Бугарскиот амбасадор Желјаско Радуков на разговор во МНР

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија.

-Во врска со најавата на претседателката Сиљановска Давкова информираме дека во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан Амбасадорот на Република Бугарија, потврдија вчера од МНРиНТ.

За денеска во 11 часот е закажан и брифинг за медиуми на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за досегашните и идните активности, како и за актуелни прашања од доменот на работата на МНРиНТ.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска - Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.

- Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Опозициската СДСМ и вчера реагираше за посетата на Софија, обвинувајќи дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозиле македонската самобитност и македонски идентитет.

Според СДСМ, „претседателката и владејачката партија иницирале дипломатски скандал со кој допуштиле Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани“.

-Првпат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на прес-конференцијата на СДСМ наведе дека „не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања.“

- Додека СДС беше на власт, видовме како се преговараше зад затворени врати, како се менуваше името на државата без вистинска консултација со народот, и како се промовираа политики што ги понижуваа нашите национални интереси. Тие продадоа сè што можеше да се продаде и сега, од опозиција, лицемерно критикуваат и напаѓаат. За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Средбата на Радев и Сиљановска Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со „Набуко“, како чекор од културната дипломатија. Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков.

Новоименуваниот амбасадор на Бугарија Желјаско Радуков и ги предаде акредитивните писма на претседателката Сиљановска Давкова на 10 септемеври, заменувајќи го досегашниот амбасадор Ангел Ангелов.

Видео: Новинар го удира Трамп со микрофон во лице, многумина ја коментираат неговата реакција

На социјалните мрежи вирално стана видео на кое се гледа како американскиот претседател Доналд Трамп го удира репортерка со микрофон во лицето за време на прес-конференција.

Инцидентот се случи додека Трамп одговараше на прашања на новинарите за време на кратката прес-конференција во заедничката база Ендрјус во Мериленд. Беше прашан за ситуацијата во Газа, кога микрофон, одеднаш влезе во кадарот и го удри право во лицето.

Трамп за момент вкочането ја погледна новинарката, кревајќи ги веѓите, но брзо се смири и вниманието од прашањето го пренасочи кон шега.

"Таа вечерва стана телевизиска ѕвезда. Само што стана голема ѕвезда, нели? Дали го видовте тоа?" Трамп коментираше пред камерите, прекинувајќи го својот одговор на сериозно прашање.

Вучиќ: Сакам да го изразам моето задоволство што се одржа голем протест без жртви

Обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ по денешните масовни протести.

Во името на сите граѓани на Србија и како претседател на Србија сакам да го изразам моето задоволство што се одржа голем протест, со негативна енергија, гнев и гнев кон властите во Србија, без да има жртви или сериозни повредени“, рече Вучиќ.

Вучиќ изјави дека се повредени околу 56 лица, но никој не е тешко повреден, а повредениот на плоштадот Никола Пашиќ не е во животна опасност.

Вкупно 44 лица се во Ургентниот центар, 11 во Клиничката болница Звездара“, рече Вучиќ.

„Исто така, сакам да кажам дека се срамни обвинувањата дека некој употребил звучен топ, прикажувајќи војници и членови на „Кобра“ како тоа што го држат да е звучен топ - рече тој.

Претседателот на Србија нагласи дека сите лица кои учествувале во уништувањето ќе бидат приведени и ќе одговараат за криминални дела.

-Горд сум на фактот што 99 отсто од студентските блокатори не сакаа инциденти, рече Вучиќ.

Пленковиќ отпуштен од болница по операција на срцето, в понеделник се враќа на работа

Хрватската влада соопшти дека премиерот од понеделник ќе се врати на редовните активности, пренесува Вечерњи лист.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ попладнево, околу 17 часот, беше отпуштен од Клиничкиот болнички центар во Загреб (КБЦ) , каде што синоќа беше примен на лекување заради повремено нарушување на срцевиот ритам (аритмија) и каде имаше хируршка интервенција.

Хрватската влада соопшти дека премиерот од понеделник ќе се врати на редовните активности, пренесува Вечерњи лист.

„Постапката на која беше подложен на Пленковиќ синоќа беше планирана порано и помина добро, а по излегувањето од болница си замина дома и во понеделник ќе се врати на редовните обврски и партиски активности“, посочуваат од хрватската Влада.

Според програмата, во понеделник хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ треба да ги посети обновените згради во Загреб, кои беа уништени во земјотресот пред пет години, и да присуствува на комеморацијата за претседателот на Врховниот суд Радован Доброниќ, а потоа и на состанокот на ХДЗ на округот Вараждин и на комеморацијата на 35-годишнината од основањето на ХДЗ.

притисни ентер