапредување на политичкиот дијалог меѓу двете земји, во светло на имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор.

Дендиас во пресрет на посетата, во ексклузивна изјава за МИА вели дека доаѓа во земја сосед и набргу сојузник на Грција во НАТО, со силна поддршка за нејзината евроинтеграција.

Посочува дека Грција работи на преземање конкретни иницијативи, со цел ЕУ да даде зелено светло за нашата земја, а притоа изразува поддршка за европската перспектива и на регионот, политика која, како што вели, преку Солунската агенда, Атина ја вовела во приоритетите на Европската Унија.

– Нашата поддршка за почеток на пристапните преговори на Македонија со Унијата е дадена. Работиме на тоа и преземаме конкретни иницијативи, во консултација со сите наши партнери во ЕУ, со цел колку што е можно поскоро, во таа насока, да се донесе позитивна одлука во Унијата. Секако, она што се подразбира е дека од страна на Македонија не треба да се намали интензитетот на напорите за усогласување со европските стандарди. Исто како што се подразбира и дека од страна на Грција ќе има силен поддржувач во овој нејзин обид, порачува Дендиас.

Доаѓа, вели, во „земја сосед и набргу сојузник на Грција во НАТО" и во земја која очекува „да биде и партнер на Грција во Европската Унија во не толку далечната иднина". Се надева на конструктивни средби што ќе донесат резултати во корист на двете соседни држави, резултати видливи и за граѓаните. Со министерот Димитров, со кого веќе се сретнале неколку пати во изминатиот период, посочува дека имаат искрен однос на заемно почитување и меѓусебно разбирање и работат за суштинско зајакнување и продлабочување на билатералните односи во поширокиот спектар на области.

Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија порачува дека тој е обврзувачки и за двете земји и додава дека неговото целосно спроведување значи и дополнителен поттик за поголем развој и просперитет на двата народи.

– Неговото почитување е предуслов за непречен европски тек на Македонија и затоа треба целосно и доследно да се спроведе. Целосното спроведување значи напуштање на провокациите од минатото, значи консолидација на добрососедските односи и заемно почитување. Значи дополнителен поттик за поголем развој и просперитет на нашите народи, истакнува Дендиас, кој денеска заедно со заменик-министерот за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис ќе престојува во еднодневна посета на Скопје./МИА

Вокер неизвесен за дербито со Арсенал

 Манчестер сити би можел да остане без дефанзивецот Кајл Вокер за неделниот натпревар од Премиер лигата против Арсенал.

Според „Sky Sports“, Вокер ќе биде подложен на проценка на тетивата. Првично се мислеше дека проблемот не е премногу сериозен, но се чини дека тоа не е така.

Во Сити исто така не се сигурни дали Џон Стоунс и Мануел Аканџи ќе бидат способни да играат.

Манчестер Сити ќе му гостува на Арсенал на 31 март во натпреварот од 29. коло на Премиер лигата.

Арсенал е лидер на табелата со 64 бодови, исто толку има и второпласираниот Ливерпул, Манчестер сити е трет со 63.

Почнува пријавувањето за 20. издание на Виз Ер Скопски Маратон

Пријавувањето за 20. јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон почнува утрово во 9 часот и ќе трае до 20 септември до 23:59 часот. Право на учество имаат сите македонски и странски државјани. 

- Трката има ограничен број на учесници и пријавувањето може да се затвори, доколку се пополни предвидениот број на бројот на учесници, затоа побрзајте и пријавете се уште денеска, апелира организаторот на манифестацијата Сојузот на спортови на Скопје

Маратонот ќе се одржи 6 октомври со почеток во 8 часот.

Учесниците на маратон и полумаратон на стартот ќе бидат распоредени во четири стартни боксови според времето кое ќе го одберат при процесот на

пријавување, додека учесниците во штафетниот маратон и трката на 5км ќе бидат распоредени во стартни зони кои ќе бидат означени во зоната на старт со името на трката.

Трката има сертификат од Асоцијацијата за улични трки (AIMS) и се одвива според правила на Светска Атлетика (WA), и АФСМ.

Секој учесник што ќе стартува на Виз Ер Скопски Маратон ќе добие вредносен ваучер од 20 ЕУР од насловниот спонзор на трката, Виз Ер. Во стартниот пакет за сите трки е вклучена и маица, но ја добиваат само оние кои ќе се регистрираат до 29 август 2024.

Концерт „Татковина“ во Филхармонија

Филхармонијата вечер ќе одржи концерт насловен „Татковина“ под диригентство на Сашо Татарчевски, на кој ќе настапи виолинистот Бојан Илкоски.

На програмата ќе бидат изведени виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр.1 од Николо Паганини (1782-1840) и Симфонија бр. 4 во де-мол, оп.120 од Роберт Шуман (1810-1856)

Дирирентот Татарчевски дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетувал и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли и на голем број фестивали на кои има освоено награди.

Редовен член е на неколку жири-комисии на интернационални хорски натпревари и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.

Виолинистот Бојан Илкоски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф.Олег Кондратенко. Досега остварил бројни настапи во земјата и во странство.

Во 2009 година го одржал својот прв самостоен целовечерен концерт во Даут-пашиниот амам. Неговото досегашно искуство како виолинист, вбројува и неколку соло рецитали без пијано придружба.

Илкоски е член на Меѓународниот младински камерен оркестар на Музичка младина, а од неодамна е редовен член на Симфонискиот оркестар при Македонската филхармонија, како и член на оркестарот за филмска музика „Фејмс“.

-Бојан Илкоски (1992) е еден од најпосветените музички уметници кај нас, кој постојано настапува во различни ансамбли. Неодамна, токму со изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Паганини, настапи како солист во Софија со оркестарот „Симфониета Софија“ и маестро Свилен Симеонов, соопшти Филхармонијата.

притисни ентер