Во последните две недели, Прилеп бележи мал пад на новозаразени, останува бројот на хоспитализирани, но и бројот на починати пациенти, а се зголемил бројот на пациентите кои се на кислородна поддршка, информираат од прилепскиот Центар за јавно здравје во неделните пресеци на состојбата со коронавирусот во Општината.
Претходната недела, од 17 до 23 ноември, имало 425 нови случаи на заразени, а последниете седум дена, од 24 ноември до вчера, регистрирани се нови 402 случаи, што е за 23 помалку. Од 107 хоспитализирани претходно, минатата недела бројот е 119. Речиси ист е бројот, 47, односно 48 пациенти, кои се лекуваат со дневна терапија. За жал, не опаѓа бројот на оние кои ја загубиле битката со коронавирусот. За две недели починале 36 граѓани. Досега вкупниот број на починати во Прилеп е 131 лице.
Најголем пораст има во бројот на хоспитализирани пациенти на кои им е неопходна кислородна поддршка. Ако пред една недела половината од хоспитализираните имале потреба од килородна поддршка, минатата недела бројката е две третини. Како што велат од Градската болница „Борка Талески", последниве денови се хоспитализираат претежно повозрасни пациенти.
Од почетокот на пандемијата, до вчера, бројот на заразени од коронавирусот во Прилеп е 3.010 граѓани, од кои 1.000 се активни случаи./МИА