Демант на градоначалникот Богдановиќ на изјавата на Антоанета Трајковска од ВМРО – ДПМНЕ

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ  со демант на обвинувањата на Антоанета Трајковска од ВМРО – ДПМНЕ. 

„И благодарам на Антоанета Трајковска што ги потсети граѓаните, но и нејзините сопартијци од ВМРО – ДПМНЕ, дека јас како градоначалник на Општина Центар, заедно со администрацијата и советниците, успеавме на правен начин да ги вратиме парите на граѓаните во буџетот на Општина Центар, кои порано завршуваа во туѓи буџети и се трошеа за изградба на споменици, музеи и лична корист" – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Имено, би сакале да ги информираме граѓаните дека Општина Центар врши наплата на казна по основ на договор за отуѓување на градежно земјиште кон правното лице Лимак Доо Скопје, бидејќи истото задоцнило со испочитување на договорните обврски од договорот за отуѓување на градежно земјиште во предвидениот рок.

Како што се наведува во изјавата од страна на Трајковска, не станува збор за сообраќајница, туку за два објекти, односно деловниот простот и хотелот на компанијата Лимак Доо Скопје. Од страна на Општина Центар, утврдено е дека Министерството за транспорт и врски не извршило наплата на договорните казни за едниот објект – хотел, при што, по преземање на предметите од страна на Општина Центар, општината успева да го наплати долгот во износ од 7.542.900,00 денари

Би сакале да потенцираме дека наплата на договорот на казна се однесува на период кога Министерството за транспорт и врски, требало и било должно да наплати, но тоа не го сторило. Што се однесува до трошењето на тие средства, Општина Центар не може да ги троши наплатените средства од договорот на казна, се' додека Народната банка на РСМ/Трезор, не ги распредели средствата согласно Закон. Дури тогаш, Општина Центар смее да ги користи средствата, токму за се' што е наведено во видео изјавата на Антоанета Трајковска од ВМРО – ДПМНЕ.

Општина Центар е единствената општина која не должи средства и редовно ги сервисира своите обврски и должности. Во буџетот на Општина Центар вратени се средства во износ од 2.5 милиони евра, по основ на договорни казни, банкарски гаранции и пресуди. И тоа: 2.301.715,00 денари од Град Скопје и Музеј на Град Скопје, потоа, 1.297.050,00 денари од ќебапчилницата Кај Злате, од Министерството за транспорт и врски вратен е долг во износ од 5.141.462,00 денари. Од страна на Пелагонија АД Гостивар повратен е износ од 94.184.098,00 денари, од Друштвото за производство промет и услуги Риком Дооел увоз – извоз во износ од 3.242.607,50 денари, како и наплата на договорни казни од договори за отуѓување на градежно земјиште со јавно наддавање во износ од 6.149.420,00 денари со Макоил Дооел, Камфуд Дооел Скопје во износ од 1.651.320,00 денари, Елан-Пропертис Дооел во износ од 6.979.500,00 денари и други.

Дополнително се водат судски спорови во износ од над 3.5 милиони евра кои преку правни механизми ќе бидат вратени на граѓаните и ќе бидат инвестирани во нови капиталани проекти во Центар.

Општина Центар продолжува и понатаму да работи одговорно и транспарентно во интерес на жителите и да го задржи статусот на најнезадолжена општина, со вратени долгови и кредити од страна на претходните градоначалници и владејачки гарнитури.

„Воедно, би сакал да ја поканам госпоѓата Трајковска, да повели во просториите на реконструираната урбана заедница Дане Крапчев во КСП – Центар Јадро и да поразговараме за новиот проект за рециклирање и новите повратни вендинг машини на територијата на Центар, каде општината ги субвенционира граѓаните во иснос од 12 милиони денари, за целосно реконструираниот објект Пепелашка на градинката Р. Ј. Корчагин, за првото и најмодерно изградено основно училиште во Капиштец по цели 50 години. Потоа, завршена е доградбата во ООУ „Гоце Делчев", целосно е обновена фасадата и кровот во ООУ „Димитар Миладинов", целосна е реконструирана улицата „Ѓуро Ѓоновиќ" во Маџир маало и започнавме со реконструкцијта на најголемата сообраќајница во Дебар маало, улицата „Орце Николов". И на крај, обезбедивме донација на 60 статични и преносни компјутери за учениците од основните училишта во Центар за следење онлајн настава, обезбедена од општествено одговорни компании и партнери на општината, во време на светската пандемија со вирусот Ковид – 19" – изјави градоначалникот.

Одделение за односи со јавност

Општина Центар – Скопје

Прилеп бара дополнителни рестриктивни мерки, Гостивар во дилема

Она што е особено загрижувачки и алармантно е дека во последните дваесетина дена драстично и рапидно се зголемува бројот на новозаразени, хоспитализирани и, за жал, починати лица. 

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бараат заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки за заштита од пандемијата со Ковид-19, кои ќе се однесуваат на целата територија на општината заради крајно влошената и загрижувачка ситуација. Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, пак, има дилема околу воведувањето карантин, бидејќи цени дека тоа би имало тешки последици врз локалната економија на Гостивар, но, како лекар, смета дека воведувањето ваква рестриктивна мерка е неопходна.

– Она што е особено загрижувачки и алармантно е дека во последните дваесетина дена драстично и рапидно се зголемува бројот на новозаразени, хоспитализирани и, за жал, починати лица. Со цел да ја превенираме и запреме ваквата застрашувачка тенденција на ширење на заразата, Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бара заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на целата територија на Општина Прилеп, рече вчера Јованоски.

