Роковите газат, власта се уште нема јасен сигнал дали тајмингот до среда воопшто е дофатлив да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени во Собранието. Двете сценарија се на маса, а брзите избори веќе кон крајот на ноември, природно го наметнуваат и третото, според многумина, нејнеповолно сценарио за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ да остане на цврстите ставови околу трите барања и да ги бојкотира евентуалните избори.
-Може да се случи ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира изборите, во смисла, еве, направивме еднопартиски парламент, па донесете вие одлука за промена на Уставот, а потоа, ќе бидете одговорни за промените, а ние ќе одиме на нови парламентари избори со лајт мотивот: „еве ги изјадниците што ја продадоа Македонија, а ние сме бранителите на патриотизмот и ние треба да ја водиме Р.Македонија, вели Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.
Од ВМРО-ДПМНЕ синоќа по Ценралниот Комитет не прецизираа дали би ги бојкотирале брзите избори, со оглед дека меѓу нивните клучни барањае формирање техничка влада со мандат од 100 дена по пржинскиот модел.
-Нашите услови се јасни. Ние битката не ја водиме за власт, ниту за избори, ниту за доаѓање на власт. Заев порано или подоцна ќе си оди. Битката ја водиме за зачувување на името Македонија и се среќни што по референдумот, уставното име е зачувано, вели Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Премиерот Заев и денеска, овој пат за Националната Босанска телевизија, вели дека сака да ја надмине кризата по полесниот пат, но уверен е во убедлива победа и на евентуални избори.
-Јас сум сигурен дека ако одиме на избори, тогаш ќе имаме 2/3 гласови зашто бројките од референдумот тоа го покажуваат. Знам дека никој нема да биде против ЕУ и НАТО, вели Зоран Заев, претседател на Владата на Р.Македонија.
Ситуацијата за избори следниот месец, барем на хартија, ја отежнува и резервираноста на ДУИ, од каде по синоќешното Централното Претседателство, порачаа дека приоритет им е имплементацијата на Договорот со Грција.
„Во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, со кои ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси во НАТО и ЕУ“.
Изворите од ДУИ, за дел од медиумите брифираат дека во игра се повеќе опции во случај да се оди на избори. Една од нив, е албанскиот политички блок да настапи со заеднички листи. Во тој случај, проценките покажале дека можно е да се обезбедат 30 пратеници и заедно постизборно да формираат Влада со СДСМ, која ќе има мнозинство за уставните амандмани.