Честитка од претседателот на ДСВМ Никола Бабовски по повод Националниот ден на Власите

На сите припадници на влашката заедница во Македонија, во мое лично име и во име на Демократскиот сојуз на Власите од Македонија, ви го честитам денешниот празник 23 – ти Мај –Националниот ден на Власите.

Денешниот ден, има уште поголема вредност затоа што славиме јубилеј, 115 години од признавањето на правата на Власите како посебен народ.

Јас, како претседател на ДСВМ, сум исклучително горд на влашкиот народ што во сите изминати години, покажавме и докажавме дека успешно го следиме, го почитуваме и го применуваме за нас светиот документ ИРАДЕ. Во сите изминати години, рамноправно придонесуваме и во економијата, активно сме вклучени во политиката, во науката, во образованието, во медицината, во уметноста.

А денес, како никогаш досега сме исправени пред предизвикот да го зачуваме здравјето на сите граѓани пред се во нашата држава, но и во целиот свет.

Како и во изминатите години така и сега, но и во иднина ќе продолжиме заедно да делуваме и да го унапредуваме општествениот, економскиот, политичкиот и културниот живот. Тоа нека ни биде поттик за создавање на општество кое обединува.

Со одговорно и искрено продлабочување на меѓусебната толеранција и доверба, почитувањето на посебностите и различностите, можеме да се обединиме да создаваме безбедна, стабилна и просперитетна иднина за сите граѓани во Македонија.

Честит 23 Мај Национален ден на Власите !

Претседател на Демократскиот Сојуз на Власите (ДСВМ)

м-р Николче Бабовски

притисни ентер