Бугарија се обидела на Македонија да и го испорача Венко Марковски како шпион на ЦИА

Десетина години по бегството на Марковски во 1965 година од Македонија во Бугарија, Тодор Живков доставил понуда до југословенската дипломатија веднаш да го испорача на Југославија, односно на Македонија, затоа што е евидентирана негова соработка со ЦИА.

Истовремено, како што се вели во сторијата на МИА, бугарската тајна служба почнува да го следи со образложение дека имала информација дека му е загрозен животот од УДБ-а, а фактички затоа што власта се сомневала дека соработува со ЦИА.

Всушност, според Коле Чашуле, великобугарската политика веќе се имала заситено од поетот, од неговата „служба“ и „услуги“, веќе бил ислужен, неупотреблив, оптоварувачки, па затоа бугарската држава била готова да тргува со него како со ситна монета за поткусурување во меѓудржавниот политички пазар. Се разбира, манипулацијата со понудата бугарската власт да го „испорача“ Венко Марковски како агент на ЦИА веднаш е отфрлена со образложение дека таква размена на „предавникот“ не доаѓа предвид.

Сето ова, меѓу другото, го забележал писателот Коле Чашуле во својот писателски бележник во декември 1991 година, пишувајќи за случајот Венко Марковски како за самоубиство на едно „галениче навикнато на привилегии што ќе траат вечно“. Според Чашуле, смртта на поетот во јануари 1988 година во Софија, всушност го „ослободила од самиот него“, зашто ако тој, Венко Марковски „имаше свој поробител, своја зандана, свој усмрт, тоа беше тој самиот; неговата суета, илузија дека е поет над поетите, ум на умовите, борец над борците, век над вековите“.


Поет за еднократна употреба

Според Коле Чашуле, авторот на „Црнила“, ретки се примерите, како оној со Венко Марковски, кога човек сам си е свој најголем непријател. Дарбата на Венко, пишува Чашуле, беше несомнена, но исто така е несомнена и неговата амбиција да го завојува за себе сиот простор, да остане сам и единствен. Во тој контекст, неговиот карактер, амбиции, раѓаат првин кај другите, а потоа и кај него илузија на извонредност, безмалу на генијалност. За него се резервирани само пофалби, сеедно што напати немаат никаков аргумент во неговите „уметнички“ текстови:

„Во македонските прогресивни средини пред војната доаѓа до еуфорија во врска со неговата појава. Некритичноста на таа еуфорија има свое оправдание во политичките потреби на моментот. Актуализацијата на македонското прашање во новиот контекст го прави Венко Мрковски, особено во Буграија, доказ за демократичноста и прогрeсивноста на националното прашање на комунистичкото движење. И додека Коста Рацин има постојани проблеми и конфликтни ситуации, Венко Марковски мошне бргу станува жртва на „коруптивна манипулација“. Всушност тој и верува на манипулацијата. Ја живее како единствена вистина. Уште повеќе кога го поддржуваат така силни протектори како што се комунистичкото движење и Тодор Павлов, кој тие години е на врвот на својата популарност и влијание. Со време таа илузија станува природа на поетот. Со тој ореол тој ги живее годините на почетокот на Втората светска војна, па како антифашист бидува испратен во концентрационен логор, каде што е галениче на затворените во логорот“, запишпал Коле Чашуле пред 20 години, подвлекувајќи дека поради леснотијата со која Венко Марковски ги создава своите стихови, отсуството на елеменетарна критичност кон себеси, тој всушност претендира на диктатура на целокупниот простор. Притоа, во отсуство на каков и да е критички осврт, и со огромна поддршка на партијата и политиката, тој влегува во филмот дека животот ќе биде лесен, дека привилегиите ќе траат вечно, дека моќната конкуренција, ако сака да види свет, ќе мора да патка по него, да се восхитува неумерено, да го имитира, да му служи за навек. Значи, смета Чашуле, трагедијата на поетот се подготвуваше долго време:

„Првиот обид за манипулација со Венко Марковски го направија весникот „Зора“ и Јордан Бадев. Манипулацијата ја продолжи Тодор Павлов, а ја презеде новата власт во Македонија, македонската држава. Доаѓањето на Венко Марковски во Скопје беше безмалку означено како најзначаен настан на првата страница на „Нова Македонија“. Домот на Венко Марковски стана центар, собиралиште, во кое се одеше и заради Венко Марковски, но и заради тоа преку присутвото во тој дом да се добие статусно значење, место во хиерархијата на новата власт, затоа што таму не беа допуштани сите.

