Чадот од пожарите на западот на САД стигна до Европа(ВИДЕО)

Чадот од огромните шумски пожари на западниот брег на САД стигна сè до Европа, објави денеска Европската служба за следење на климата.

Сателитските податоци од Службата за мониторинг на атмосферата ,,Коперникус’ (КАМС) покажаа дека шумските пожари што ги опустошија Калифорнија, Орегон и државата Вашингтон се „неколку десетици до стотици пати поинтензивни“ од просекот во последните неколку години.

Поради силните атмосферски системи, чадот од пожарот е заробен со денови над западниот дел на Северна Америка, предизвикувајќи потенцијално опасен квалитет на воздухот во градовите како Портланд, Орегон, Ванкувер и Сан Франциско.

Но, времето се смени во понеделникот и чадот се разнесе на исток. Вчера чадот бил видлив на небото над Њујорк.

КАМС објави дека откриле дека честичките чад од пожарот достигнале дури 8000 километри подалеку на исток, кон северна Европа.

Се проценува дека пожарите ослободиле повеќе од 30 милиони тони СО2 од средината на август.

„Обемот и интензитетот на овие пожари се далеку поголеми отколку во последните 18 години од кога собираме податоци“, рече Марк Парингтон, постар соработник за истражување на КАМС и експерт за шумски пожари.

Пожарите веќе зафатија скоро два милиони хектари во западниот дел на САД, што приближно одговара на областа на државата Њу Jерси. Загинаа 35 лица, а се стравува дека може да има повеќе жртви.

Глобалното затоплување стана една од главните теми во американскиот јавен дискурс неколку недели пред претседателските избори поради овие катастрофални пожари.

Сончево време со мала облачност на последниот ден од летото

Времето денеска ќе биде сончево со мала, а на југозапад со умерена локална облачност. 

Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

На последниот ден од летото, минималните температури ќе се движат од 8 до 12 степени, а максималните од 23 до 29 степени. Во Скопје минимална температура до 10 степени, максимална до 29 степени.

УХМР и за првиот ден од есента најавува сончево време со умерена облачност. Попладне во западните делови ќе има услови за појава на локален дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Утре ќе се бираат замениците-министри во Владата

Утре почнува собраниска седница на која треба да бидат избрани замениците-министри во Владата. На официјалниот сајт на Собранието, седницата е закажана за 11 часот.

Предлогот со заменици-министри, Владата го достави до Собранието во петокот.

Во одбраната за заменик-министер е предложен Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда предлогот за заменик-министер е Агим Нухиу.

Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими треба да му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија предложен е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство за заменик е предложен Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.

Доктор Илир Хасани е предлогот за заменик-министер во Министерството за здравство. Арафат Шабани е предложен во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.

За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска. /МИА

„Монструм" продолжува со сведоци на одбраната

Одбраната на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во април 2012 година, на денешното рочиште ќе ги престави своите сведоци.

Судскиот предмет „Монструм” е во фаза на доказна постапка. На претходните рочиште сведочеа разни полициски службеници како од Крим техника, така и од Одделениото за претрес, односно од Центарот за известување и командување на МВР. Заедничко нешто на сите овие сведоци беше дека не се сеќават добро на настанот, од причина дека се поминати повеќе години.

За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (во бегство) и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Судењето за овој предмет го води судската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинението го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. /МИА

притисни ентер