Бугарија ќе испитува дали резолуцијата е во согласност со Договорот за добрососедство

Официјална Софија ќе анализира дали Резолуцијата што ја усвои македонското собрание за преговорите со Бугарија е во согласност со Договорот за добрососедство.

Ова го најави бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев во интервју за софиски “24 часа”. Според него Бугарија во изминатите два месеци инвестирала сериозни напори процесот на преговори да се води во позитивна и конструктивна насока, со цел како што вели без емоции да се изнајдат можни работни формули.

-За жал, се појавуваат нови предизвици во билатералната агенда на Бугарија и С. Македонија. Резолуцијата на Собранието на С. Македонија донесена на 29 јули 2021 година, дојде во време кога нашиот дијалог почнуваше да преминува во попозитивна и ветувачка фаза. Ваквите акции не само што имаат за цел да ја ослабат позитивната билатерална динамика во последните месеци, туку и да го стеснат полето на можности за компромис, вели Светлан Стоев – Технички министер за надворешни работи на Бугарија.

Стоев нагласува дека актуелните проблеми меѓу Македонија и Бугарија треба да се решат на билатерална основа преку директни и отворени преговори, сметајќи дека не е неопходна „интервенција“ на останатите земји членки на ЕУ во процесот.

-Важно е да продолжи дијалогот што го интензивиравме во последните месеци, но од суштинско значење, во однос на довербата, е С. Македонија да ги спроведе договорите постигнати со добра волја. Бидејќи целта ни е заедничка – С. Македонија да започне преговори за членство во Европската Унија. Ова би било можно доколку се надминат искушенијата за политизација на прашањата и политичките лидери во Скопје преземат одговорност за своите граѓани и нивната иднина, вели Светлан Стоев – Технички министер за надворешни работи на Бугарија.

И додека македонската страна чека Бугарија да добие Влада за да продолжат преговорите, неодамна мандатарот од Има таков народ Пламен Николов спомена и евентуална ревизија на Договорот за добрососедство. Токму ова прашање е високо на агендата и кај БСП која денеска треба да одлучи дали ќе го поддржи кабинетот предложен од Никлов.

-Прашање кое не загрижуваше кај министерот – претседател е што тој во недамнешно гостување на телевизија, изрази сомнеж за Договорот за добрососедство со Македонија. Ние специјално навлеговме во тоа прашање и тие кажаа дека воопшто не подлежи на коментар промена на позицијата на Бугарија спрема Македонија. Ја знаете позицијата на БСП, таа се совпаѓа со онаа на Има таков народ, според она што вчера кандидатот за министер – претседател одговори. Така да, тие очекуваат да се почитува Договорот и Македонците да ги исполнат обврските кои ги презеле во тој договор, вели Светлан Стоев – Технички министер за надворешни работи на Бугарија.

По средбите на премиерот Заев со бугарскиот државен врв во јуни, преговорите помеѓу двете земји се во мирување а во очекување Бугарија да добие нова влада. И денеска во парламентот се дискутира околу владиниот кабинет предложен од мандатарот Пламен Николов чие изгласување и понатаму е неизвесно.

Иванов: Демократијата не може да се увезува, таа потекнува од народот

Демократијата, нагласи Иванов, не може да се увезува – единствена вистинска демократија е демократијата која потекнува од народот, од политичката самосвест, од учествувањето во политичкото одлучување за иднината.

„Денес на Република Македонија повеќе од кога и да е и се потребни луѓе, кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци. Дека се македонски народ. Сега ни се потребни луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината".

Ова го порача во поздравното ведео обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година", поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Демократијата, нагласи Иванов, не може да се увезува – единствена вистинска демократија е демократијата која потекнува од народот, од политичката самосвест, од учествувањето во политичкото одлучување за иднината.

– Во духот на народната „љубовта е слепа, но соседите сè гледаат", Македонија ја доживеа својата 30-годишнина од независноста, која ни проаѓа без радост и среќа, да ја дочека како земја од групата на хибридни режими, која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111 место, според корупцијата во светот, изјави Иванов.