Селекцијата беше строга и, напати, сурово дискриминаторска. Секој нов стих, секоја нова поема, секоја нова книга беше проследена со седенки, со разговори во кои неумереноста во пофалбите беше единственото толерирано поведение. Всушност, Венко Мрковски беше опијанен од својата слава, седенките ги доживуваше како признанија, пофалбите како конечни вистини, со тоа се создaваше култ, а новосоздадената држава, власта, имаа потреба од него. Тоа што го создаваше Венко Мрковски беше, според нив, недвосмислена потврда за автентичноста на јазикот, за оспособеноста на јазикот да создава литературни вредности, ја афирмираше нацијата, државата, а со тоа и создаваше легитимитет на тогашната врвна власт.

Државата не жалеше средства за него, сеедно што беа тоа дни на голема сиромаштија. Националниот поет мораше да има се, беше изземен од она што беше секојдневие на народот. Навистина, во Македонија, тој уште немаше со кого да се мери, со кого да се споредува, поради што неподелено се исповедаше дека тој е македонскиот Пушкин. Се разбира, надвор од Македонија, тој мораше да се сведува на она што навистина беше, на својот вистински книжевен формат. А него и самата помисла на споредба го иритираше.

Луѓето знаеја кој е Мирослав Крлежа, кој е Иво Андриќ, и не се чувствуваа обврзани нив да ги поништат зарaди него. Напротив, сметаа дека тој е еден од многуте поети по војната кој допрва треба да се ослободува од влијанието на народната поезија, па неговото дело е само обична варијација според познати шаблони. Од друга страна, поведението на Венко Марковски надвор од Македонија, за разлика од уживањето во ловориките дома, даваше обемни докази за неговата приземна нетрпеливост, себевљубливост.

Распнат меѓу интимната, искрена вера во тоа дека е парник на Пушкин, меѓу славата што му ја признаваше, и уважуваше, македонската држава и власт, а истовремено соочен со „суровата неправда“ што му ја нанесуваше вонмакедонскиот, југословенски контекст, Венко Марковски мораше да се сооочи и со појавата на книжевен и јазичен амбиент. Траумата од југословенскиот опит се закани дека ќе има и своја македонска димензија.

Имено, се појави конкуренција, се појавија Ацо Шопов, Блаже Конески, се најавија поети како Гого Ивановски, Гане Тодоровски, Србо Ивановски, Славко Јаневски, а самобендисаноста на Венко Марковски не дозволуваше конкуренција па растеше неговото незадоволство. Притоа не остана поштедена од неговата лутина и приговор, па и бес, ни власта, државата... Венко Марковски искрено веруваше дека тие не го прaват ни најнужното да го одбранат од заговорот против него“, пишува Коле Чашуле.


Изолација во хотел во Крушево

Сето ова, заедно со Резолуцијата на Информбирото, Венко Марковски го идентификува како виновник за некаков „заговор против него“; верува дека Резолуцијата не само што го открива „виновникот“ туку ја покажува и перспективата, утврдува кој и како работел против него. Меѓутоа, за жал, определбата на Венко Марковски за Резолуцијата на ИБ внесува смут, дезориентација и во врхушката на власта.

Таа одеднаш се сети себеси загрозена. Без дотогашната легитимација. И се зафати да го „врати поетот на првиот пат“. За да му помогне, смета Чашуле, го изолира во хотел во Крушево, со сите привилегии на статусна изолација. Се ангажираа сите сили во „убедувањето“ на поетот, власта веруваше во можноста за „превоспитување“ на поетот. И, се разбира, власта и поетот бргу се договорија: поетот го објави во „Нова Македонија“ своето прочуено покајничко писмо.

Неговиот гест беше шумно објавен како „враќање на поетот“, при што се обзнани дека не се работи за обично враќање туку за враќање со „епохално дело – херојската драма Гоце. Сепак, критичките одгласи, и оние јавните, кои мораа да бидат езоповски срочувани, подвлекува Чашуле, но и оние другите, тајните, беа дека е во прашање просечно, та дури и потпросечно дело, драма сложена од слики за животот на Гоце Делчев, со изречно патетична интонација:

„Собирот во Друштвото на писателите во врска со „Гоце“ покажа дека настапува време на јавна критичка реч за Венко Марковски. Се разбира, незадоволството од овој собир беше двострано: незадоволен беше поетот, незадоволна беше и власта, но обете страни веќе немаа можност да се наметнат. Згора на тоа и кај самата власт веќе настапуваше своевиден замор од поддршката на Венко Марковски.

