Бројот на жртви во земјотресот во Турција и Сирија надмина 12.000

 Бројот на загинати во разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија сега е најмалку 12.049 лица, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на локалните власти.

Вкупниот број на смртни случаи во Сирија се искачи на 2.992, вклучително и 1.730 во областите под контрола на бунтовниците на северозапад, соопшти волонтерска организација „Бели шлемови“. Најмалку 1.262 смртни случаи се во делови на Сирија кои се под контрола на владата, според сириските државни медиуми.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека според најновите податоци, број на загинати во Турција сега изнесува најмалку 9.057, а пријавени се 52.979 повредени.

Вкупниот број на повредени лица во Сирија на сите погодени територии се искачи на 5.108, и во областите под контрола на бунтовниците и на владата.

Најмалку 58.087 луѓе се повредени и во Сирија и во Турција, според податоците на турската влада, Белите шлемови и сириските државни медиуми. /МИА

Навреме отворени сите избирачки места во Охрид и Дебрца, гласањето се одвива непречено

 Во општините Охрид и Дебрца сите избирачки места се отворени навреме, гласањето се одвива непречено и без какви било нерегуларности.

Според информациите од ОИК во Охрид, навреме во 7 часот се отворени сите 87 избирачки места, така што граѓаните можат непречено да го дадат својот глас за некој од седумте кандидати за претседател на државата.

Како што информираат од ОИК Дебрца, отворени се и сите 23 гласачки места во атарот на Општината, а гласањето се одвива непречено.

Во главниот избирачки список за претстојните претседателски избори во Охрид се запишани вкупно 51.717 избирачи, додека во Дебрца право на глас имат вкупно 3938 лица.

Инаку, во текот на вчерашниот ден правото да гласат го искористија и 167 од пријавените 172 болни и изнемоштени лица кои гласаа во домашни услови, а гласаа и сите 27 лица од Охрид кои издржуваат затворска казна, сите седум лица во установи за вонсемејна грижа и тројцата граѓани од Охрид во дипломатско – конзуларните претставништва.

Во текот на вчерашниот ден гласаа и болните и изнемоштени лица во Општина Дебрца, каде од пријавените 22 гласачи, правото на глас до искористиле 21 лице.

ЦУК: 1 704 повици на 112 во последното деноноќие, внимателно возење поради одрони

Во Центарот за управување со кризи, според последниот извештај, имало вкупно 1 704 повици на Единствениот број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 54,99 отсто, а 45,01 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Како што информира денеска ЦУК, кон полиција биле упатени 63,04 отсто од повиците, кон итната медицинска помош 29,35 отсто, а кон пожарникарите 1,45 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Во последното деноноќие немало пожари на отворено.

Регионалниот ЦУК Охрид информира дека пожарникарите од ТППЕ Охрид имале две интервенции поради запалени оџаци во изминатото деноноќие. Оџаците, како што препорачуваат пожарникарите, потребно е превентивно поредовно да се чистат.

Регионалниот ЦУК Штип, по јавувања на 112, известува за повеќе одрони во различни временски периоди. Од 12.45 часот на патниот правец од село Истибања – Виница, од 13.55 часот на делницата Кочани-Делчево и во период од 15.00 до 15.30 часот кај село Калиманци и на патен правец село Удово-Демир Капија.

- Веднаш од ЦУК биле известени надлежните од ЈП за одржување на регионалните и магистралните патни правци од Кочани коишто интервенирале и биле исчистени одроните од патот, соопшти ЦУК.

Од ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правеци од Делчево известуваат дека на патните правци под нивна надлежност; Брана Калиманци - граничен премин кон Бугарија, Македонска Каменица – Рудник Саса и Делчево – Пехчево, коловозите се влажни и има ситни одрони на сите патни правци при што се препорачува внимателно возење.

Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот, но, на тие што патуваат се препорачува внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Канаѓанец починал додека бил на одмор во Куба. Неговото тело исчезна

Жител на Канада доживеал срцев удар и починал на 22 март годинава, додека бил на одмор со своето семејство во Варадеро, Куба. 

Но, еден месец подоцна, неговото тело сѐ уште го нема... Семејството тврди дека им било испратено погрешно тело од Куба.

Семејството на покојниот Фараж Џарџур, кое живее во Лавал, Квебек, Канада, било на плажа кога на 68-годишникот му се случил срцев удар. Во близина немало лекар и морале да чекаат час и половина за брзата помош да дојде. Потоа им требале уште седум часа за да се договорат телото да биде пренесено во Хавана, каде се наоѓала најблиската мртовечница. Службеници од Канадската амбасада ги упатиле веднаш да отпатуваат назад во Канада и да организираат пренесување на телото дома. Кога пристигнале во Канада, властите им рекле дека за превоз на тело ќе треба да платат 10.000 канадски долари (6.800 евра).

Семејството ја платило наведената сума, но канадските власти не контактирале со нив неколку седмици. Потоа биле известени дека посмртните останки ќе пристигнат на 18 април. Но, телото што било донесено во Квебек, заедно со изводот на смртта и патните документи, не било она на Џарџур.

Телото на маж со бушава коса, тетоважи и многу помлад од Џарџур - подоцна било идентификувано како починат руски државјанин.

Семејството сега тврди дека телото на Русинот сѐ уште е во Канада, а од Џарџур нема трага. Таа ги обвини канадските власти за невнимание бидејќи конзуларните служби не им дошле веднаш на помош. Канадските власти наведуваат дека во случај на смрт на канадски државјанин на Куба, амбасадата помага во преносот на парите на тамошните погребни служби, поточно „Асистур“ - кубанска компанија за медицинско осигурување, одговорна за превоз на телото.

Но, семејството никогаш не било во директен контакт со „Асистур“, бидејќи целата логистика околу преносот била организирана од канадските власти. Потрагата по посмртните останки на Фарај Џарџур продолжува. /МИА

притисни ентер