Бочварски на третиот Министерски совет ЕУ - Западен Балкан

Министерот Благој Бочварски на третиот Министерски совет  ЕУ - Западен Балкан: Интеграцијата во ЕУ е наш врвен приоритет.

„Владата на Република Македонија е силно посветена на интеграција на земјата во Европската Унија, унапредување на регионалното поврзување, олеснување на транспортот и трговијата и зголемување на соработката со останатите земји од Западен Балкан. Во ова време на светска здравествена криза, кога меѓусебната зависност на земјите од регионот станува сè посилна и позабележителна, меѓусебната поддршка и соработка е клучна“ – истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на третиот Министерски совет ЕУ - Западен Балкан.

Целите на Договорот за основање на транспортна заедница и Агендата за поврзување беа едни од главните теми на овој видео-конференциски состанок во кој учество зедоа Европскиот комесар за транспорт Адина Валеан, Европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархелји, директорот на Постојаниот секретаријат на транспортната зедница Матеј Закоњшек, претседателот на Министерскиот совет на транспортната заедница и министер за транспорт и врски на Босна и Херцеговина Војин Митровиќ и министрите за транспорт од земјите од Западен Балкан.

Претставниците на Европската комисија го презентираа Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, како предвидена помош на Унијата за реализација на планираните инвестициите кои првенствено имаат за цел подобра поврзаност на земјите.

„Како Министерство активно сме вклучени во сите активности, кои во голем дел, имајќи ја предвид здравствената криза, се однесуваат на непречено функционирање на „зелените коридори„ особено на транспортот на стока. Во вакви услови од особена важност е добра регионална соработка и функционална транспортна инфраструктура. Имено, ваквата соработка се покажа во пракса кога во текот на здравствената криза, особено на самиот почеток, беше овозможен брз и непречен транспорт на неопходна стока за основни потреби, пред сè на лекови и медицинска опрема, храна и други стоки. Во таа смисла, системот на воспоставување на зелените коридори гарантира континуиран, слободен и побрз транспорт на стока со земјите од ЕУ и земјите од Западен Балкан. Со оглед на тоа што Европската Унија е наш најголем и најзначаен економски и инвестициски партнер, иницијативата за проширување на зелените коридори кон соседните земји членки на ЕУ е од исклучителна важност. Акциските планови, усвоени на Министерскиот совет, за железница, патишта, безбедност и олеснување на транспортот на граничните премини имаат за цел да ги надминат потешкотиите со кои се соочуваме, особено во ова време на здравствена криза. Денеска, мораме да се фокусираме на надминување на последиците од кризата и да го забрзаме опоравувањето на нашите економии“ – нагласи министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Во своето обраќање, министерот Бочварски додаде: „Преку отворање на пазарите, либерализација на транспортот и зајакнување на конкурентноста, Транспортната заедница ќе придонесе за зголемена безбедност и ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на транспортните услуги, како и повисоко ниво на општите технички стандарди, што на крај би довело до интеграција во Европскиот пазар. Исто така, Договорот ќе го забрза спроведувањето на реформите во овој сектор и ќе овозможи усогласување на транспортната политика на Република Македонија со транспортната политика и легислатива на ЕУ, што е и еден од условите за полноправно членство на нашата земја во ЕУ. Со спроведување на Договорот за основање на транспортната заедница, ги потврдуваме нашите заложби за унапредување на целокупниот транспортен систем, безбедност на патиштата, подобро регионално поврзување, зголемена економска соработка и интеграција во Европската Унија.“

На крај, министерот Бочварски истакна дека во Република Македонија се реализираат крупни инвестиции за изградба и модернизација на патната мрежа на Пан-европските Коридори 8 и 10 и интензивно се работи на надминување на предизвиците и продолжување на изградбата на железничките врски кон Република Бугарија.

Намалените давачки за увезените возила нема да влијаат врз загадувањето, велат од Владата

Намалените давачки за регистрација на возила со странски таблички нема да влијаат врз зголемување на загадувањето на воздухот бидејќи останува критериумот за увоз на стари возила со еуро 4 стандард, велат од Владата.

