Бројот на заболени од корона во Европа надмина 5 милиони

Во пандемијата на „ковид-19“ веќе има заразено 5.000.421 лице во Европа, а починале 227.130, според податоците објавени деенска од агенцијата АФП.

Ден претходно беше надминат симболичниот праг од 200 000 жртви во Соединетите Држави, кои што го држат несреќното прво место по бројот на жртви во светот.

На стариот континент, повеќе од 380 000 нови случаи се потврдени во последните седум дена, што е најголем број заразени во рок од една недела по избувнувањето на пандемијата.

Ова зголемување на инфекциите делумно се објаснува со зголемувањето на бројот на тестови во некои европски земји, како што е Франција, каде што се прават повеќе од милион тестови неделно.

Со оглед на наглиот пораст на инфекциите во Париз, каде што инциденцата сега е 204 заразени на 100.000, властите вечерва може да најават поостри мерки за главниот град на Франција.

Можни се следниве мерки: забрана за продажба на алкохол по 20 часот, забрана за собирање повеќе од десет лица и намалување на бројот на луѓе на големи собири од пет илјади на илјада лица.

Од друга страна, не се разгледуваат нови ограничувања за домовите за стари лица во регионот на Париз, ниту нови мерки за транспорт, ниту работното време на баровите и рестораните.

Во Велика Британија, европската земја со најмногу жртви, премиерот Борис Џонсон вчера најави нови ограничувања: пабовите и рестораните ќе можат да соберат само толку клиенти колку што има места и ќе се затворат во 22 часот и повторно ќе се охрабруваат луѓето да работат од дома.

Овие мерки ќе важат „веројатно шест месеци“, најави Борис Џонсон и предупреди дека доколку не постигнат напредок, „воведувањето на подрастични мерки ќе биде неизбежно“.

Во Шпанија, една од најпогодените земји од коронавирус во Европа, главниот град Мадрид, кој повторно стана епицентар на пандемија, во петок ќе објави нови мерки за ограничување на слободата на движење и за другите населби и зони во обид да го спречи ширењето на инфекцијата.

Од понеделник, скоро еден милион луѓе во шпанската престолнина и нејзината периферија не смеат да го напуштаат соседството во кое живеат, освен да одат на работа и факултет или на лекар или кај службено лице (како што е суд) и да одат кај лице кое е зависно и бара грижа.

,,Пандемијата имаше катастрофален ефект и беше всушност поголема отколку што се очекуваше”, предупреди денеска Гај Рајдер, шеф на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Повеќе од 971.677 починаа ширум светот од крајот на декември и се заразени повеќе од 31,67 милиони, според податоците со кои денеска располага АФП.

Американскиот континент, каде што има повеќе од 38 проценти од сите нови инфекции во изминатата недела, е најпогодениот континент, иако бројот на смртни случаи е намален за 22 проценти.

Од друга страна, некои земји започнаа со ублажување на ограничувањата, како Саудиска Арабија, каде што ќе се овозможи одење на мал хаџ во Мека од 4-ти октомври.

Во првата фаза, околу 6.000 саудиски државјани и странци кои живеат во областа ќе можат да секој ден да одаст на мал аџилак што привлекува милиони верници секоја година, велат властите.

Јапонија размислува да ги ублажи ограничувањата за влез на нејзината територија од октомври, така што може да им овозможи на странците влез за престој подолг од три месеци. Туристите би биле исклучени од овие мерки и бројот на дневни записи би бил ограничен на 1000.

Јапонија се обидува да ја рестартира својата економија, но и да се подготви за Олимписките игри во Токио, кои требаше да се одржат оваа година и беа одложени за 2021 година поради короната.

Пандемијата влијае и на годишното Генерално собрание на Обединетите нации, кое започна вчера без ниту еден шеф на држава или влада во седиштето на организацијата во Њујорк. Сите нивни говори беа снимени порано и емитувани на веб-страницата на ООН.

Доналд Трамп ја искористи можноста да ја нападне Кина велејќи дека „Обединетите нации треба да ја сметаат Кина одговорна за нејзините неуспеси на почетокот на пандемијата со „ковид-19“ и по тој повод повторно зборуваше за вирусот како „кинески вирус“.

Доктор специјалист од Општата болница Куманово починал од корона

 Драган Тасевски, доктор специјалист вработен на хируршкото одделение во Општата болница Куманово, почина од коронавирус.

