Црна Гора ја отвара границата за граѓаните од Македонија

За влез во Црна Гора најверојатно ќе биде потребен ПЦР тест или серолошки ЕЛЕСА , тест изјавил директорот на црногорскиот Институт за јавно здравје др. Бобан Мугоша.

Во сабота се отвара границата со Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, изјавил во телевизиска емисија директорот Мугоша.

Тој истакнал дека денеска ќе биде оддржана онлајн седница на Националното координативно тело на која ќе бидат дефинирани начините за влез во Црна Гора од земјите од западниот Балкан.

Димитров во Брисел на средби со Вархеји, Схинас и Рот

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска ќе престојува во работна посета на Брисел, што всушност е и прва посета во седиштето на ЕУ на претставник на Владата на Северна Македонија по нејзиното формирање.

Како што соопшти СЕП, предвидени се средби со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

На маргините на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) што неделава се одржува во Брисел, вицепремиерот Димитров ќе оствари средба и со државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот.

– Работната посета на заменик претседателот на Владата Никола Димитров се случува во исклучително важен момент за Северна Македонија, во светло на дефинирање на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, што ќе означува и официјален почеток на пристапните преговори со Унијата, се наведува во соопштението на СЕП.

На средбите Димитров ќе ги отвори прашањата поврзани со ИПА 3 програмата, имајќи го предвид утврдувањето на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ 2021-2027 што е актуелно периодов. Во тој контекст ќе се зборува и за подготовките за димензионирање и објавување на најавената Економска програма за развој и инвестиции за Западен Балкан. /МИА

Собраниска седница за избор на заменици-министри во Владата

Собранието денеска треба да ја одржи 13-тата седница на чиј дневен ред е предлогот за именување на заменици на министри во Владата.

За заменик-министер во одбрана е предложен Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда предлогот за заменик-министер е Агим Нухиу.

Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими треба да му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија предложен е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство за заменик е предложен Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.

Доктор Илир Хасани е предлогот за заменик-министер во Министерството за здравство. Арафат Шабани е предложен во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.

За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

Предлогот Владата до Собранието го достави минатиот петок. /МИА

Порака од претседателот Пендаровски по повод 75-годишнината од основањето на Обединетите нации

Во 1945-та народите се обединија околу визијата да ги поштедат идните поколенија од ужасот на војната.

Тие ги поставија темелите на новиот меѓународен поредок што во својата основа го стави и човекот, а не само државите и нивните алијанси.

Во изминатите 75 години, Обединетите нации постигнаа многу. Како камен темелник на меѓународното право и мултилатералниот систем, организацијата ги обврзува своите членки да ги надминуваат споровите на мирен начин и да соработуваат за одржување на мирот и безбедноста. Обединетите нации превенираа бројни конфликти и ги ублажија последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнаа на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност. Во изминатите децении милиони луѓе беа извлечени од екстремна сиромаштија и заштитени од насилство. Преку Универзалната декларација, меѓународните пактови и конвенции, Обединетите нации го поттикнаа глобалното движење за права и слободи, за социјална правда и еднаквост. Ја зајакнаа отпорноста кон катастрофи и го мобилизираа светот во борбата со климатските промени.

Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото. Но, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки ќе и дозволат. Поради бројните препреки во нејзиното работење, во светот сеуште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство. Кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба.

Годинава, состојбата е дополнително усложнета поради пандемијата на КОВИД-19. Покрај огромното страдање што го предизвикува, пандемијата ги разоткрива слабостите на нашиот меѓународен поредок и системските нееднаквости на нашиот свет. Ни остануваат само уште десет години за да ги реализираме Агендата 2030 и Парискиот климатски договор. За да ги постигнеме Целите за одржлив развој ние мора истовремено да ги ублажиме економските и социјалните последици од пандемијата. А тоа можеме да го постигнеме само преку меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни силни и ефективни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност.

Од својата независност до денес, Република Македонија сведочеше и за придобивките и за предизвиците на Обединетите нации. Од корисници на првата превентивна мисија – УНПРЕДЕП, самите станавме контрибутори на повеќе мировни мисии. Благодарение на Обединетите нации решивме комплексен спор кој ја забавуваше нашата интеграција во меѓународниот поредок. Ние ќе продолжиме во духот на мултилатерализмот да ги исполнуваме нашите меѓународни обврски и да ја поддржуваме работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции. Јасно е дека само ако вложуваме во светската организација ќе успееме да изградиме достоинствен свет.

Ви благодарам.

притисни ентер