Бугарија предупредува, но нема да блокира за преговорите со ЕУ

Oфицијална Софија вчера до Скопје испорача предупредување дека бугарската поддршка за нашата земја не треба да биде безусловна.

Во пресрет на состанокот на Европскиот совет на 15 октомври на кој се очекува да биде донесена јасна и суштинска одлука за отворање на пристапните преговори со Македонија, официјална Софија вчера до Скопје испорача предупредување дека бугарската поддршка за нашата земја не треба да биде безусловна. Разликите во изнесените ставови на претседателот Румен Радев и на премиерот Бојко Борисов е во тајмингот кога да бидат поставени условите – првиот инсистира тоа се направи на самиот почеток од преговарачкиот процес, а вториот дека тоа може да се стори во текот на процесот за време на кој на Бугарија и се располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата.

На консултативната средба, која на иницијатива на Радев се одржа вчера во бугарската престолнина, на која присуствуваа премиерот Борисов, вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, а на која се разгледувале односите на Бугарија со Македонија во контекст на евентуална одлука на ЕУ за почеток на преговори со официјално Скопје, според бугарскиот претседател, била постигната принципиелна согласност дека е потребно итно дејствување за да се изгради национален став со јасни барања и критериуми, кои ќе ги заштитат бугарските национални интереси.

Радев смета дека треба да бидат поставени „црвени линии" кои ќе гарантираат дека европската интеграција на Република Македонија нема да биде на сметка на употребата на бугарската историја, јазик и идентитет. Тој оценува дека е потребно на самиот почеток на преговарачкиот процес отворено да бидат поставени услови, од кои ќе зависи преминувањето во следната етапа од преговарачкиот процес.

– Една таква отворена, фер и конструктивна позиција не само што ќе го заштити бугарскиот национален интерес, туку ќе биде од корист и за ЕУ, затоа што нема да дозволи внесување на меѓусоседски проблеми во европското семејство и ќе ја покаже зрелоста и одговорноста на Бугарија за стабилноста на Унијата. Исто така, ќе биде од особена корист за самата Република Северна Македонија, бидејќи јасно ќе воведе европски критериуми и одржливост на процесот на европска интеграција, рече бугарскиот претседател.

Бугарскиот премиер Борисов, пак, по средбата истакна дека секогаш истакнувале дека Северна Македонија може да смета на Софија за ЕУ, но никогаш не кажале дека безусловно го поддржуваат нејзиниот прием.

– До вчера велевме дека сме братски народи, нека не продолжува братоубиствената војна од пропагандата во Скопје зашто ние поблизок народ и луѓе немаме. Да ја запреме Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа ќе биде запишано во историјата дека сите 27 земји ги поддржале, а само Бугарија ги запрела. Ние сакаме и Албанија да оди заедно со Северна Македонија. Но, никогаш не сме кажале дека безусловно го поддржуваме влезот во ЕУ. Имаме на располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата. Да не си играат со историјата и минатотото и да се концентираат на иднината, кажа Борисов.

Премиерот Зоран Заев, пак, на вчерашната прес-конференцијата во Владата одговорајќи на новинарско прашање за позицијата на Софија кон евроиинтеграцијата на земјава изјави дека верува дека нема потреба за загриженост по алармот и пораките што се испраќаат од Бугарија, и дека е можно брзо да се најде решение на отворените прашања со бугарската страна.

-Ние потпишавме договор во кој прифативме дека имаме заедничка историја, а секако дел од историјата ни е посебна на двете земји, и во тој дух јас верувам дека комисиите ќе изнајдат решение…Комисијата е стручна и е направена за да ги дефинира работите. Нашите укажувања се да преземат храбри чекори, засновани на фактите и на вистината. Фактите и вистината се јасни и апелираме да се изнајде решение и верувам дека не е доволно само нашата страна да има волја за тоа, треба и страната од Бугарија, рече Заев.

Тој верува дека и ова поглавје од историјата ќе биде надминато и информираше дека до сега се решени четири историски периоди со шест или седум значајни личности кои заедно ги чествуваме дел од тие периоди.

-Политички покажавме и со договорот дека сме за соработка со Бугарија и продолжуваме во тој правец. Верувам дека и ова поглавје од историјата за кое се разговара ќе биде надминато. Целта ни е да го зајакнеме пријателството и добрососедството. Очекувам дека ќе биде најдено решение. Бугарија е еден од нашите најсилни поддржувачи во ЕУ, а верувам дека тоа ќе го покаже и со одлуката за добивање датум за преговори по 15 години кандидатски статус. Верувам дека нема потреба за загриженост, го примаме алармот и пораките што се испраќаат од Бугарија. Веќе работиме со комисиите, ќе имаме состаноци и ќе укажеме со конечна цел двете страни да бидат среќни и задоволни при постигнувањето на тоа решение, изјаво премиерот Заев. /МИА

Од утре повремени врнежи од дожд, утринските температури значително пониски

Од утре во пладневните часови до ноќта кон понеделник времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. 