Годините што следуваа беа години на засилено незадоволство на „државниот поет“ не само од тоа што не се изврши реставрација на неговиот пиедестал со сите привилегии, туку и од фактот што процесот на еманципација на македонската литература веќе создаваше вредности кои, надвишувајќи го делото на „поетот“, отвораа широки можности за афирмација на македонската литература независно од него“.

Смртта како враќање во реалноста

Во една таква душевна и духовна состојба, Венко Марковски, под псевдонимот „Леопарди“, објавува брошурка во прилог на ИБ, СССР и Бугарија, но набрзо е откриен од еден пријател од Велес и следува судска разврска, по која „државниот поет“ мора да оди во затвор:

„Во самиот почеток на процесот, тој се откажува од своето име Венко Марковски, изјавувајќи дека се вика Венјамин Тошев, дека е по народност Бугарин, и сака како на таков да му се суди. Бугарската опција требаше да ги отвори патиштата за емиграција, таму каде што тој можеби очекуваше реституција на предвоената состојба. Уште повеќе што сега Тодор Павлов беше и врвна власт. Годините непосредно по излегувањето на Венко Марковски од затвор до неговата емиграција во 1965 година се години на незадржлив разгор на нови вредности во македонската литература.

Се појавија нов бран исклучителни автори и дела, кои делата на Венко Марковски ни оддалеку не можеа да го следат. Понатамошното останување на „поетот“ во Македонија ветуваше драматично соочување со таа негативна, за него, стварност. Суетата, но и деформациите како последица на продолжената манипулација со него ги затворија сите други патишта освен оној што водеше во емиграција. Се разбира, првите години таму, во емиграција, привелигиите се неброени, наградите исто така.

Врвното место во хиерархијата на привилеигиите е под заштита на државата, но бугарската литература има сјајни писатели и поети, кои натрапникот го сметаат за туѓо тело кое заграбува голем дел од значајните привилегии за кои се борат и на кое рефлектираат многумина други, домородни автори. Македонската емигрантска судбина доживува нова реприза. Притоа, се разбира, неговата поезија, на трајни релации, не остава трага во бугарската литература.

Лишен од својот јазик, од неговата убавина, Венко Марковски се сведува на парола и плакат. Манипулацијата со него одново зема замав, сега главно како одмазда за неговиот „македонски период“. А до кои грди консеквенци стигна манипулацијата со Венко Марковски може да се види од понудата на Тодор Живков до југословенската дипломатија, Бугарија „да и го испорача Венко Марковски на Југославија, респективно на Македонија, затоа што е евидентирана негова соработка со ЦИА“.

Всушност, бугарската великодржавна политика се имаше заситено од поетот, од неговата „служба“ и „услуги“, тој за нив веќе беше неупотреблив, оптоварувачки та затоа бугарската држава беше готова да тргува со него како со ситен кусур за поткусурување во меѓудржавниот пазар. Се разбира, манипулацијата од бугарска страна со понудата за „испорака“ на поетот како агент на ЦИА, беше отрфрлена со образложение дека размената на „предавникот“ не доаѓа предвид.

Притоа, фактот што поетот во својот чин остана осамен, непридружен, бездруго претставуваше едно од најболните, најтрагични негови искуства. Ниту еден македонски интелектуалец, научник или писател не тргна по неговиот пат, не ја одбра емиграцијата во Бугарија како пат за решавање на некаков свој, личен проблем, свој личен случај. Затоа сметам дека Венко Марковски ги проживеа последните години од животот, најверојатно, со горчлива свест дека, сепак, го завршува животот во згрешена улица.

Затоа смртта му се јави како ослободител, го ослободи од него самиот, од неговата болна суета, самоизмама, илузија, го поштеди од она што допрва можеше да дојде како безочна пресметка со него во контекст на некаква нова, „демократска“ дневно-политичка манипулација. Со смртта, Венко Марковски се врати на себеси, на својата поезија, на својот вистински, и единствен јазик, на својата литература, на својата нација. Особено, затоа што недвосмислено се покажа дека надвор од својот јазик не е поет каков што беше дома, а и дома тој не беше поет каков што се замислуваше себеси, но беше свој“, запишал Коле Чашуле пред двесеттина години во своите записи за состојбите во македонското општество, македонската литература и култура воопшто.


