Дел од планината Водно ќе стане заштитено подрачје

По деценции самоволие и градежно дивеење врз падините на главниот извор на чист воздух и кислород за Скопје, почнува постапка за дел од планината Водно да стане заштитено подрачје. 

Дали белите дробови на Скопје конечно ќе ја добијат потребната заштита? Водно, едно од главните прибежишта на скопјани во природа и на чист воздух ќе биде прогласено за заштитено подрачје од петта категорија. До сега планината ја одржуваше паркови и зеленило, а сега со оваа постапка ќе се формира јавно претпријатие од експерти и чувари на подрачјето кои ќе се грижат за доброто на Водно. Експертот и раководител на студијата Васил Анастасовски вели дека штетите кои се нанесоа на планината изминативе години со ова ќе запрат.

„Ова во изминатите години што му се случуваше на Водно со тие да речам урбани акции, каде што немаше некоја посебна контрола/ Немаше некоја посебна контрола на тоа што му се случуваше на водно од урбанистички аспект, сега се смета дека ќе биде тоа прашање ќе биде апсолвирано со тоа што ќе има солиден, квалификуван управувач со Водно.“

Урбанизацијата и експанзивното градење на планината изминативе години поттикна големо незадоволство кај скопјани, а најмногу кај оние кои живеат во овие предели на Водно, стравувајќи за сигурноста и своите домови поради свлечиштата од неконтролираното градење.. Анастасовски вели дека во нацрт-одлуката е предвидено да остане само тоа што е изградено, односно да не се проширува урбанизирањето.

Еко-активстите до сега беа едни од најгласните за зачувување на природата и остро ја критикуваа урбанизацијата на планинскиот предел, а имаа и неколку демонстрации во изминативе неколку години меѓу кои беше и онаа кога се најави дека гасоводните цевки ќе поминуваат токму низ планината.

„Благодет е во близина на град како што е Скопје да има едни вакви простори со зеленило и уредени делови кои што овозможуваат активности и пред се чист воздух што му е потребен на секој граѓанин на градот.“

Следниот месец нацрт-одлуката која ја објави Министерството за животна средина ќе се стави на јавна расправа каде што ќе можат да се даваат забелешки и коментари од страна на еко-активистите и засегната јавност. Откако ќе се изготви конечниот акт, ќе биде доставен на Влада на усвојување.

Израел демантира дека неговите војници ги закопувале Палестинците во масовна гробница во Газа

Телата откриени во масовна гробница во Појасот Газа не биле закопани од израелски војници, туку од Палестинци, соопшти вчеравечер израелската амбасада во Женева.

-Тврдењето дека израелските одбранбени сили (ИДФ) закопале палестински тела е неосновано, наведува амбасадата.

Војниците, според амбасадата, „само ги прегледале телата во гробницата во потрага по израелски заложници, се почитувало достоинството на загинатите, а телата на Палестинците биле вратени на истото место“.

-Претресот беше извршен внимателно и исклучиво на места каде разузнавачките информации укажуваа на можно присуство на заложници, соопшти амбасадата.

Палестинскиот тим за цивилна одбрана во Газа во понеделникот извести дека масовна гробница со 283 тела била откриена во близина на болницата Насер во јужниот енклавен град Кан Јунис. Според канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк, кој ја повика цивилната одбрана, на некои тела им биле врзани рацете.

Турк вчера рече дека е „згрозен“ од извештаите за откривање масовни гробници во близина на болниците во Газа и повика на независна истрага за причините за смртта.

Имаше извештаи и за пронајдени тела во болничкиот комплекс Ал Шифа во градот Газа. Според меѓународното право, болниците имаат право на посебна заштита. Турк, исто така, истакна дека „намерното убиство на цивили, затвореници и други лица кои се „надвор од борба“ е воено злосторство“. /МИА

Сестрата на севернокорејскиот лидер вели дека нејзината земја ќе изгради супериорна воена сила

 Влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг рече дека земјата ќе продолжи да гради супериорна и најсилна воена сила за да го заштити својот суверенитет и регионалниот мир, јави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Ким Јо Џонг истакна дека серијата воени вежби на американската војска во регионот оваа година, почнувајќи со вежби спроведени со „јужнокорејски марионетски воени гангстери“, опасно ја нарушуваат регионалната безбедносна средина.

- Ќе продолжиме да градиме огромна и најмоќна воена сила со цел да го заштитиме нашиот суверенитет, безбедност и регионален мир, ја пренесе КЦНА нејзината изјава.

Војските на САД и Јужна Кореја изведоа серија вежби со поголем обем и интензитет во последните месеци, а лидерите на двете земји ветија дека ќе ја подобрат борбената готовност против воените закани на Северна Кореја.

Околу 100 воени авиони извршија двонеделни воздушни вежби овој месец, соопшти јужнокорејската војска.

Северна Кореја вели дека американските воени вежби се подготовки за нуклеарна војна против неа.

Вашингтон и Сеул тврдат дека вежбите имаат одбранбен карактер и се спроведуваат редовно за да се одржи подготвеноста. /МИА

Бајден го обвини Трамп за новите ограничувања на правата за абортус во Флорида

 Американскиот претседател Џозеф Бајден го обвини поранешниот претседател Доналд Трамп за новите ограничувања на правото на абортус во државата Флорида.

- Да бидеме многу јасни, има само едно лице одговорно за овој кошмар. Тој се фали со тоа. Доналд Трамп, им рече Бајден на своите приврзаници во градот Тампа и истакна дека правото на абортус „треба да биде уставно право“.

- Не се работи за правата на (сојузните) држави, туку за правата на жените, рече Бајден и оцени дека Трамп „е загрижен дека гласачите ќе го сметаат за одговорен за суровоста и хаосот што ги создаде“.

На почетокот на овој месец, Врховниот суд на Флорида одобри закон со кој се забранува абортус по првите шест недели од бременоста, период кога повеќето жени не се ни свесни дека се бремени.

Прашањето за абортусот е важно за претстојните избори на 5 ноември во САД, а демократите веруваат дека строгите ограничувања на тоа право во Флорида и Аризона ќе ги „свртат“ гласачите на Трамп кон Бајден.

На изборите во 2022 година Трамп освои 51,2 отсто во таа држава, а Бајден 47,9 отсто.

Шефицата на Демократската партија на Флорида, Ники Фрид изјави дека Бајден разбира дека победата во таа држава е малку веројатна, но дека вреди да се обиде. /МИА

притисни ентер