На планините, а в недела и на некои од повисоките места, особено во западните делови врнежите ќе бидат од снег. Особено в недела и в понеделник во Повардарието ќе засилува северен ветер, а на почетокот на неделата утринските температури ќе бидат значително пониски.

Како што соопшти УХМР, времето утре ќе биде променливо облачно, наутро со услови за магла или ниска облачност по котлините. Од пладневните часови особено во западните делови ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините особено во западните делови од снег. Повремени врнежи ќе има и преку ноќта. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер претежно од југоисточен правец.

Во Скопје умерено до значително облачно од пладневните часови со услови за краткотарен дожд во делови од котлината.

Во следните три дена минималната температура ќе се движи од -4 до седум степени, а максималната од два до 11 степени.

Почнува пријавувањето за Авицена Женска Трка 2025

Денеска официјално почнува пријавувањето за 13-тото издание на Авицена Женска Трка 2025, која ќе се одржи на 13 април, 2025 година со почеток во 10:00 часот. 

Пријавувањето и регистрацијата за „Авицена Женска Трка 2025“, може да се направи преку официјалната веб страница, односно на следниот линк https://zenskatrka.mk/prijavuvanje/. Право на учество имаат сите припаднички на женскиот пол без ограничување на возраст.

Сите што ќе се пријават до 30 март 2025, нивното име ќе биде испишано на стартниот број. Рокoт за пријавување трае најдоцна до 3 април 2025, а на денот на трката не е можно пријавување.

Стартот на кружната трка од 3 километри ќе биде во 10:00 часот од булевар „Илинден“, во близина на фонтана „Лотос“. Пред самиот почеток, во 09:40 часот, предвидено е и загревање со аеробик вежби. По истрчаните 3 километри ќе се прогласат најдобрите, а потоа следува лотарија со извлекување на среќни стартни броеви од сите учеснички и доделување подароци обезбедени од партнерите на трката.

Подготвени се и репрезентативни маици со логото на трката, кои ќе може да се купат при самиот процес на регистрација.

Со категории за сите возрасти и вредни награди, оваа трка е повеќе од спортски настан, таа претставува симбол на женска сила, мотивација и поддршка. Минатогодишниот успех на Авицена Женска Трка донесе рекордна бројка на женски учеснички на Виз Ер Скопскиот Маратон - дури 52% од сите учесници беа жени!

„Авицена Женска Трка 2025“ е во организација на Сојуз на Спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје и тринаесет години по ред е симбол за мотивација и успех, за постигнати резултати и поставени нови цели, како и за здрав и правилен животен стил.

Организаторите на настанот ги охрабруваат сите жени да се пријават на трката и им посакуваат одлични резулатати.

Трчај за себе, за заедницата и за сите кои допрва ќе ги откријат радостите на активниот живот. Спортувањето е забавно и уште подобро во друштво!

„Авицена Женска Трка 2025“

Во ТИРЗ Кичево поставен камен-темелник на белгиска инвестиција вредна 40 милиони евра

Во ТИРЗ Кичево денеска стартуваше изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ каде во првата фаза ќе бидат инвестирани 10 милиони евра.

Во ТИРЗ Кичево денеска стартуваше изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ каде во првата фаза ќе бидат инвестирани 10 милиони евра и ќе се отворат 120 до 200 вработувања.

Александар Голабоски, извршен директор на Авеста Скопје, најави извоз од 50 милони евра во првата година од инвестицијата која вели ќе достигне 40 милиони евра, а бројот на вработени 600.

- Се надеваме дека објектот би бил готов наредната година. Извозот во првата година согласно бизнис планот би бил околу 50 милиони евра, а во пикот на работењето на фабриката за седум-осум години очекуваме да се зголеми десеткратно, изјави Голабоски.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека стартот на инвестицијата е доказ дека со заедничка работа може да се направи многу.

- Почнува убава инвестиција за овој дел на Македонија, за Кичево. Очекуваме максималниот број на вработени во одреден момент да достигне 600, зошто да не и повеќе, а извозот до половина милијарда евра за шест до седум години. Ова се само докази дека заеднички може да се прави многу. Директорот на ТИРЗ и инвеститорот направија многу за да заживее проектот, помина и на владина седница. Се ова е потребно да се сработи заеднички за да стасаме до оваа состојба денес и убеден сум дека инвеститорот нема да застане тука и оти ќе следи продолжување на инвестицискиот циклус, изјави Мицкоски.

Најави дека ќе бидат објавени и други инвестиции во наредниот период и ги повтори очекувањата за милијарда евра инвестиции до крајот на годината.

- Со тоа ќе бидеме најдобри по глава на жител на Балканот и се враќаме повторно но сигурно на мапата на инвеститорите, иако досега седум години бевме заборавени, рече Мицкоски.

притисни ентер