Четири лица загинаа во силното невреме во Полска

Четири лица ги загубиле животите, а 18 се повредени во невремето што ја зафати Полска, проследено со силен ветер со ураганска сила, оставајќи зад себе материјална штета, соопштија властите.

Пожарникарите пријавиле повеќе од 10.000 интервенции и 930 оштетени згради, јави приватната телевизија ТВН24, додавајќи дека најлоши биле провинцијата Лубуш на запад и Лоѓ во центарот.

„Невремето беше страшно, го скрши лимот од покривот и го фрли од едната страна на куќата на друга“, изјави за ТВН24, Кшиштоф Копчински, чија куќа во Машковице е оштетена.

„Добро е што имаше оџаци, инаку ќе го однесеше целиот покрив.“

Во Вроцлав, на југозападот на земјата, полицијата известила дека две лица загинале кога дрво удрило во нивниот автомобил.

„Полицијата во Вроцлав доби информација дека дрво паднало врз автомобил додека возело“, рече полицаецот Павел Нога. „За жал, на местото на настанот е потврдено дека две лица во автомобилот загинале.“

Полската метеоролошка служба вечерва издаде предупредување поради невреме, а најсилен ветер се очекува во северна Полска.

Кремљ: Договорен е прелиминарниот датум за видео-конференција Путин-Бајден

Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин изјави дека видеоразговорот со американскиот претседател Џозеф Бајден ќе се одржи по патувањето на рускиот лидер во Индија, планирано за следната недела.

Јуриј Ушаков не прецизираше кога точно ќе се одржи видеоповикот меѓу двајцата претседатели, велејќи дека сè уште се работи на последните детали за разговорите.

– Состанокот ќе се одржи за неколку дена. Веќе имаме конкретен датум и време за видеоконференцијата. Но, подобро е да се почека сите подготовки да бидат целосно договорени со американската страна. Тогаш ќе имаме можност да излеземе со официјално соопштение, рече Ушаков.

Тој рече дека двајцата лидери ќе разговараат за напредокот во спроведувањето на договорите кои двајцата ги постигнаа во Женева во јуни, за „незадоволителните" билатерални врски, „Авганистан, Иран, Либија, кризата во Украина и дијалогот за стратешка стабилност".

Швајцарија: Се зголемува бројот на заразени, се воведуваат построги мерки

Швајцарските власти денес најавија воведување на построги мерки за ограниучување поради зголемениот број на заразени со Ковид-19.

Маските ќе мора да се носат во поголемиот број затворени простори а само оние кои се вакцинирани или прележале Ковид ќе можат да одат на разни настани.

Надлежните ја повторија препораката што поголем број граѓани да работат од дома. Новите мерки стапуваат на сила на 6 декември и ќе траат до 24 јануари, пишува Ројтерс.

Ковид-сертификати за семејни собири?

Во Швајцарија досега се потврдени три случаи на инфекција со новата варијанта омикрон. Заразените се во изолација, а нивните контакти се во карантин.

Земјата која има 8,7 милиони жители се бори со пораст на инфекции, со повеќе од 96.000 нови случаи во последните 14 дена. На 29 ноември е забележан најголем број новозаразени од почетокот на пандемијата – 11.340.

Властите исто така ја проширија употребата на Ковид сертификатите. Тие ќе бидат потребние за сите јавни настани што се одржуваат во затворен простор, како и за сите спортски и културни активности.

Ризик претставуваат и помалите семејни собири, се вели во соопштението.

„За собири со семејството и пријателите во затворен простор со 11 или повеќе учесници, препорачуваме во иднина да се воведе употреба на Ковид сертификат“, се додава.

притисни ентер