Македонскиот народ, порача Иванов, учествувајќи во Втората светска војна на вистинската и праведна страна на историјата, ја создаде својата сопствена држава.

– Таа АСНОМ-ска, антифашистичка македонска држава ја создаде македонската нација која преку националните институции ја крепеше македонската држава во рамките на Југословенската федерацијата. Со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет. Оттогаш се веќе беше подготвено, за тоа она денес ни се случува. Како претседател често посочував и предупредувата за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, идентитет и јазик, нема ниту македонско прашање, изјави Иванов.

Пандорината кутија, нагласи Иванов, е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира, она што е наше стекнато право.

-Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував, ниту потпишав таков договор, изјави Иванов.

Невиден преседан, нагласи Иванов, е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.

– Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината, изјави Иванов.

Македонскиот народ, посочи Иванов, се изјасни против избрзани и наметнати штетни решенија, донесени без претходно постигнат национален консензус.

– На 30 септември 2018 година, со негласање тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандта од народот да го менува Уставот, заради промена на уставното име. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли цената. Со бојкот на референдум народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување и убеден сум дека еден ден ќе дојде геенрација политичари ќе го задржи, она што некој сега е подготвен толку лесно да го изгуби, изјави Иванов.

Поздравни обраќања на отворањето на научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година", имаа и актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски. /МИА

Коцарев: Македонската држава, идентитет, јазик и култура ќе опстојат

Политичките околности не се добри, вели Коцарев.

Одбележувањето на големиот јубилеј – 30 годишнината од независноста на државата и 80 години од македонската антифашистичката борба се повод, уште еднаш да се навратиме на цивилизациските придобивки на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската наука и на македонската уметност, коишто опстојуваат на овие простори, во и надвор од денешните граници повеќе од илјада години. Ова го порача во поздравното обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година", претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев.

– Во својата историја македонскиот народ бил главно под четири господари: над четири и пол века под Византијаа, близу еден век под Бугарија, близу еден век под Србија и пет и пол века под Отоманската Империја. Денес сите тие империи, царства и кралства се распаднати и исчезнати, а она што е останато во времето и просторот се македонското духовно и материјално наследство. Значи повеќе од илјада години ние Македонците сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето со она што најнеуништиво, со својот збор, со својот уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци, порача Коцарев. Радоста, гордоста и спокојот, нагласи Коцарев, за тридецениската независност не произлегуваат од политичките околности, кои не се добри.

– Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме. Радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат, изјави Коцарев.

На првиот ден од собирот, како што е најавено, ќе се обратат актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.

На собирот за првиот претседател на тогашна Република Македонија Киро Глигоров говореше Живко Кондев шеф на неговиот Кабинет во два мандата и по завршувањето на функцијата се до неговата смрт на Глигоров 1 јануари во 2012 година. За Глигоров како голем политичар и човек кој дејкстваше во три политички системи, тој, меѓу другото се осврна на неговиот придонес како главен актер и архитект во осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година.

-Со своијата личност и со својот личен придонес тој ги поврза двата столба на современата македонска државност – АСНОМ 1944 и 8 септември 1991 година…Тој беше најзаслужен за тоа што Република Македонија бепше единствената држава во поранешна СФРЈ што ја испрати ЈНА со потпишан договор без ниту еден испукан куршум и жртва. ВЦо исклулчително тешка ситуација Македонија одбра да не биде ничија земја и да стане членка на ООН макар и со наметната описна додавка пред уставното име, а времето покажа дека и покрај неоснованите критики, тој не згреши. Ако тоа не се направеше во 1993 година, лесно можеше да се случи Македонија се уште да чека за прием во Светската организација, како што се најде на опашката за прием во ЕУ и НАТО иако ги исполнува условите за тоа. Влегувањето во НАТО Алијансата се оствраи со многу напори и тешки откажувања и компшромиси. Да се надеваме дека тоа ќе се случи и со влегувањето во ЕУ, рече Кондев.

