Тој истакна дека решение за подобрување на стандардот на граѓаните има ако останеме посветени на приоритетите и создадовме предуслови за тоа.
Ковачевски, осврнувајќи се на постигнувањата во минатата 2022 година, рече дека Владата успеала да ги заштити граѓаните од енормното поскапување на храната како последица на енергетската и кризата предизвикана со војната во Украина. Зголемена е просечната плата, како и пензиите, кои и оваа година ќе бидат зголемени. Растот на пензиите, додаде тој, е загарантиран со закон.
Премиерот Ковачевски потенцира дека има нови инвестиции, како и вложувања во капитални инвестиции, направени се низа системски решенија, а има и домашно производство на храна и енергија.
Во своето обраќање тој детално информираше што се е направено во 2022 и што се планира во 2023 година во сите сектори, субвенционирањето и мерките за помош на компаниите и граѓаните.
– Плановите на Владата имаат за цел да обезбедат подобар стандард и подобри услови за живот на сите граѓани и во услови на најголемата светска економска и енергетска криза, истакна меѓу другото Ковачевски.
Во рамки на конференцијата во двата дена е предвидено одржување на вкупно осум панели на различни теми.
Целта на конференцијата е преку дискусија прво да се направи пресек на она што е направено во 2022 година, како и да се дадат насоки и визии за 2023 година.
На првиот панел „ЕУ интеграции и реформски процеси“ ќе се дискутира за евроинтегративниот процес, скринингот, европските фондови, општествените реформи како и владеењето на правото и европските вредности.
На вториот панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ ќе се разговара за капиталните инфраструктурни инвестиции, но и за достигнувањата и плановите, како и остварените и планирани капитални инвестиции во образованието, културата и животната средина.
На третиот панел „Инвестиции и економски раст во услови на криза”, ќе се дискутира за условите и можностите кои ќе обезбедат дополнителни странски и домашни директни инвестиции, ќе обезбедат нови работни места, повисок стандард, но и за генералните насоки за економски раст во услови на криза.
На четвртиот Панел „Социјални и здравствени политики во време на криза“, ќе се разговара за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата како и новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.
Во текот на вториот ден од конференцијата ќе се одржат исто така четири панели.