Бројот на заболени од коронавирусот расте, можно ново зајакнување на мерките за превенција од негово ширење

Бројот на заболени од коронавирус во државава изнесува 555, но, се очекува во следните недели да продолжи да се зголемува.

Најмногу заболени има во Скопје – 235, Куманово – 114, Дебар – 49. Досега 18 лица починаа од компликации од коронавирусот, а 23 се излекувани.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека денеска ќе имаат дополнителна дискусија во рамки на Комисијата за заразни болести и можно е до Владата да предложат и зајакнување на мерките за превенција од понатамошно ширење на вирусот.

– Се наоѓаме во критичниот момент со очекуван раст на бројот на заболени од Ковид-19. Очигледно е дека влеговме во втората фаза на пандемијата со коронавирусот. Бројот на заболени во деновите пред нас дополнително ќе расте. Се уште остануваат прогнозите пикот на болеста да биде на крајот на месецов и очекуваме 2.000 пациенти, иако многу фактори влијаат на овие предвидувања, истакна Филипче и апелираше граѓаните максимално да ги почитуваат мерките, физичките контакти да ги сведат на минимум и да се штитат од секоја ризична комуникација или движење.

Еден од главните проблеми, според него, е што има асимптоматски носители на вирусот, а ширењето на овој начин од овие носители може да се спречи само со седење дома, односно со изолација.

Од 555-те заболени од коронавирусот, 52 (9,5 проценти) се здравствени работници. Филипче им порача на здравствените работници максимално да ги почитуваат протоколите кои ги има од самиот почеток на пандемијата, да се штитат во и надвор од работните места, затоа што нивната улога, нивното здравје е од примарно значење во овој момент во државата.

– Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравствените работници. Така ќе превенираме епидемија од поголеми размени, така ќе останат здрави тие што се здрави, ќе се бориме против вирусот и ќе ги излечиме сите кои се заболени. Сите јавни здравствени установи во земјава имаат доволно заштитна опрема, имаме сосема солидни резерви, кои во текот на неделава ќе ги дополниме, а имаме доволно заштитна опрема, потенцира Филипче.

На Инфективната клиника во овој момент се хоспитализирани 74 пациенти, 15 се со тешка манифестација на болеста, а другите се со средно тешка состојба и се во добра општа кондиција. Примено е и двегодишно дете, кое е во стабилна здравствена состојба.

Во функција е ставена и ГОБ „8 Септември", која досега беше наменета за пациенти кои беа суспектни или позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга како хирушка интервенција, или во ангиографска или ендоскопска сала, тоа сега се уште останува така, рече Филипче и појасни дека доколку треба ќе се користат и креветите на располагање под контрола на интернистите и инфектолозите за хоспитален третман, доколку е потребна помош на персоналот на Клиниката за инфективни болести, каде се на располагање 110 кревети, дополнителни 130 во мобилната болница, а во ГОБ „8 Септември" вкупно 400 кревети.

Како нов регионален центар за справување со пандемијата е посочена и болницата во Битола каде има 35 кревети на располагање кои можат да се зголемат до 100, а како што посочи Филипче, во преговори се и со лабораторијата на МАНУ за дијагностицирање на заболени од Ковид-19 и за користење на нивната апаратура.

Следејќи ги светските искуства во лекувањето на заболените од коронавирус, на дел од хоспитализираните на Клиниката за инфективни болести неодамна почна да им се дава новата терапија, која е комбинацијата, што ја содржи лекот хидроклор и азитромицин. Терапијата ја примаат пациенти кои немаат ниту мали кардиолошки отстапувања при извршен преглед поради можни одредени контраиндикации од неа. На некои од пациентите им се дава антиретровирусна терапија.

Во меѓувреме, во некои земји почна да се применува третманот со крвна плазма од веќе излекувани пациенти со Ковид-19, што се покажал како успешен. Како што информираше министерот Филипче, од Институтот за трансфузиологија потврдиле дека може да се подготви системот за да се оддели крвната плазма од излекуваните 20 пациенти и да им се даде на заразените со коронавирус.

-Станува збор за неколку публикувани случаи дека антителата може да помогнат да се излекуваат заразените пациенти. И тоа со плазма од ковалесценти кои може да ја дадат плазмата. И ние започнавме припреми на Институтот за трансфузиологија. Веќе се изготвува протоколот по кој што би требало да се земе плазмата кај овие пациенти кои што се излекувани во соодветна фаза, во соодветен период, рече Филипче.

