Ден на Републиката – чествувања со протоколи и без масовни собири

Денот на Републиката 2 Август, на кој се празнуваат двата историски Илиндена, 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ,  поради епидемијата ќе се чествуваат без масовни собири и културно-уметнички програми.

„Победа за сите" е заедничкиот лајтмотив на свеченостите кои денеска ќе се одржуваат во Крушево, Пелинце и во Скопје.

На чествувањето во Меморијалниот центар „АСНОМ" во Пелинце ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, а на чествувањето во Скопје кое ќе биде на Скопската тврдина, ќе се обрати премиерот Оливер Спасовски. Одбележувањето на Илинден во Крушево на Мечкин Камен е под покровителство на Собранието и делегацијата ќе ја предводи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски. Дел од официјалната програма и годинава се содржините од Смилево со кои се чествуваат 117 години од Илинденското востание и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев".

Свеченоста на тврдината Кале во Скопје ќе почне со положување цвеќе на споменикот на слободата – „Сила, слава и победа" и со исполнување на државната химна. Претседателот на Владата Спасовски ќе се обрати на настанот и ќе ја предводи владината делегација во која ќе бидат и вицепремиерот Бујар Османи и министерката за финансии Нина Ангеловска.

На свеченоста на Кале ќе претходи положување цвеќе и на спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто во центарот на Скопје, каде што владината делегација ќе ја предводи министерот за локална самоуправа Горан Милевски, во придружба на министерот без ресор Музафер Бајрам и заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.

Во Меморијалниот центар „АСНОМ" во Пелинце, каде што ќе се обрати претседателот Пендаровски, делегацијата на Владата ќе ја предводи вицепремиерката Мила Царовска, заедно со министрите за земјоделство и за информатичко општество, Трајан Димковски и Дамјан Манчевски, и министерската без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.

Во Крушево, пак, каде што настаните ќе се одбележат под покровителство на републичкото Собрание, владината делегација ќе ја претставуваат вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. За настаните во Смилево, според најавата, владината делегација е составена од министрите без ресор Едмонд Адеми и Елвир Хасан и заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.

На спомен-обележјата цвеќе ќе положуват и делегации од други државни институции, од Армијата и Сојузот на борците, претставници на политички партии, здруженија, установи и организации.

Оваа година чествувањата се според протоколи и во услови на пандемијата со КОВИД-19. Содржините на програмите се сведени на минимум, само со положување венци цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања и без традиционалната културно-уметничка програма и народните собири на отворено, како и без групирања во угостителски објекти. Во програмите нема да учествуваат хорови, играорни групи, дувачки оркестри, а делегациите ќе положуваат цвеќе според протоколи за растојание – просторно од два метра и временско од две минути.

Просторот каде што ќе се одржуваат настаните ќе биде заграден и со столчиња поставени на два метра растојание за да ја има потребната дистанца меѓу посетителите. Нивниот број ќе биде ограничен најмногу до 50 проценти од капацитетот на оградениот простор. Ќе има јасни насоки за влез, движење и излез на посетителите, а редарска служба ќе го контролира спроведувањето на мерките и ќе спречува неовластено влегување во просторот.

Сите учесници и посетители на настаните, гости, членови на тимовите задолжени за организација, како и гардистите, задолжително треба да носат заштитни маски. Дозери за дезинфекција на рацете ќе има при влез и излез и на неколку места во оградениот простор. Забрането ќе биде служење и поставување штандови со храна и пијалаци, а служење вода ќе биде дозволено само ако е оригинално спакувана. Во зависност од бројот на учесници на настанот, протоколите предвидуваат и мобилни хемиски тоалети, како и медицински екипи со санитетско возило.

Чествувањето на 117-годишнината од Илинденското востание, на Гумење во Крушево почна вчера со импровизираниот напад на градот и испукување од крушевското топче и со свечено кревање на знамето на Крушевската република.

Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски" кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија./МИА

Вонредната супервизија на АЗЛП во ДИК утврди повеќе повреди на прописите за заштита на личните податоци

Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) во врска со инцидентот што се случи на 15 јули 2020, за денот на изборите на веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК) изврши вонредна супервизија во ДИК, соопшти Агенцијата.

– Вонредната супервизија беше извршена по службена должност со цел да се провери и истражи евентуалното нарушување на безбедноста на личните податоци кои ги обработува ДИК, поврзано со инцидентот што се случи вечерта на 15 јули 2020 година, непосредно по одржувањето на вонредните парламентарни избори 2020 година, велат во соопштението.

АЗЛП утврдила повеќе повреди на прописите за заштита на личните податоци од страна на ДИК, бидејќи не применила соодветни технички и организациски мерки во однос на заштитата на веб страниците и информатичката инфраструктура за да обезбеди ниво на безбедност соодветно на ризикот.

– ДИК не извршила тестирање на софтверскиот систем за спроведување на парламентарните избори 2020 година на Дуна ДОО Скопје пред неговото имплементирање или по извршените промени со цел да се провери дали системот обезбедува безбедност на личните податоци согласно прописите за заштита на личните податоци. ДИК при ангажирање на Дуна ДОО Скопје како обработувач, постапила спротивно на прописите за заштита на личните податоци. ДИК при користење на нови технологии за некој вид на обработка (во конкретниот случај софтверскиот систем за спроведување на Парламентарните избори 2020 година на Дуна ДОО Скопје), не извршила проценка на влијанието на предвидените операции на обработката во однос на заштитата на личните податоци, наведуваат од АЗЛП.