Димитар Талев сакаше да се врати во Македонија

За разлика од Венко Марковски, кој одлучил да побегне од својот јазик, Димитар Талев во еден период имал голема желба да се врати во својот Прилеп, во својот јазик, во своите најдлабоки спомени и вистинска книжевна инспирација:

„Војната и настаните веднаш по неа доведоа до ликвидација на весникот „Зора“ на Данаил Крапчев и до осуда на луѓето од редакцијата, вклучувајќи го и Димитар Талев. Нешто подоцна до мене дојде веста дека тој е вратен од интернација и помислува да си дојде во Прилеп.

Веста се совпадна со мојата тогашна ангажираност да си ги прибереме сите македонски писатели во Македонија, па го замолив мојот близок другар од востанието, Ѓоре Ѓорески, кој ја вршеше должноста советник во Југословенската амбасада во Софија, да стапи во контакт со Димитар Талев и да му пренесе дека во Македонија ќе биде повеќе од добро пречекан. Од Ѓорета добив писмо во кое ме известува за разговорот со Димитар Талев и за неговата вистинска намера да дојде во Македонија. Прогонет, каков што се чувствауваше тој тие години, и посебно по интернацијата, Димирар Талев во своето враќање во Прилеп најверојатно виде некаков азил...

Меѓутоа, во меѓувреме, контактите со Димитар Талев, па и нашето планирање да го задомиме сосем во Прилеп, беа, како што се велеше тие години, провалени, и бугарската власт, согледувајќи ги нејверојатно последиците, веднаш презеде мерки. Според информацијата која ја добив, Димитар Талев замина за Варна и остана таму да пишува. Во Варна ги напиша своите највредни книги, кои јас ги добив со негова посвета и замолба да му ги испратам моите дотогашни текстови...

Димитар Талев, сеедно што живееше и пишуваше во Бугарија, во Софија, остана главно и сосем во својот Прилеп, својата Македонија. Живееја, пулсираа во неговите романи улиците на Прилеп, сокаците, чаршијата, фамилијарните домови и дворови, се раѓаа, живееја, се радуваа, страдаа и умираа ликовите од неговите романи, наѕираа повремено прилепските мајтапчии како нешто неразделно од неговиот град, мааало, од фамилијарните приказни, а мојот татко, Илија Кепев остана негов даскал, оној што како учител по јазик и историја од најраните години ги посеал своите својства во него, во авторот.“


Александар Алексиев:

Венко Марковски ме тужеше за негативна критика за неговата книга „Над пламнати бездни“. Во својот текст за творечкиот пат на Кочо Рацин и на Венко Марковски, објавен во „Современост“ 1989 година, Александар Алексиев меѓудругото сведочи за тужбата за објавена критика во 1955 година од авторот на книгата „Над пламнати бездни“. Рецензијата била објавена во списанието „Млада литература“, а Венко Марковски веднаш му вратил со тужба за негативната критика на неговите стихови.

„Во 1955 година бев тужен на суд за лична навреда и психичко обеспокојување на тогаш се суште славниот поет, кој самиот, а и многумина други, по инерција продолжуваа да го споредуваат со Ботев, Јаворов, Мајаковски, Пушкин, Хајне и слични корифеи на светската литература“, запишал Алексиев пред 24 години, додавајќи дека, според повеќегодишните контакти што ги имал со поетот, Венко Марковски бил „крајно нестабилна и егоистична личност“, кој безразложно се „чувствуваше како некрунисан македонски крал“.

Според Алексиев, неговата поетска суета најмногу ја потхранувал Тодор Павлов, кој „уште на стартот го одвлече директно во прегратките на мегаломанијата и грандоманијата, изнасилувајќи ја неговата продуктивност, така што неретко квантитетот го задушуваше квалитетот, мисловноста и вдлабоченоста“. Моето мислење за Венко Марковски, пишува Алексиев, не се разликува многу од мислењето на Страхил Гигов, кој во своите сеќавања го окарактеризира како „крајно бескарактерен, како човек што својата нискост ја покажувал скоро во секоја пригода, дека бил паничар и страшливец, дека за една кокошка бил готов секого да опее во песна, дека при повлекувањето од Дебарца, постојано прогонувани и капнати од умор, тој во снегот го фрлил и сопственото дете“, па него, шест-седум километри, го носел Страхил Гигов.