Докторот добил позитивен тест пред десет дена, а откако состојбата му се влошила бил лекуван на Инфективната клиника во Скопје.

Куманово е жариште на коронавирусот од почетокот на пандемијата. Досега во Центарот за јавно здравје во Куманово, под кои спаѓаат и Липково и Старо Нагоричане, регистрирани се 1.998 заболени од коронавирус, а активни се 233.

„Талир": Јанакиевски и Божиновски од сопственикот на ,Урбан Инвест" барале 15.000 евра

Сопственикот на кавадаречката компанија „Урбан инвест", Јован Грков, во своето денешно сведочење во случајот „Талир" изјави дека лично од обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски пред избори добил наредба да даде 15 илјади евра.

Сведокот Грков при својот исказ пред Судот уште потврди дека добивал тендери за градежни активности од Град Скопје и од други општини.

На прашање на обвинителката Ленче Ристоска дали некој од ВМРО-ДПМНЕ барал пари од него, односно од фирмата, приговараа адвокатите на сите обвинети дека прашањето е наведувачко, па прашањето беше преформулирано.

– Некаде пред изборите добив СМС порака од Марјан, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Центар. Ми пиша дека треба да отидам во Владата. Во посоченото време отидов, ми кажаа пред која канцеларија да отидам. Почекав, ме викнаа Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Состанокот траеше кратко, ми рекоа имам обврска да дадам 15.000 евра. Ми рекоа на лицето Марјан да му ги предадам. Не ми кажаа зошто треба да ги дадам парите. По неколку дена му ги дадов тие 15.000 евра на Марјан. Му ги дадов на рака. Потврда, документ не добив од Марјан за парите што ги дадов, одговараше сведокот на прашања на Ристоска.

Грков по овој одговор беше прашан и дали се спротиставил на ова барање, на што тој одговори со ,,не” и образложи дека знаел оти мора да го исполни барањето.

Потоа настапија адвокатите на обвинетите со вкрстени прашања за потребите на одбраната.

Инаку, денешното судско рочиште за случајот „Талир” за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и перење пет милиони евра, почна со казна за адвокатот Донче Наков од 500 евра од страна на судијата за организиран криминал Осман Шабани. Минатото судење за овој случај беше одложенп затоа што претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот портпарол Наум Стоилковски не дојде, оти, како што го оправда адвокатот Наков, се разболел.

– Адвокатот кажа дека ќе достави медицинска потврда до Судот како доказ за тоа што му го кажал претпоставувам клиентот – претставник на партијата. Наков тоа до денеска не го стори, а јас кажав на минатото рочиште дека давам наредба за негово полициско спроведување ако до Судот не донесете документаија. Поради тоа и претставникот беше приведен. Судот го казнува адвокатот Донче Наков со парична казна од 500 евра во денарска противвредност, соопшти судијата Шабани.

Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари поранешниот партиски лидер и премиер Никола Груевски за „злоупотреба на службената положба и овластување" и за „перење пари и други приноси од казниво дело". Бидејќи Груевски е во бегство во Унгарија, му се суди во отсуство.

За истите две кривични дела, казниви со затвор, се осомничени и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.

Во истиот процес Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за „перење пари и други приноси. За ова дело беше обвинета и Елизабета Чингаровска, која ја призна вина. Партијата ВМРО-ДПМНЕ, како правно лице, исто така е обвинета за „перење пари и други приноси"./МИА.

Голем помор на риби кај производители на крап на Тиквешко Езеро

Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. 

Голем помор на риби кај производители на крап, се случува во моментот на Тиквешко Езеро, почнувајќи од вчерашните утрински часови, а се уште трае, алармираат производители на крап. Велат дека во моментов на удар се две од најголемите компании производители на крап во кафезен систем, „Златен крап" и „Дошница".

– Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата како би ја спречиле оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е се` уште неповолен, велат од „Златен крап".

Според нив, забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот.

– Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L. Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 mg/L) во нашите води, а кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата, велат засегнатите.

И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор, велат, до моментов се случува само во овој дел.

– Досега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беше уништено речиси 60-70 проценти од производството на сите производители. Со случајот се запознати челниците на Владата и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Уште во текот на вчерашниот ден, направен е увид од ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на ИЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, случајот ќе биде пријавен и во Министерството за внатрешни работи, информираат засегнатите од поморот на риби на Тиквешко Езеро.

притисни ентер