ДИК, додаваат, поставува документи со лични податоци на Google Drive и истите ги објавува на своите веб страници, со што врши пренос на личните податоци. Воедно, како што наведуваат од Агенцијата, ДИК ги користи услугите на CloudFlare чија главна инфраструктура е лоцирана надвор од територијата на Република Македонија. Оттука, посочуваат, ДИК постапила спротивно од општото правило за пренос на личните податоци.

– ДИК (како контролор) и Дуна ДОО Скопје (како обработувач) не ја исполниле обврската за известување за нарушување на безбедноста на обработката на личните податоци до АЗЛП. ДИК не ги документирала нарушувањата на безбедноста на личните податоци и немала воспоставено внатрешен процес на евидентирање на нарушувањата на безбедноста на личните податоци. ДИК не ја исполнила обврската за определување на офицер за заштита на личните податоци. ДИК не определила администратор на информацискиот систем, наведуваат од АЗЛП како дел од утврдените повреди од страна на ДИК.

За извршената вонредна супервизија АЗЛП донела решение со мерки за отстранување на утврдените повреди и рокови во кои ДИК треба да постапи и да го усогласи своето работење со прописите за заштита на личните податоци./МИА

Заев: Сите опции се отворени за идно коалицирање

Процесот на разговори ќе го даде правецот и ќе формираме влада која ќе им служи на граѓаните и државата.

Започнува процесот на разговори за формирање на ново парламентарно мнозинство и нова Влада кои во следните четири години ќе им служат на граѓаните и државата, истакна претседателот Зоран Заев во одговор на новинарски прашања, по одржување на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

„Денеска ги почнуваме разговорите како што реков со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите ќе имаат средба во еден период од 10 до 15 дена од сега натаму очекуваме да има и резултати од самите преговори. Низ самиот преговарачки процес ние ќе утврдиме во кој правец треба да ги градиме идните политики. Денес јавно ги обелоденив принципите на коишто ќе разговараме за идната македонска влада и верувам дека тие принципи на еден мудар начин, паметен начин обезбедувајќи парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник. Верувам дека ќе обезбедиме стабилно парламентарно мнозинство кое што ќе гарантира стабилна влада која што ќе има намера да опстои 4 години нешто што е важно и за економијата и за граѓаните заради нивната предвидливост очекуваме во околности кога меѓународните интеграции се заокружена работа ќе отвораме поглавја со ЕУ, НАТО е завршена работа да имаме Влада после долг период која што ќе опстои 4 години", посочи Заев.

Во однос на коалицирањето со други политички партии, претседателот Заев посочи дека сите опции се отворени и дека процесот на разговори ќе го даде правецот за тоа кој би се приклучил на СДСМ и Коалицијата Можеме во идна коалиција

„Да оставиме времето да покаже со кого ќе можеме да направиме коалиција, односно парламентарно мнозинство што ќе ја сочини Владата. Граѓаните преку гласањето ги даваат правците и очекувањата, коалицијата предводена од СДСМ може да формира Влада и со ДУИ и со Алијанса и со Алтернатива, зависи од отстранувањето на национализмот, зависи од цело едно поглавје за разработка на прочистување на правосудството, проверка на имотот, капиталот на секој политичар и функционер којшто ќе биде избран, кадровскиот потенцијал пред се за правните аспекти но и за економските аспекти на државата. Ќе ги разгледаме сите можности, добро ќе одмериме и на крајот ќе ја донесеме одлуката. Сите опции се отворени во текот на овој преговарачки процес. Секако верувам дека низ преговарачкиот процес пред се сите понесени од нашата одговорност пред граѓаните кои што ни го дале мандатот како пратеници а со тоа даваат мандат за можност да создадеме парламентарно мнозинство ќе се водиме од она што е важно за граѓаните и секако ако носиме свои суети тие може да ги оставиме дома, за да можеме да им служиме на граѓаните и на државата", заклучи Заев

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ.

Кривична пријава против градоначалникот на Боговиње, осомничен е за „несовесно работење во службата"

Кривична пријава поднесе СВР Тетово против градоначалникот на Боговиње,  кој е осомничен за „несовесно работење во службата".

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Џ.А.(49) од тетовското село, градоначалник на општина Боговиње, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата" и против правно лице од с.Боговиње, сопственост на М.А.(51) од с.Боговиње, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење", се наведува во соопштението на МВР.

Првопријавениот, во текот на јули 2020 година, како градоначалник на општина Боговиње, постапил несовесно во вршење на својата службена должност и овластување и, спротивно на законот, овозможил почеток на изградба на водовод за потребите на граѓаните на с.Синичане, тетовско, без да обезбеди потребна документација и одобрение за отпочнување на градба.

Притоа во име на општината, преку Јавното комунално претпријатие, Џ.A. дал насоки да се ангажира економскиот оператор, односно второпријавеното правно лице, чиј сопственик M.A., иако знаел дека за изградбата на водоводот не постои одобрение, го прифатил ангажманот и започнал со градежни активности, се додава во соопштението./МИА

притисни ентер