Факт е, исто така, дека во најтешките денови на борбата повеќе од шест месеци бил засолнат во Егејска Македонија, избегнувајќи ги Февруарскиот поход и походот на групата баталјони од Беласица до Козјак со кои биле и ЦК и Главниот штаб, пишува меѓудругото Александар Алексиев, подвлекувајќи дека Венко Марковски по ослободувањето не можел веќе да го следи динамичниот развиток на современата македонска поезија па затоа од својот замислен поетски Олимп се струполил таму каде што неговите услуги се уште можеле да бидат на цена, во Бугарија. /Извор: МИА/

Британец го опиша пеколот во затвор во Дубаи: Ме силуваа, претепуваа луѓе до смрт

Британец кој поминал 22 месеци во затвор во „пустински пекол“ во Дубаи, го опишал своето застрашувачко искуство – предупредувајќи ги луѓето никогаш да не одат таму.

Дејвид Хејг, поранешниот директор на Лидс Јунајтед, тврди дека бил силуван додека лежел на подот од својата ќелија и видел како човек го мачеле до смрт со газење врз грлото.

Злоупотребата што наводно ја претрпел Хејг вклучувала тепање, употреба на електрични тизери, удирање со рачка од метла и запалување за време на неговиот престој во полициската станица Бур Дубаи.

Тогашниот фудбалски газда бил обвинет од сопственикот на клубот од Дубаи дека ги пренасочувал парите на неговите сметки - обвинение што тој се уште го смета за измислено, пишува Дејли Мејл.

Тој рече дека неговото шокантно искуство може да се повтори во неодамнешниот случај на стјуардесата Тори Туи, на која ѝ се закануваа со затвор поради пиење и обид за самоубиство, откако наводно претрпела семејно насилство. Таа беше вратена во Ирска по нејзиното ослободување.

Сега Хејг откри за Дејли Мејл дека неговите искуства во затворите во Дубаи сега го оставаат со ПТСН, кошмари и страшни сеќавања.

„Од водење на фудбалски клуб поминав до лежење на под во затворска ќелија и ме силуваа.

„Кога ги слушнав како велат: „Ќе ги убиеме Британците овде“, помислив дека тоа е само обид да ме заплашат“.

„Видов некој убиен пред мои очи затоа што го мачеа - го однесоа на место и слушнав како го тепаат, го вратија назад и падна до мене, а тие му стоеја на грлото.“

На прашањето зошто полицијата ги користела наводните методи на тортура, Хејг рече: „За да добијат признанија. Некои од нив го користат затоа што се зли луѓе и затоа што можат, ги носат во пустина, им ставаат вреќа преку глава, им ставаат пиштол на глава и тоа го прават за садистичка забава“.

Тој бил уапсен во мај 2014 година откако отпатувал во ОАЕ на средба со поранешните сопственици на клубот „Голф Финансил Хаус“ (ГФХ) во Дубаи.

Хејг, кој ги водел преговорите за преземање на Лидс Јунајтед од страна на ГФХ во 2012 година од бизнисменот Кен Бејтс, верува дека тоа бил состанок за градење приватна куќа.

Но наместо тоа, тој се соочил со локален полицаец кој го обвинил за неправилност со проверката.

Потоа бил одведен во полициска станица каде се обидел да ја врати малата сума на пари што ја должел - но потоа завршил во затвор со лажно обвинение.

Хејг рече дека условите во неговата ќелија биле ужасни, со фекалии што се прелевале преку подот.

„Нема тоалетна хартија. Храната што ја добивате нема хранлива вредност - не би ја давале на животните овде. Кога бев таму верувавме дека луѓето ги дрогираат со некоја хемиска супстанција за да ги смират“.

„Тоалетите се само кофи полни со валкана вода со муви околу нив што треба да ги извадите со раце“.

„Нема тоалет на кој можете да седите, има дупки на подот, нема средства за чистење бидејќи може да се користат како отров.

„Пет или шест пати повеќе луѓе се во ќелиите отколку што би требало да бидат.

Но, Хејг не бил единствениот човек од западните земји затворен заедно со опасните криминалци во нехигиенски, преполни ќелии.

Во многу случаи, тврди тој, затворениците во Дубаи не се обвинети, туку принудени да ја признаат вината додека се во притвор.