Тој протокол, како што најави министерот, ќе биде подготвен денеска и ќе се дискутира на стручниот колегиум во Институтот, потоа во рамките на експертската група во Комисијата за заразни болести и согласно резултатите кои се публикувани, ќе се даде на наши пациенти.

Тоа што им преостанува на граѓаните е и натаму да ги почитуваат мерките и препораките за заштита, според кои, треба да останат дома, да не се групираат, да излегуваат само ако имаат некоја итност, да го ограничат движењето, да не контактираат многу со луѓето, да не се задржуваат во маркетите, да држат дистанца таму каде што има повеќе луѓе, задолжително да одржуваат лична хигиена, често да ги мијат рацете 20-30 секунди, да користат средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња, при кашлање или кивање да го покријат носот и устата со марамче за еднократна употреба и потоа веднаш да го фрлат на безбедно место, а доколку немаат марамче, да ги покријат носот и устата со рака свиткана во лактот.

Граѓаните, пак, кои имаат симптоми типични за коронавирус, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, треба да се јават телефонски кај нивниот матичен лекар, кој преку епидемиолошка анкета ќе утврди дали треба да се тестираат. Доколку треба, преку системот „МојТермин" тие ќе им закажат точно време и место за тестирање. /МИА

Тевез итно пренесен во болница

Поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез синоќа беше примен во болница со силни болки во градите. 

40-годишниот поранешен напаѓач, кој моментално е тренер на локалниот клуб Индепендиенте, беше пренесен во болница во Буенос Аирес откако се почувствувал лошо, но првичните тестови не покажале ништо сериозно за неговата состојба.

-Нашиот тренер Карлос Тевез беше примен во болницата „Ла Тринидад“ во Сан Исидро со болки во градите. Тој ги направи соодветните тестови и тие беа задоволителни. Денеска тој ќе продолжи со нова серија на однапред планирани тестови како дел од поопшт преглед, се вели во официјалното соопштение од клубот, кој ја потврди ситуацијата.

Според локалните изданија, проблемите на Карлос Тевез се поради стрес.

Поранешниот репрезентативец на „гаучосите“ боледувал од висок крвен притисок и редовно се подложувал на тестови и се следи неговата состојба.

Ова доведе до шпекулации во локалниот печат за можноста тој да ја заврши тренерската кариера во обид да го намали притисокот и стресот околу него.

Се уште не е јасно дали Тевез ќе присуствува на денешниот тимски тренинг. /МИА

Мбапе подготвен да игра на нова позиција во Реал Мадрид

Напаѓачот Килијан Мбапе ја прифатил улогата за која е планиран по трансферот во Реал Мадрид, тврди „Ас“. 

Иако официјално не е објавен трансферот на фудбалерот од Пари Сен Жермен, на „Сантијаго Бернабеу“ веќе размислуваат како Французинот најдобро ќе се прилагоди во составот следната сезона.

За време на неговиот престој со парижаните, напаѓачот јасно стави до знаење дека претпочита да игра на левото крило на нападот на тимот, што му овозможува да се потпира на повеќе слободни простори на предните позиции. Во Реал оваа улога вообичаено му се доделува на Винисиус Јуниор, а ова е претпочитана позиција и за Родриго.

Сепак, според „Ac“, Мбапе е подготвен да игра повеќе во центарот на нападот како број 9 следната сезона, а тоа се поврзува и со неговата голема желба да ја освои „Златната топка“, бидејќи оваа позиција се смета за поволна за реализација на повеќе голови.

Францускиот репрезентативец оваа сезона постигна 41 гол на 43 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања. /МИА

Инцидент во грчкиот Парламент – пратеник физички нападна друг пратеник

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Независниот пратеник Константинос Флорос, кој беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, претпладнево физички го нападнал пратеникот од Грчко решение Василис Граменос во Парламентот, пред салата во која се одржува пленарната седница, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентот му претходела вербална расправија во самата сала, што во ходникот се претворила во физичка пресметка, кога Флорос со тупаници го нападнал Граменос.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за насилното однесување на пратеникот побара највисока казна предвидена со правилникот на работа, односно исклучување на Константинос Флорос од Парламентот на 15 дена, а паралелно ќе биде побарано и одземање на пратеничкиот имунитет и кривично да одговара.

Флорос на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, која подоцна ја напушти и стана независен пратеник.

Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис кој издржува затворска казна./МИА

притисни ентер