Тој потсети на зборовите на Глигоров дека без оглед колку е мала, сиромашна , оспорувана, напаѓана, татковината ни е една и единствена – Ние друга татковина немаме и не само ние туку и илјадниците македонски граѓани раселени по светот, затоа мораме да ја чуваме, да ја градиме и да се бориме за неа.

-Иднината и перспективите на нашата земја зависат пред се од нас самите. Никој не може да и мисли и да и даде на Македонија подобро отколку ние самите. Се разбира дека секоја добронамерна помош од надвор е добродојдена, но ние мораме да покажеме дека сме држава и дека сами знаеме да одлучуваме за нејзината подобра иднина. При тоа потребна е мудрост а не сила за справување со предизвиците. Не е едноставно светот да вика поинаку од твоето име, но животот е борба во која не секогаш посилните победуваат. За нас е најважно сите граѓани еднакво да си ја сакаат државата, само така можат да се постигнат услови за меѓусевбно почитување и толеранција. Ако имаме внатрешен мир, ќе имаме и сила како држава да ги почитуваме нашите права и на меѓународен план да бидеме почитувани и рамноправни со другите. Клучна улога во тоа имаат политичките лидери во земјата кои покрај тоа што треба да покажат компетентност и умешност во водењето на политиката мораат да го слушаат и почитуваат и гласот на народот, велеше Глигоров, кажа Кондев кој посочи дека овие пораки се уште се релевантни и денес и во пресрет на одбележувањето на 10 години од неговата смрт.

Владо Поповски, кој беше советникот во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски, порача дека претседателот Трајковски е првиот кој сите граѓани и политички партии го признаа за свој претседател, на сите граѓани без разлика на етничкита припадност.

– Претседателот Трајковски е и единствен засега кој стана близок соговорник на сите регионални политичари и лидери. Тој стана еден од учесниците и прогресивци на многу регионални движења. Мирољубиво и во општа полза. Не беше лимитиран од оградите на блоковскиот пристап, порача Поповски.

По смртта на Трајковски, рече Поповски, „сите искажаа мислење дека станува збор за голем државник од Македонија". Трајковски, посочи Поповски, го отвори процесот на расправа на четирите релевантни политички партии – двете македонски и двете албански да ги разгледаат сите проблеми и понудат решенија, но и побара помош од САД и ЕУ во продолжување на дијалогот со сите Албанци.

– Тие две страни пристапија кон помош, започнаа преговорите врз база на предлогот на Роберт Бадентер. Охридскиот договор е донесен и тој застана на патеката на најсјајните традиции на македонската борба за македонска државност, рече Поповски.

На крајот, Охридскиот договор, посочи Поповски, не е бинационален, не е многунационален, туку е модерен европски Устав, типичен за мешаните општества со решенија кои што постојат во 20-тина и повеќе земји во Европа.

– Тој придонес на Трајковски е огромен и треба да биде максимално валоризиран, бидејќи е светилник за иднината на Македонија на сите, и за тежината и начинот до кој дојде до решение. Денеска, немаме меѓуетнички тензии. Има други проблеми и тие треба да се решаваат, меѓутоа конечно Македонија опстана и функционира натаму. Почит и благодарност за претседателот Трајковски, изјави Поповски на свечениот научен собир, во организација на МАНУ во рамки на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на државата./МИА

Туристичкиот сектор бара поддршката да продолжи, надлежните најавуваат дигитализација и промоци

Министерот за економија, Бектеши и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Јаневски најавија дека приоритет во наредниот период ќе бидат дигитализацијата и промоцијата на земјава како атрактивна туристичка дестинација.

Туризмот ја живее новата реалност, се менува. Треба да се прилагодиме, а каков туристички сектор ќе изградиме, зависи само од нас. Досегашните мерки за надминување на корона кризата дадоа резултат, но поддршката мора да продолжи. Годинава беше добра, но полоша од 2019-та.