Ситуацијата во тамошните затвори станала позната откако се дознало дека ирската стјуардеса Тори Туи можела да се соочи со затвор во таа земја.

Нејзините ограничувања за патување подоцна биле укинати, дозволувајќи ѝ да се врати дома по очајни дипломатски напори.

Хејг сега откри како ги избегнала „ужасите што мислам дека никој што го чита ова нема да ги разбере“.

„Тоа е понижувачко за мажите, но уште повеќе за жените - тие се држени одвоени од мажите, но тие се во истиот затвор, токму во соседната зграда“.

Како што рече, Туи има среќа што е ослободена толку брзо.

„Би рекол дека 90 отсто од луѓето во Дубаи не знаат дека го кршат законот и кога има проблем, законот паѓа врз вас.“

„Поминуваат денови и Британците и луѓето од други националности се затворени во Дубаи кога не треба, но не можат да излезат бидејќи правосудниот систем е корумпиран.

„Бев затворен пред 10 години и верувам дека ќе бев мртов или сѐ уште таму да не водев фудбалски клуб и да не бев славен.

Хејг рече дека неговата препорака за оние кои сакаат да патуваат во Дубаи би била „само не одете“.

„Сега во тие затвори има илјадници други Британци и Западњаци, исто така и многу други националности.

„Луѓето треба да се разбудат и да сфатат што всушност е Дубаи - тоа е пекол.

„Таму 10 години живеев во апсолутна илузија, верувајќи во лага.

„Рајот во кој живеат таму е сѐ освен рај“.

По враќањето од Дубаи во март 2016 година, тој поминал седум месеци во болница обидувајќи се да се опорави од ужасите на затворот.

Во своето прво интервју еден месец по ослободувањето, Хејг рече: „Ме однесоа во една споредна соба. Ме држаа да чекам еден час, потоа уште еден час, а потоа дојде една жена и рече: „Дали ги зедовте 23-те милиони?"

„Реков, за што зборувате?, а таа ме праша „Каде се 23 милиони од ГФХ?“

„Водев фудбалски клуб, имав операција на стомакот, се качив во авион, слетав, седнав во полициска станица, ме удри сомнителен полицаец во зелена униформа во лицето, ми викаше на арапски „Каде се парите?“

Му било кажано дека нема да добие кауција и бил одведен низ ходникот во преполниот притворен центар без дополнително објаснување за обвиненијата против него.

„Никогаш нема да заборавам, мирисот беше толку лош додека се приближив до вратата каде што требаше да ме стават. Тоа беше ужас, мешавина од сѐ што не сакаш да мирисаш во твојот живот“.

„Тие ја отворија таа метална врата и ме турнаа внатре и ја затворија.

За време на неговото време во жешка, валкана затворска ќелија со фекалии што течеа насекаде, Хејг рече дека му бил забранет пристап до парите и не му била понудена медицинска помош по операцијата на желудникот“.

Тој тврди дека можел да разговара со своите адвокати само две минути неделно и дека бил подложен и сведок на тортура додека бил зад решетки.

„Дојдоа по мене среде ноќ, ме изнесоа надвор на паркинг, па ме преместија во соба, а потоа бев сериозно физички малтретиран, ме удираа со струја, ме удираа со тупаници по лицето, ме натераа да стојам во чудни позиции и постојано ме прашуваа „Каде се парите?“

„Ми рекоа дека ако признам, ќе можам да си одам дома. Реков дека нема да признаам, бидејќи не го направив тоа и дека можат да продолжат да ме мачат.

„Ти си опкружен со таа изопаченост. Никогаш нема да заборавам, седев таму, а полицијата мачеше човек зад мене“.

„Не знам што направи, но го фрлија на подот, употребија тизер, го клоцаа во глава, три-четворица, употребија прачка и му нишаа во тестисите.

„Менталната агонија низ која поминувате, постојаната закана од злоупотреба, таа траеше цело време.

„Еден месец пред да излезам од тоа место, стоев во ходникот и чекав да земам апчиња против болки, а дојде чувар и без причина ме удри со метла по глава.

Во 2015 година тој бил прогласен за виновен за „прекршување на довербата“ за измама на GFH од 3 милиони фунти со фалсификување фактури и пренасочување пари на сметки што ги контролирал.

По враќањето во Британија, Хејг поминал време со семејството во западен Корнвол, но е во процес на покренување правна постапка поради начинот на кој бил третиран.

