Богојавление-Водици одбележан со свети литургии во црквите

Православните верници денеска го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици со свети литургии во црквите и нивните дворови. 

Годинава првпат, поради пандемијата со Ковид-19, изостана вековната традиција на положување на крстот во светите води.

Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан по повод празникот служеше Златоустова литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица" во Скопје. Светата црква секоја година речиси повеќе од два милиениума преку сите содржини, и богослужбени и обичајни не навраќа на смислата на тој спасоносен настан на крштевањето Христово и моментот кога се покажала целата света Троица . Денешниот празник Богојавление всушност, рече, ги објаснува сите други празници и сите други настани, ни ја објаснува целта на Хритовото доаѓање како син божји како вистински богочовек, тајната на кршевањето, но и на покајанието и на исповетта.

Меѓу нас, истакна г.г. Стефан, многу слабо или воопшто не се практикува покајанието или исповетта, а во светата црква тоа е една од седумте свети таинства, но при покајанието, при исповетта не е доволно да кажеме дека сме грешеле, дека грешиме и дека се каеме. Потребно е, вели, гревот да не го повторуваме, и да се трудиме што помалку да грешиме. Но очигледно е недоволното познавање на верата.

-Ако знаеме што учи нашата света вера и помалку ќе грешиме, а ако грешиме ќе знаеме и да се покаеме. Еве од каде и да тргнеме, од семејството, од соседството, од работно место, од меѓупартиското живеење од секаде и насекаде се гледа што е поголемо во нас – љубовта или омразата, верата или неверието, слогата или неслогата, вистината или невистината, подготвеноста или неподготвеноста да си простиме и да се помириме или не. Дури и на непријатели и на подалечни ќе им простиме и ќе им подадеме рака, што е и добро, но на блискиот, на братот свој не можеме да му простиме. Е тука навистина има место за загриженост и, секако, потреба да се сфати и местото и улогата на покајанието, а со тоа и на исповетта кои се неодвоиви од практиката на вистинскиот христијански живот. Како црква и духовни пастири должни сме постојано да повикуваме кон покајание, кон исповед и кон помирување, зашто кој не може да се помири најпрвин со себе си и со братот свој, како ќе се помири со Бога, рече поглаварот г.г. Стефан, кој по завршувањето на литургијата го изврши осветувањето на водата во црквата.

Присутните верници се придржуваа кон мерките за заштита од ширење на коронавирусот со носење заштитни маски и одржување на физичка дистанца.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

До минатата година, празникот се одбележуваше во сите епархии во земјава, а централната манифестација се одржуваше во Скопје каде поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан го положуваше светиот крст во водите на реката Вардар.

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Заев: Постапка за избор на кандидати за градоначалници тргнува од анкети

 Ние оваа постапка ќе ја водиме јуни, јули, август, затоа  што септември прва половина е кампањата, а прва половина на октомври е првиот круг на изборите.

СДСМ во својата постапка за избор на кандидати за градоначалници тргнува од анкети, односно го проверува гласот на граѓаните што мислат тие за кандидатите, потоа централата прави селекција, и на крајот се општинските конференции во СДСМ за избор на кандидатите. Ние оваа постапка ќе ја водиме јуни, јули, август, затоа што септември прва половина е кампањата, а прва половина на октомври е првиот круг на изборите.

Ова го изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска во Штип по означувањето на почетокот на изградбта на далекуводот Штип – Овче Поле на новинарско прашање за номинацијата на кандидати за градоначалници во контекст на претстојните локални избори. За состаноците на генералниот секретар на СДСМ и потпретседателот на Владата Љупчо Николовски во партијата со градоначалниците, рече, се во насока на комплетно ревидирање, отчететност и позитивен притисок за реализација на ветените проекти, но и како дел од политиките на Владата.

-Со нас се овде двајца успешни градоначалници коишто знаат макар и еден проект повеќе е добробит за народот. Разговорите течат токму во овој правец, но секако ги користиме сите можности да анимираме општините да ги следат владините политики пред се, алатките за транспарентност, за отчетност, борба против криминалот и корупцијата, сето тоа што претставува инклузивен процес на достапност до граѓаните за решавање на нивните проблеми, разговорите се движат во овој правец, додаде Заев.

-Јас соопштив мислење за 10 градоначалници, пред две, три недели, којшто го кажав како мој став во моментот кога ме прашаа новинарите за ова прашање. Има многу успешни градоначалници во државата, дополни тој.

