Ципрас: За Договорот од Преспа, Мицотакис се надмина себе си во хипокризијата и демагогијата

Онаму каде што навистина господинот Мицотакис и Vладата се надминаа себе си во хипокризија и демагогијата е Договорот од Преспа, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на 84. Меѓународен саем во Солун.

Поранешниот грчки премиер изнуди силни аплаузи и овации од присутните кога во обраќањето се осврна на Договорот од Преспа, особено во делот во кој ја обвини актуелната влада за хипокризија и демагогија, но и за „импресивно салто" во конкретното прашање. Рече дека за конкретното прашање, претходната влада била навредувана и притисната да дава објаснувања, затоа што го одбранила „националниот интерес и мирниот соживот со соседите".

Се осврна и на ланските протести пред конференциската сала „Велидио", каде што секоја година се одржува саемот, прашувајќи се каде се сега, „борците за Македонија" (македономахи).

– И денес оние кои ги толерираа собирите на наводните „македономахи" и наводни патриоти- навистина каде се сега? Оваа година никој не ги виде пред „Велидио". Оние кои лани нè навредуваа, оние кои ги толерираа нападите со молотов врз домовите на пратениците кои гласаа во Парламентот, оние кои договорот го нарекуваа предавнички, штетен договор. Сега истите тие доаѓаат и велат дека не само што ќе го спроведат, не само што ќе се придржуваат до верно спроведување, туку и ќе го почитуваат. Да, ќе го почитуваат. И им велиме, многу добро ќе направите што ќе го почитувате. Тоа е договор што вреди да се почитува од секоја влада, но на овој начин правите, вашето салто да изгледа поимпресивно од тоа што навистина е, порача поранешниот грчки премиер во неговото обраќање.

Ципрас истакна дека Мицотакис, за време на неговиот говор на свеченото отворање на саемот во Солун минатата сабота не кажал ниту збор дека благодарение на Договорот од Преспа, Грција е примена во Берлинскиот процес, како и во кинеската иницијатива 16+1, што стана 17+1, дека благодарение на договорот, „процветаа трилатералните и квадрилатералните соработки", а Солун има надградена улога на Балканот.

Лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер, за време на неговиот синоќешен говор во Солун, го претстави нивниот алтернативен план за економијата и општеството, упати критики до актуелната влада, а се задржа и на автокритиката и грешките кои тие ги направиле во изминатите четири и пол години додека беа на власт.

Вартоломеј: Вселенската патријаршија помогна да се вратат мирот и поредокот на Балканот

Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава" во Белград со која беше ставен крај на 55-годишниот раскол, само неколку дена по одлуката на Фанар да ја прифати Охридската архиепископија во канонска и евхаристиска заедница.

На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски", кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Македонија.

– Преку вас ја поздравувам светата црква на Србија и срдечно го прегрнувам нејзиниот поглавар, најљубениот и блажениот патријарх г. Порфириј. Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски, на заедничка вера и заеднички борби, и врски на љубовта на мајката кон својата сакана ќерка, кои според апостол Павле, „никогаш не пропаѓаат", истакна вселенскиот патријарх.

Тој ја нагласи и радоста на, како што посочи, Мајката црква во Константинопол по „историската одлука" на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот.

Бројот на жртвите во силните бури во Онтарио и Квебек, во Канада, се зголеми на осум

Бројот на жртвите на силните бури во двете најнаселени канадски провинции, Онтарио и Квебек, се зголеми на најмалку осум, соопштија локалните власти.

Службите за итни случаи продолжуваат со обнова на уништените столбови за да може да се обнови снабдувањето со струја во домовите на половина милион жители на двете провиници, објави „Гардијан".

Невремето, што во саботата попладне траеше повеќе од два часа и беше со јачина на торнадо, остави траги на уништување во делови од провинциите Онтарио и Квебек.

Ветровите со брзина од 132 километри на час соборија дрвја, урнаа електрични столбови и уништија бројни далноводи.

Компаниите за производство и дистрибуција на електрична енергија се обидоа вчера да го повратат снабдувањето со електрична енергија, а најголем број смртни случаи имаше од паднати дрвја, соопштија владини претставници.

Премиерот Џастин Трудо изјави дека федералната влада е подготвена да им помогне на луѓето на кои тоа им е потребно.

„Размислуваме за сите што беа погодени и благодарни сме на тимовите кои работат на враќање на електричната енергија", напиша Трудо на Твитер.

Најголемата дистрибутивна мрежа за електрична енергија во Онтарио, Хидро 1, соопшти дека ја вратила електричната енергија во повеќе од 360.000 домови, но до рано утринава 226.000 домаќинства сè уште беа без струја.

Премиерот Ковечевски на тет-а-тет средба и аудиенција кај папата Франциск

Почна тет-а-тет средбата на премиерот Димитар Ковачевски со папата Франциск во Ватикан. 

Средбата се реализира во рамките на официјалната и работна посета на делегацијата на Македонија во Ватикан и Рим, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

По средбата, предвидена е и аудиенцијата кај папата Франциск, на која заедно со Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевски, како и членовите на делегацијата министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Во делегацијата се и Мартин Попов, шеф на Кабинет на претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј", Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква.

Подоцна во текот на денот, Ковачевски заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе имаат средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.

Како дел од работната посета, премиерот Ковачевски денеска ќе се сретне и со премиерот на Бугарија Кирил Петков.

Програмата во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, денеска делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија.

притисни ентер