Бројот на новозаразени и натаму трицифрен, иако има тренд на намалување

 Нови 139 случаи со Ковид-19 од 1.627 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. 

Оздравени се вкупно 239 лица. Почина еден пациент од Охрид, на 66-годишна возраст, во болнички услови.

Од новите 139 случаи со Ковид-19, најмногу има во Скопје – 30, Куманово – 20, Гостивар -19, Штип – 15, Струга и Кавадарци по осум, Тетово и Свети Николе по шест слуачи, Кочани – пет, Кичево – четири, Охрид и Македонски Брод по три, Дебар, Битола, Струмица и Демир Хисар по два и Прилеп, Гевгелија, Берово и Делчево по еден случај.

Регистрирани се 239 оздравени пациенти, од: Скопје-132, Свети Николе-23, Куманово-22, Штип-14, Дебар-8, Битола-7, Тетово и Кичево по шест, Демир Хисар и Прилеп – четири, Кавадарци, Кочани и Делчево по три, Гостивар – два и по еден во Велес и Неготино.

Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 12.217, бројот на оздравени пациенти е 8.487, на починати е 530, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.200.

Од вкупниот број активни случаи, во Скопје има 1.057, во Штип 342, во Гостивар 304, во Куманово 264, во Тетово 173, во Струга 159, Кичево 128, Дебар 122…

Досега во земјава се направени вкупно 119.102 тестирања на Ковид-19.

На Инфективната клиника примени се девет пациенти. Вкупно се хоспитализирани 76 пациенти од кои на кислородна поддршка се 27 пациенти и нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 15 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, четири деца позитивни на вирусот и шест пациенти суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември" во Скопје примени се седум пациенти. Вкупно хоспитализирани се 73 пациенти од кои на респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 36, а во болницата во Штип се хоспитализирани 49 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 137 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица според податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од трети до деветти август годинава.

ИЈЗ информира дека во овој период се направени вкупно 9.543 тестирања (1,8 отсто помалку од периодот 27 јули до 2 август) и регистрирани се 816 позитивни случаи на КОВИД-19, што претставува намалување за 10,5 отсто споредено со претходната недела.

Во периодот на известување повторно намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 8,6 отсто споредено со последните две недели кога 9,4 отсто односно 10 отсто од тестираните беа позитивни. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4 отсто), во Штип (11,3 отсто) и во Гостивар (10,4 отсто). Во 16 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во однос на старосната структура на новозаболените и во овој период најголем процент се лица над 60 години – 25,9 отсто, а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30 до 39 години – 18,4 отсто. Во возрасната група од 40 до 49 години се 17,9 отсто од новозаболените, а во групата од 50 до 59 години – 17,2 отсто. Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години – 1,6 отсто и од 10 до 19 години четири отсто.

Рускиот свештеник кој држеше опело за Навални отстранет од црквата на три години

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

Рускиот православен свештеник кој во март одржа комеморација во спомен на починатиот руски опозициски лидер, Алексеј Навални е суспендиран на три години од извршувањето на неговите духовни должности, соопшти Московската епархија на Руската православна црква, цитирана од британските медиуми.

Во соопштението, кое беше објавено вчера на веб-страницата на епархијата, не е наведена причината за казната за отец, Дмитриј Сафронов, со која му се одзема правото да дава благослов и да носи расо и свештенички крст до 2027 година.

Тој ќе биде префрлен и во друг храм во Москва, каде што ќе ги извршува должностите на црковен помошник.

-По истекот на периодот на покајание (казна - забелешка изд.), врз основа на повратните информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука дали е можно тој да продолжи со свештеничката служба, наведуваат од епархијата.

На 26 март, Сафронов одржа комеморација на која присуствуваа илјадници луѓе за Навални, кој беше најжесток критичар на руската територија на претседателот Владимир Путин и кој почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот. /МИА

Тајрис Макси е играчот со најголем напредок во НБА

 Како што се ближи крајот на натпреварувањето во НБА лигата, така се повеќе се зборува за индивидуалните награди. Првата веќе пристигна.

Кошаркарот на Филаделфија, Американецот Тајрис Макси е добитник на наградата за играч кој најмногу напредувал во изминатиот период, објавено е на веб-страницата на НБА.

Мекси (23) доби повеќе гласови во финалниот избор од Коби Вајт од Чикаго и Алперен Шенгун од Хјустон. Наградата се доделува од 1985 година.

Минатата сезона победник беше Лаури Марканен од Јута, а меѓу оние кои досега ја освоија оваа награда се Горан Драгиќ, Паскал Сиакам, Јанис Адетокумбо, Пол Џорџ, Трејси Мекради, Зек Рендолф, Хидает Туркоглу итн. /MИА

Де Бруин ќе му се придружи на Роналдо ова лето?

Манчестер Сити не успеа во мисијата да ја одбрани тројната круна. 

Во четвртфиналето на Лигата на шампионите беа поразени од Реал, но затоа Сити се уште е во конкуренција за двојната круна во Англија и шестата шампионска титула во последните седум години.

Сепак, ова лето Манчестер Сити би можел да остане без својот најдобар играч Кевин де Бруин.

Фантастичниот триесет и тригодишен Белгиец под водство на Гвардиола освои се и остави голема трага во Премиер лигата.

Актуелниот договор на Де Бруин истекува во летото 2025 година, а саудиски Ал Наср сака да ја искористи таа ситуација. Белгиецот моментално вреди 60 милиони евра на пазарот, но доколку клубот на Роналдо го сака играчот на Манчестер Сити, ќе мора да плати многу поголема отштета.

Во Манчестер Сити Де Бруин заработува околу 21 милион евра по сезона. /МИА

притисни ентер