Заев нагласи дека тој е само еден од огромното мнозинство коешто прави избор во СДСМ. -Но еве штипјани прават избор за делот на нивниот градоначалник, граѓаните на Свети Николе за она што се однесува за нивниот градоначалник, рече премиерот Заев.

Стоилковски: Дали зад милионските тендери во здравство се крие Синерџи на Горан Филипов?

Која е Кубис Медикал, фирмата миленик на Филипче за добивање на тендери?

Венко Филипче трет ден молчи за милионските набавки на Кубис Медикал, на кои што им потпишува милионски тендери, додека јавноста ја лаже дека само што не стигнале вакцини, а секој ден умираат по десетина наши сограѓани како последица од КОВИД 19 вирусот.

Која е Кубис Медикал, фирмата миленик на Филипче за добивање на тендери?

Дали зад Кубис Медикал всушност се крие Синерџи, на Горан Филипов, партнерот на Филипче со кој што неговата тешта гради куќа на падините на Водно?

Дали за Кубис Медикал се крие Синерџи која од државата откако е Филипче министер испумпала 7 милиони евра во тендери?

Создава ли Филипче нова здравствена мафија, на чие чело е самиот тој и неговата фамилија, како и неколку семејства во чиј посед се веледрогерии и фармацевтски гиганти?

Филипче гради бизнис империја на неколку поединци, чии што врски одат директно до него.

Здравството и буџетот на министерството наместо за подобрување на условите во болниците, набавка на вакцини и лекови, се користат за тендер шеми и богатење на поединци.

Не е чудо што се уште нема вакцини, кога ќе погледнеме дека министерот за здравство е зафатен со потпишување на тендери.

Фирмата миленик на Филипче, Кубис Медикал, во последните три години добила државни тендери во здравството од 5 милиони евра.

Тоа е истата таа фирма, на која Филипче и потпишал одлука за набавка на томографи за 15 милиони поскапи од првично понуденото од истата.

Филипче наместо да потпишува тендери, да каже до каде се вакцините, зошто на крај ќе има одговорност и за сите матни тендери што ги потпишал, но и за ненабавката на вакцини.

Прес-конференција на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Бочварски: Развојот на општините да продолжи согласно Законот за урбанистичко планирање

Во однос на ова прашање Уставен суд донесе своја  одлука во врска со мораториумот што е укинат како одлука на Општина Центар. Постоечкиот Закон  за урбанистичко планирање нуди одредени можности.

Важно е растот и развојот на општините да продолжи согласно сите можности и процедури што ги нуди Законот за урбанистичко и просторно планирање, порача денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, по вчерашната одлука на Уставниот суд за укинување на мораториумот за градење во Општина Центар.

Одговарајќи на новинарско прашање за комуникацијата помеѓу ресорното Министерство и Општина Центар, Бочварски истакна дека постоечкиот Закон за урбанистичко планирање нуди одредени можности. Доколку одредени урбанистички планови што ја загрозуваат животната средина и растот на општината, појасни, таа треба да поднесе елаборат со којшто ќе гарантира дека имаме одредени нарушувања на урбаното планирање и потоа да се разгледува во Министерството за транспорт и врски.

-Во однос на ова прашање Уставен суд донесе своја одлука во врска со мораториумот што е укинат како одлука на Општина Центар. Постоечкиот Закон за урбанистичко планирање нуди одредени можности. Ние разговараме со Општина Центар, тие ги бараат одговорите на овие прашања од нас, но најважно од се е дека доколку имаат одредена потреба на одредени урбанистички планови што ја загразовуваат животната средина, растот на општината итн, тие треба да поднесат елаборат со којшто ќе гарантираат дека имаме одредени нарушувања на урбаното живеење, планирање, итн, и потоа да се разгледува во Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски.

Важно е, дополни, дека ДУП-овите кои се донесени и изгласани од Советот на општината се во сила заради тоа што истата таа општина некогаш ги изгласала. – Така што, може Општина Центар како матична општина, тоа се нивни урбанистички планови, да разработува свои планови и стратегии како ќе работат понатаму. Важно е растот и развојот на општините да продолжи и да продолжи комуникацијата согласно сите можности и процедури што ги нуди Законот за урбанистичко и просторно планирање, наведе Бочварски.

Уставниот суд, како што стои во соопштението објавено на нивната веб страница, на вчерашната седница ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбани­стички планови, бр.08-1859/2 од 27.03.2019 година, донесена од Советот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар" бр.6/2019 од 28.03. 2019 година) и го стави вон сила Решението за запирање на извршу­вањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука.

притисни ентер