Одговор, нагласи, се очекува за еден ден, а во меѓувреме се засилуваат локалните мерки, прво за помош на медицинскиот персонал во инфективното одделени, каде од денеска како што најави ќе ротираат тимови од матичните лекари во две смени.

Гостиварскиот градоначалник Таравари вчера порача дека има дилема која се создава од функцијата градоначалник и професијата лекар.

-Како градоначалник не сум за карантин единствено заради финансискиот опстанок на граѓаните. А како лекар недвојбено е и јасно е, уште утре треба да побараме од Министерството за здравство и Владата карантин за Гостивар. Нашата општина нема големи фабрички капацитети, тука луѓето егизстираат од мали бизниси, дуќани за трговија, кафулиња и работниците главно заработуваат на дневници. Би било погубно тие бизниси да се затворат на еден месец, бидејќи ние немаме државни резерви за такви намени, рече Таравари.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, најави дека од понеделник дополнителни 12 лекари и 20 медицински сестри ќе ги засилат воените екипи кои и во моментов помагаат во здравството за справување со пандемијата.

Во последните 24 часа направени се 2864 тестирања, а регистрирани се 1160 нови случаи на Ковид-19. Починати се 30 лица на возраст од 39 до 84 години, сите во болнички услови, а оздравени се 1094 пацинети.

Од новозаразените со Ковид-19, 472 се од Скопје, по што следат Битола со 87, Прилеп 78, Тетово со 61, Куманово 58, Охрид -47, Штип-43, Струмица-39, Струга-29, Кавадарци и Велес по 32, Кичево-26, Гостивар-22, Свети Николе и Ресен по 17, Кочани-15, Делчево-12, Неготино-11,Пробиштип, Демир Хисар и Македонски Брод по 10, Берово-9, Крива Паланка-6, Валандово-5, Виница, Дебар, Кратово, Радовиш и Крушево по два, Пехчево и Гевгелија по еден.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 58608, бројката на оздравени пациенти е 36064, на починати е 1630, а бројот на активни случаи изнесува 20914.

Во Скопје 10039 активни случаи од кои најголем дел 1488 се од Гази Баба по што следат Аеродром со 1460 и Кисела Вода со 1235. Во Прилеп има 1040 активни слуачи, Тетово, 977, Куманово 940, Гостивар 856, Битола 839,….

Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1314 и има колку 130 празни болнички кревети во ковид – центрите.

Во моментов Интерните клиники располагаат со околу 190 болнички кревети со довод на кислород. Иако пополнетоста на капацитетите е висока, постојано се прават исписи на пациенти и слободни места има. Вчера се отвори и ковид – центарот на Клиниката за уво, нос и грло, каде ќе можат да се сместат дополнително 50 болни. Остануваат на располагање и капацитетите во делот од Хируршките клиники кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена.

Вкупно во комплексот клиники „Мајка Тереза" има околу 350 кревети за ковид пациенти распоредени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на Интерните клиники – Клиниката за дерматовенерологија, Клиниката за очни болести, Клиниката за нефрологија, Клиниката за гастроентерохепатологија и Клиниката за неврологија, како и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. Допополнителни 110 кревети има во ГОБ „8 Септември", а 40 на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле.

Во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 836 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во Битола се хоспитализирани 65 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, а во болницата во Штип се хоспитализирани 57 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 47 пациенти, во Велес се лекуваат 64 болни, а во Куманово 119 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 115, во ковид центарот во Гостивар 59, а во Струга 29 болни. Во болницата во Струмица лежи 81 пациент, во Кочани 18, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 13 лица позитивни на коронавирусот.

Тестирање со брзи антигенски тестови од вчера се врши и во здравствените домови во Битола и Делчево, а претходно е почнато во општите болници во Кочани и Кавадарци и здравствените домови во Велес и Куманово.Од понеделник ќе почне и во Центарот за јавно здравје во Битола. Досега, на девет локации во земјава, вклучително и градот Скопје се врши тестирање со брзи антигенски тестови. Минатата недела, почна тестирањето во здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и Општата болница во Кичево.

Се запали оџак од куќа во Кавадарци, пожарникарите спречиле да се предизвика поголема штета

 Се запали оџак од куќа синоќа во центарот на Кавадарци. Пожарникарите спречија огнот да не предизвика поголеми штети.

– Работата беше сериозна бидејќи пожарот имаше зафатено и дрвени греди од кровот на куќата, поради неправилно изведен оџак. На лице место бевме тројца пожарникари со две противпожарни возила. Не дозволивме огнот да направи штети врз куќата и да се прошири на другите куќи лепенки, изјавија утринава за МИА од Територијалната противпожарна единица Кавадарци.

Пожарникарите останале подолго време на терен, за да бидат сигурни дека огнот е целосно изгаснат.

Охрид воведува тимови со здравствени експерти за помош на заболени од Ковид-19

Во Охрид денеска ќе биде презентирана Пилот-програмата за воведување на мултидисциплинарни тимови на здравствени експерти, соодветно обучени и опремени со иновативни мобилни комплети, со цел да можат да испорачаат голем дел од нивните услуги во домовите на лица со попреченост и/или намалена мобилност, со посебен акцент на домашните посети, медицински и психолошки прегледи на пациенти позитивни на Ковид-19.

Промоцијата е во рамки на проектните активности од проектот „Cross4all" кој го имплементира Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, а на настанот што ќе се одржи пред просториите на Црвен крст-Охрид е најавено и присуството на охридскиот градоначалник Константин Георгиески.

притисни ентер