Дел од Сопиште денеска без вода

 Дел од жителите на Сопиште денеска од 11:30 часот имаат прекин во водоснабдувањето.

Како што соопшти Јавното претпријатие „Водовод и канализација" – Скопје, корисниците се без вода поради изведување водоводен приклучок на улиците „22" и „32" во Сопиште.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато се до завршување на активностите на терен.

Мицкоски: Ги повикувам и останатите членови на историската Комисија да поднесат оставка

Шокиран сум од веста дека Ванчо Ѓоргиев поднел оставка од член на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања, изјави денеска во Битола, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека ако е вистина тоа оти „некој меѓу двата изборни круга одлучува да распродава дел од македонскиот идентитет и да ја продава Македонија и на сметка на тоа политички да опстане", тогаш тој „навистина е шокиран".

– Веднаш повикувам и останатите членови на Комисијата која преговара, да ја следат постапката на професорот Ванчо Ѓоргиев. Ние имаме јасна Декларација во Парламентот и очекувам да се држат до Резолуцијата што ја усвои македонскиот Парламент. Очекувам личните и бизнис интереси да бидат оставени на страна и апелирам до членовите на историската комисија за трезвеност, патриотски чувства, затоа што ова се чувствителни моменти за македонскиот народ и да внимаваат што преговараат и што потпишуваат, изјави Мицкоски.

Градежен работник паднал од скеле и се повредил

Градежен работник се здобил со тешки телесни повреди при пад од скеле додека работел на објект во струшлата населба Езерски лозја, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата, во Одделението за внатрешни рабпти – Струга вчера во 17.15 часот било пријавено дека 37-годишниот У.Б. од Охрид се повредил при изведување градежни работи на куќа во Струшко.

– Тој е пренесен во болницата „Св.Еразмо" во Охрид, каде му биле констатирани тешки телесни повреди, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Полициски екипи извршиле увид на местото на незгодата. /МИА

Ѓоргиев за МИА: Еден член на Комисијата поднесе оставка, продолжуваме со работа

Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за МИА потврди дека еден член од Комисијата денеска поднел оставка.

– Еден член од Комисијата усно денеска поднесе оставка, но Комисијата продолжува со работа, изјави кусо Ѓоргиев за МИА, без да даде повеќе детали за оставката.

Дел од медиумите претходно објавија дека членот на Комисијата, Ванчо Ѓорѓиев денеска поднел оставка, поради како што тврди „обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата од страна на висок функционер на МНР".

Како што пренесоа дел од медиумите, во неговото писмено соопштение причини за неговата оставка се и, како што тој наведува, „двојното водство во македонскиот дел од Комисијата и отстапка од утврдените принципи за консензуално носење одлуки, измени во учебникот по историја без негова согласност, отстапка од зацртаните црвени линии од другите членови на Комисијата, а на штета на националните интереси".

Комисијата најави дека наскоро ќе излезе со соопштение до јавноста, со што ќе даде повеќе детали за оставката на Ѓорѓиев.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска на прес-конференција, прашан за оставката на членот на Комисијата, рече дека МНР никогаш не вршело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија. Тој истакна дека за него е најважно Комисијата да продолжи со работа и оти МНР ќе продолжи логистички да го поддржи тој процес, и, повтори ниту се мешало ниту ќе дозволи да се меша во содржината и во одлуките што ги носат историчарите. За Османи, како што рече, повеќе загрижува фактот што нема напредок на состанокот, „отколку тоа дали еден член поради различни причини се повлекол". /МИА

притисни ентер