Царовска: Компаниите што имаат капацитет за вложување да аплицираат за финансиска поддршка

Сите компании што сметаат дека имаат капацитет за вложување во своите производствени објекти, да се обратат до Министерството за економија и да аплицираат за Програмата за директна финансиска поддршка за инвестиции. 

Оние, пак, што ја користат мерката за минимална плата, да ги задржуваат работниците и работните места, порача денеска вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Царовска заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски го посети производствениот објект на компанијата „Мако маркет" каде се запозна со условите за работа на компанијата во време на пандемија, како и со сите предизвици со кои се соочува бизнис секторот во овој момент.

-„Мако маркет" е во одлична кондиција независно од кризата. Инвестира во континуитет и се грижи за своите вработени. Не користи ниту една мерка од владините за поддршка на платите зашто има производство и дистрибуција на храна што во периодов се троши. Но, инвестира во производствени капацитети, а Владата има посебна мерка за овој тип инвеститори кои и покрај кризата, вложуваат свои финансиски средства, изјави Царовска по посетата.

Таа во оваа прилика потсети дека преку владината КОВИД-Програма досега се поддржани повеќе од 22.000 компании и 120.000 вработени со што се зачувани преку 60.000 работни места./МИА

Општина Центар: Реконструирани две улица во населба Водно

По барање на жителите на Центар кои живеат во населба Водно, Општина Центар ги реконструираше улиците „Периша Савелиќ“ и „Салвадор Аљенде“.   

Градежните активности опфаќаа комплетно нивелирање на улиците и поставување нов асфалт на површина од 3233 метри квадратни на улицата „Периша Савелиќ“ и нов асфалт на површина од 954 метри квадратни на улицата „Салвадор Аљенде“.

Во изминативе две недели, Општина Центар постави и нова вертикална сообраќајна сигнализација за воведување еднонасочен сообраќај на улицата „Партениј Зографски" во населба Водно, на потег од крстосницата со улицата „Салвадор Аљенде" до крстосницата со улиците „Питу Гули" и „Ацо Караманов". Со поставување на вертикалната сигнализација, улицата „Партениј Зографски" беше обележана и со хоризонталната сигнализација за подобрување на условите во автомобилскиот сообраќај на Водно.

Досега во овој дел на општината реконструирани се улиците: „Загребска“, „Караорман“, „Бигла“, „Димитар Пандилов“, „Ганчо Хаџипанзов“, „Капиштец“, „Питу Гули“, а наредна за реконструкција е улицата „Димитар Беровски“.

Општина Центар продолжува со активности за реконструкција на улици кои ќе придонесат за обезбедување подобри услови за живот на граѓаните, како и хуманизирање на просторот со побезбедни услови во автомобилскиот и алтернативниот сообраќај и неопходни паркиралишта во интерес на граѓаните.

УЈП: Граѓаните да ја сменат трансакциската од Еуростандард банка во апликацијата МојДДВ со валидна сметка

Управата повикува оваа промена да ја направат и сите корисници на МојДДВ кои имаат внесено погрешна трансакциска сметка

Управата за јавни приходи (УЈП) апелира до граѓаните кои во апликацијата МојДДВ имаат внесено трансакциска сметка од Еуростандард Банка, да извршат промена со внесување на валидна трансaкциска сметка, со цел исплата на средства од поврат на ДДВ за физички лица.

-Промената на трансакциската сметка во апликацијата МојДДВ се врши на следниот начин: Најавете се во апликацијата МојДДВ и во долниот дел од екранот одберете го прозорчето „профил", потоа во делот трансакциска сметка внесете ја Вашата нова трансакциска сметка. Оваа промена треба да ја потврдите со лозинка која ја користите за најава на Е-ПДД, потоа го бирате копчето „зачувај" и Вашата трансакциска сметка е сменета, објаснува УЈП.

Управата повикува оваа промена да ја направат и сите корисници на МојДДВ кои имаат внесено погрешна трансакциска сметка.

-Точно внесените податоци во апликацијата МојДДВ се основа за исплата на поврат на ДДВ за сите граѓани кои ја користат апликацијата и скенираат фискални сметки, стои во соопштението од УЈП.

Комисијата за заразни болести со конечен предлог за наставата, Владата треба да одлучи

По заклучокот од седницата на Владата во вторникот Планот на МОН за учебната 2020/2021 да биде споделен со Комисијата за заразни болести и таа да го даде мислењето за моделот на настава.

Комисијата вчера на состанок донесе конечен предлог кој сега ќе треба да биде разгледан од Владата и таа да ја донесе одлуката како ќе работат училиштата од 1 септември.

Предлогот е учебната година да почне онлајн, со два исклучока – првиот е за учениците од прво до трето одделение, за кои се предлага да ја следат наставата со физичко присуство, земајќи го предвид социоемоционалниот аспект и нивната возраст, а вториот исклучок се училиштата со мал број ученици по паралелки – наставата да ја организираат со присуство во училниците ако тоа го дозволува епидемиолошката состојба.

Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска претпладнево за МИА изјави дека Координативниот кризен штаб од МОН побарал да ги приспособи протоколите за моделите на настава врз основа на предлогот на Комисијата и да достави податоци колку се на број училиштата со помал број ученици кои би организирале настава со физичко присуство, во кои општини се наоѓаат, нивните просторни услови итн. Наумовска рече дека работните групи на МОН се во комуникација со Штабот и откако протоколите ќе се усогласат со предлогот од Комисијата, тој ќе биде ставен на дневен ред на седница на Владата, веројатно идната недела.

Министерот Арбер Адеми, кој е на ставот дека училиштата треба да бидат отворени секаде каде што состојбата со вирусот е стабилна, смета дека предлогот на Комисијата за заразни болести е компромис на две различни гледишта – ставот на МОН за физичко присуство и ставот на здравствените авторитети – онлајн-настава. Според него, предлогот на Комисијата е добра насока за изнаоѓање најсоодветен модел за настава.

Трите модели што ги содржи Планот на МОН се: настава со физичко присуство со мерки за заштита – маски и растојание од најмалку 1,5 метар помеѓу учениците во училница, далечинско учење или онлајн-настава, и комбинирана настава – пред сè за училиштата со голем број ученици. Комбинираниот модел предвидува учениците да бидат поделени на помали групи – една група која би следела настава со физичко присуството една недела, а во исто време другата група ученици, како и хроничко болните, би го следела часот онлајн. Ако е невозможно во реално време, тогаш лекциите од денот ќе се снимаат и ќе се споделат со таа група ученици преку платформа за учење.

Подготвените предлог-протоколи имаат конкретни упатства за различни ситуации и услови, за бројот на ученици во паралелка, скратување на наставните часови (предлогот е од 40 на 30 минути во основно, односно од 45 на 35 минути во средно) итн.

На прес-конференција пред два дена Адеми укажа дека е можно одложување на почетокот на учебната година затоа што кој модел и да се избере, ќе треба да се направат измени на законите за основно и за средно образование, а за тоа е потребно функционално Собрание./МИА.

притисни ентер