Тој изгубил околу 40 килограми додека бил во затвор и рекол дека ефектот врз неговото здравје бил „прилично лош“.

„Злоставувањето што го претрпев, ме тепаа, врз мене беше употребен електричен тизер. Луѓето се обидоа сексуално да ме малтретираат“.

„Имам проблем со очите, цело време нѐ држеа во темница, светлата ретко беа запалени, па не можевте да гледате многу добро, што ви ги оштетува очите. Незамисливиот стрес низ кој поминувате обидувајќи се да се одбраните и да му кажете на светот што ви се случува“.

Во изјавата за случајот на Хејг, Министерството за надворешни работи и Комонвелтот изјавило за Гардијан во 2016 година: „Нашиот персонал од амбасадата беше во речиси секојдневен контакт со г-дин Хејг за време на неговиот притвор, што вклучуваше редовни проверки на благосостојбата“.

„Исто така, редовно го покренувавме неговиот случај со властите на ОАЕ, давајќи им до знаење дека внимателно го следиме.

„Ние ги сфаќаме неговите наводи за злоупотреба многу сериозно и ја покренуваме нашата загриженост со властите на ОАЕ. Изнесуваме наводи за злоупотреба само со согласност на лицето“.

Хејг ја заврши приказната за пеколот низ кој поминал:

„Се обидов да се самоубијам додека бев таму, ако се присилиш на самоубиство, ќе завршиш во многу лоша ментална институција, полоша од затвор, каде што те третираат како криминалец.“

Му плаќаат по 500 евра за да растура свадби, бизнисот му цвета: Распродаден сум до ноември

Средовечен Шпанец по име Ернесто тврди дека смислил генијален начин да заработи пари.

Тој објави видео на TikTok кое предизвика големо внимание и неверување кај корисниците, во кое детално ја објаснува својата идеја.

Имено, Ернесто тврди дека за 500 евра е подготвен да се претстави како „љубовник на младоженецот“ и на тој начин да се откаже венчавката, односно да спречи „несакан брак“.

Тој станал тема број еден во неговиот град и вели дека на луѓето кои ја очекуваат венчавката им зборува како за „најлошиот кошмар“, наместо како најсреќниот ден во нивниот живот.

За основна такса од 500 евра ќе се претстави како „љубов на животот на невестата или младоженецот“, молејќи ги да ја прекинат венчавката и да побегнат со него.

„Ако се сомневате во бракот или вашиот партнер, не сакате да се омажите, а не знаете да кажете не, не грижете се. Ќе ви ја откажам свадбата“, вели Ернесто.

Тој додава дека му треба времето, местото и датумот кога ќе се договара венчавката, а за останатото ќе се погрижи сам, пренесува Oddity Central.

Ернесто целата приказна ја започнал на шега, но наводно бил преплавен со барања од заинтересирани. Тој тврди дека наплатува 500 евра, во кои не се вклучени патните трошоци и доплата за „неочекувани инциденти“.

На пример, ако некој му удри шамар или бокс, ќе бара повеќе пари. Секоја шлаканица чини 50 евра!

„Се обидувам да се сокријам, но свесен сум дека кога ме удираат, добивам повеќе пари. Значи, ако можам да одам побавно, одам побавно. Така заработувам“, објасни тој.

@yahorasonsoles 👀 Un negocio que rompe matrimonios: se ofrece a destrozar tu boda por 500 euros. La propuesta de Ernesto triunfa entre los recién casados: "Si tienes dudas o no te quieres casar y no sabes cómo negarte, no te preocupes, yo me opondré a tu enlace". .#YAS #boda #rompebodas #casarte #matrimonio #risas ♬ sonido original - Yahorasonsoles

Човекот тврди дека бизнисот му цвета и дека е „распродаден до 2 ноември“.

Автобус слета од пат во близина на Мачу Пикчу во Перу, повредени се над 30 туристи (ФОТО)

Над 30 туристи се повредени кога автобус излетал од пат во Перу, во близина на древниот град на Инките, Мачу Пикчу, објави порталот Перу 21.

„Околу 32 туристи се повредени и сите се однесени во градот Куско“, изјави претставник на перуанската полиција.

Порталот јавува дека возачот на автобусот изгубил контрола бидејќи видливоста била намалена поради магла.

Меѓу повредените има шест Италијанци, пет Мексиканци, двајца Јапонци и еден Кинез.

Полицијата отвори истрага за несреќата.

притисни ентер