Ова е заклучокот од денешниот настан со кој беше одбележан Светскиот ден на туризмот, 27 Септември.

Министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски најавија дека приоритет во наредниот период ќе бидат дигитализацијата и промоцијата на земјава како атрактивна туристичка дестинација, додека претставниците од туристичкиот сектор побараа поддршката да продолжи и државата заедно со нив, да учествува во развојот на оваа стопанска гранка. Туризмот, според нив, уште трпи последици од корона пандемијата. Годинава, истакнаа, беше добра, но полоша од 2019-та, со двојно помал број чартер летови.

-Туризмот ги даде очекуваните резултати. Сезоната беше успешна благодарение на владините мерки и политики, креирани заеднички со приватниот сектор. „Дома си е дома" и ваучерите за поттикнување на туризмот ги привлекоа домашните туристи, а безбедносниот печат значително придонесе за странските гости, рече Бектеши.

Туризмот, додаде, во светски рамки беше еден од најпогодените сектори.

-Владата го поддржа со конкретни мерки и активности. Според сите показатели, годинава се постигнати очекуваните резултати. Имајќи ги предвид бројките, мерките дадоа видливи резултати. Во периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период лани, бројот на туристи е зголемен за 56,6 отсто или регистрирани се 320.000 туристи кои оствариле над еден милион ноќевања, напомена Бектеши.

Директорот Јаневски укажа на промените кои ги предизвика корона пандемијата.

-Се менуваат пазарите и целните групи. Туристите се повеќе бараат природа, зелено, авантура. Понудите ќе бидат поинакви од оние досега. Ќе има се помалку масовни тури и повеќе селктивни форми на туризам. Тоа значи дека и промотивните канали преку кои треба да се обратиме до тие целни групи, треба да бидат дигитализирани. Агенцијата заедно со Министерството за економија и туристичките работници во наредните една до две години ќе ја создаде платфдорма Е-туризам, истакна Јаневски.

Агенцијата, најави Јаневски, во 2022 година повеќе ќе работи на дигитализација и на промоција, ќе се обиде да привлечеме што повеќе тур-оператори.

-Ќе се обидеме да ја конектираме земјава со другите дестинации, да имаме поголем реален туристички раст, да создадеме одржливост на дестинацијата. Ако 2020-та пораката беше зелено закрепнување, а годинава инклузивност – ни останува заднички да го градиме новиот туристички сектор, потенцира Јеневски.

Владимир Граматиков од Сојузот на стопански комори (ССК) рече дека финансиските пакети овозможија туризмот да остане на нозе, но поддршката мора да продолжи.

– Да продолжиме со развој на секторот, но заедно со државата. Туризмот уште трпи последици од корона пандемијата. Очекувам силна поддршка од државата, финансиска, но и во форма на промоција. Финансиските пакети донесени минатиот период дадоа ефект, но ако сакаме да се вратиме на здрави нозе, поддршката мора да продолжи. Ние ќе даваме предлози, очекуваме слух и од другата страна како досега. Очекуваме и поголема промоција, да ја вратиме државата повторно на светската мапа, да ја вратиме и довербата на странските туристи, рече Граматиков и додаде дека на туризмот треба да се гледа како на сектор кој може да придонесе за економско заздравување, зашто ефектите се видливи на краток рок.

Според него, оваа сезона е многу подобра од минатата.

-Очекувавме повеќе странски туристи, но се вратија само дел од традиционалните, како холандските и полските. Наредната година очекуваме повеќе да се вратат. Во аутгоинг туризмот резултатите се одлични. Најбарани дестинации беа Турција и Египет, потоа Грција и Албанија, рече Граматиков.

На настанот беше пренесена и пораката од Светската туристичка организација според која – не смее да се заборави никој, ни најмалиот чинител во државата. /МИА

притисни ентер