Битиќи и Вик Шоеб го потпишаа договорот за реализација на втората инвестиција на компанијата Вик

Вицепремиерот Битиќи и генералниот менаџер на Вик Шоеб го потпишаа договорот за реализација на втората инвестиција на компанијата Вик – Планирани вложувања од 2,5 милиони евра и вработување на 100 лица.

Германската компанија Вик, која од 2018 година со успех работи во технолошко-индустриската развојна зона во Прилеп, денес потпиша договор за државна помош, со кој се предвидува нова, втора инвестиција на оваа компанија од 2,5 милиони евра и вработување на дополнителни 100 лица. Договорот за државна помош во име на Владата го потпиша вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, додека во име на групацијата Вик го потпиша генералниот менаџер на фабриката во Македонија, Вернер Шоеб.

Вицепремиерот Битиќи информираше дека компанијата Вик, која работи во технолошко – индустриската развојна зона Алинци во Прилеп, во првиот циклус веќе реализираше инвестиција од 10,5 милиони евра, а во моментот во производните капацитети работат околу 250 лица.

„Изминатите три години, покажавме дека знаеме како се привлекуваат странски инвестиции, но и како се стимулираат на нови инвестиции домашните компании. Направивме изедначување на критериумите и овозможивме достапност до државна поддршка на сите компании, независно од потеклото на капиталот. Со овој процес не изгуби никој, а добивме сите. Овие денови сме сведоци, дека повеќе компании, домашни и странски, микро, мали, средни, но и големи, состојбата со корона вирусот, ја препознаваат и како можност, се охрабруваат и инвестираат во нови инвестициски проекти. Тоа особено ме радува, затоа што гледаме дека се изнаоѓаат креативни решенија за брзо прилагодување на компаниите на новите околности, но се гледа и стратешкото планирање за активностите во пост-ковид периодот“, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот се осврна и на вклученоста на Вик во проектот за дуално образование, кој во моментов како пилот проект се имплементира во 7 средни стручни училишта во соработка со 16 компании.

„Вик е една од компаниите која во средното училиште „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп отвори посебна паралелка за техничар за машинско производство, струка која според анкетите за работна сила е една од најбараните. Во истото тоа училиште, паралелки имаат отворено и други две компании, Гентерм и Витаминка, а наша интенција, како Влада, во наредните години, ќе биде реформирање на образовниот систем и имплементирање на дуалното образование насекаде во земјата, за да се создаваат млади, обучени и остручени професионални кадри, кои по завршувањето на образованието, а и за време на истото, ќе може да се вклучат на пазарот на трудот“, подвлече вицепремиерот Битиќи и ги повика сите компании да инвестираат во дигитализација, во нови технолошки процеси, да иновираат производи и услуги, со што ќе станат поконкурентни и на домашниот, а што е уште поважно на меѓународните пазари.

Генералниот менаџер на фабриката на Вик во Македонија, рече дека Вик групацијата во 2018 година донела одлука да префрли дел од своите производствени процеси од Азија во Македонија, што се покажало како добра одлука.

„Во последната година и половина бевме мошне успешни во производствениот процес и испораката на нашите производи коишто од клиентите се оценети како топ производи. Имавме испорака и квалитет коишто беа екстремно добри, значи имавме екстремно добри резултати. И во кризата предизвикана од коронавирусот Ковид - 19, успеавме да инвестираме во Северна Македонија, да го зголемиме капацитетот и да го надградиме производството и создадеме нови производи коишто ќе се прават во Македонија. Ова е всушност нашата главна цел, да одиме понатаму, да се насочуваме кон европските пазари и кон производи со европски квалитет. Но, ова не е само стратегија на Вик. Ова е јасно барање и желба коешто доаѓа од нашите потрошувачи во Европа. Немавме само релокација на производните погони од Кина во Македонија, туку исто така создадовме нови синџири на набавки. Набавуваме материјали од Македонија, од Бугарија, од Србија и од други места, а преферираме да соработуваме со локалните добавувачи од Македонија“, изјави генералниот менаџер на Вик Македонија, Вернер Шоеб.

Кабинет на заменикот на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

Ајакс сака да го покани Чави за главен тренер

Раководството на Ајакс го смета тренерот на Барселона Чави како главен кандидат за тренерското место на тимот од Амстердам, објави „Sport.es“.

Холандскиот фудбалски гигант смета дека 44-годишниот шпански стручњак е способен да го врати клубот на претходното ниво и е подготвен да потпише договор со него до 2026 година.

Во јануари Чави најави дека ќе ја напушти Барселона на крајот на сезоната.

По јавно објавената одлука на Чави за заминување од Барса, тимот загуби само еден натпревар - во четвртфиналето на Лигата на шампионите против ПСЖ (1:4).

Чави за шеф на стручниот штаб на каталонскиот тим беше назначен во ноември 2021 година. /МИА

Награда во Калифорнија за најдобар долгометражен филм за „Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот што се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.

Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

- Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови, вели Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.

Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. /МИА

притисни ентер