– Последната информација од Царинската управа е дека драстично е намален бројот на увезени стари возила, а наметнувањето на критериумот еуро 4 стандард е во насока дека нема простор старите возила на било каков начин да влијаат врз квалитетот на воздухот, истакна владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.

Предлог-законот што Владата го усвои вчера на седница, како што појасни Арсовски, е донесен на иницијатива на сопствениците на вакви возила, а во Буџетот како прилив се очекуваат околу 25 милиони евра.

Целта на Предлог-законот е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50 проценти од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи. Одредбите од овој Предлог-закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври годинава со најмалку Еуро 4 стандард и ќе се применуваат за времетраење од една година. Предложеното законско решение, како што вчера соопшти Владата, е доставено на усвојување во Собранието./МИА

Зголемените надлежности на инспекциските служби даваат резултат, вели Филиповска-Грашкоска

Споредено со претходниот месец, се забележува намалување на прекршувањата на ковид протоколите кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести.

И покрај зголемениот број контроли во ноември сепак се детектирани помал број прекршувања на протколите со што се потврдува дека зголемените надлежности на инспекциските служби го даваат својот резултат при почитувањето на овие протоколи, рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска на денешната прес-конференција.

Споредено со претходниот месец, како што информира, се забележува намалување на прекршувањата на ковид протоколите кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести.

– За споредба во октомври кога инспекторите немаа надлежности да забрануваат вршење на дејност поради непочитување на ковид протоколите од вкупно извршени 6963 надзори и 6123 контроли беа изречени 37 кривични пријави против угостителски објекти кои не ги почитувале протколите, а во ноември по донесување на измените на законот констатирани се неправилности кај пет угостителски објекти, појасни Филиповска-Грашкоска.

Соопшти дека по скоро еден месец од стапувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести од страна на инспекторите од шесте инспекциски служби се извршени 10274 контроли и 5149 надзори.

– Притоа согласно Законот за заштита на населението од заразни болести во ноември инспекторите имаат изречено осум прекршочни пријави, 16 платни налози, 30 решенија и донесени се 39 858 решенија за изолација на заболени лица од коронавирусот и лица кои биле во контакт со заболено лице, рече Филиповска-Грашкоска. /МИА

Во тек се девет вонредни инспекциски надзори за помлади пациенти кои починале од Ковид-19

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува девет вонредни инспекциски надзори за пациенти во помлада возраст, кои за жал ја загубија борбата со Ковид-19, информира директорката на инспекторатот, Иринка Сотирова Бухова.

Директораката на денешната прес-конференција посочи дека од почетокот на пандемијата до денес ДСЗИ иницираше и заврши 21 вонреден инспекциски надзор. За истите тие имаат поднесено иницирање на вонредни стручни надзори, кои не ги работи ДСЗИ, ги работи Министерството за здравство или лекарската комора.

Прашана дали имаат претставки од граѓаните по основ на несоодветно лекување од страна на лекарите, Бухова рече дека последниве неколку дена немаат добиено претставки.

-Во последните денови или недели немаме претставки од граѓаните по основ на несоодветно лекување од страна на докторите.Вонредни инспкециски андзори ги правиме по допрен глас, по иницијатива на ДСЗИ, по иницитјаитва на Министерството за здравство, рече Бухова во одговор на прашање.

Таа информира дека надзорот во клиничката болница во Битола по однос на акутелната случувања, е сеуште во тек.

-Тоа што можам да ви го кажам во однос на капацитетите од утринскиот почеток на надзорот, за истата болница е дека во тријажниот центар за ковид-19 и сите други респираторни инфекции битолската болница располага со 33 кревети од кои сабајле во утринските часови беа пополнети 68. Централен довод за кислород има за 50 кревети, за останатите има две големи и за секој останат по една помала боца, додаде Бухова./МИА

притисни ентер