Во можеби најдиректната порака изминатите неколку дена, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на митинг за европските избори во Бер, Егејска Македонија, покрај најавата за вето на Македонија, додаде и дека меморандумите кои официјална Атина одбива да ги ратификува, нема никогаш да бидат изгласани. На митингот каде на моменти преовладуваше националистичка реторика од присутните, а се споменуваа Александар Велики и неговиот татко Филип, Мицотакис истакна дека иако не се согласувале со договорот, кога ја освоиле власта, немале друг избор освен да го почитуваат.
Би сакал да бидам апсолутно јасен овде, од срцето на Македонија. Нова демократија не гласаше за Договорот од Преспа и изразивме сериозни резерви кога тој беше ратификуван во грчкиот парламент. Со апсолутна искреност кажавме дека, штом овој Договор ќе биде донесен, тој практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај нејзините проблеми, да го почитуваме и тоа го направивме. Но ако некои мислат дека можеби нема да го почитуваат Договорот, треба да знаат две работи: Прво, дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, второ, меморандумите што треба да ги изгласаме, нема да бидат донесени додека не дојде до апсолутна усогласеност,- - Кирјакос Мицотакис – Премиер на Грција.
Темата за односите со земјава, изминатата недела преовладува во грчките медиуми, кои секојдневно прават анализи за Преспанскиот договор. Грчкиот министер за здравство, иако не повикан, за тамошните медиуми порача дека доколку политичарите во земјава, вклучително и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, продолжат да го користат името „Македонија“ тогаш владата на Мицотакис ќе го раскине договорот. Шефот на грчката дипломатија Герапетритис пак, вчера упати и директна порака до Мицкоски дека нема да прават отстапки. Денеска пак, се пофали дека успеале да го интернационализираат прашањето.
-Грчката Влада реагираше со исклучително брзи рефлекси, на само неколку часа по инаугурацијата на новата претседателка на Македонија се активираа претседателката на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, портпаролот на Европската унија, НАТО и многу земји и ова благодарение на грчката надворешна политика,- - Јоргос Герапетритис – Министер за надворешни работи на Грција .
Бурните реакции од официјална Атина, дојдоа по заклетвата на претседателката Силјановска Давкова која во таа прилика ја изостави „Северна“, а вчера и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски испрати порака дека и тој има намера да го користи само името Македонија, иако како што кажа, договорот е реалност и ќе се почитува.