Бесими: Остануваме посветени на одржливи политики за макроекономска и фискална стабилност

Реализација на реформите што го поддржуваат стабилниот развој на финансискиот систем, а со цел задржување на високиот степен на макроекономска и фискална стабилност е еден од главните приоритети на Владата и Министерството за финансии. 

Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими на отворањето на 21-вата Годишна конференција на Македонската берза на хартии од вредност на која истакна дека се соочуваме со голем број предизвици во услови на различни кризи, но посветено се работи на интегративни процеси, скрининг процесот со Европската Унија и реформи кои ќе овозможат континуиран и забрзан раст.

„Живееме во периоди на криза особено во последните години. Се соочуваме со економски предизвици низ кои мора да имаме брзи и ефикасни одговори, а во исто време да ги поддржиме долгорочните определби. Затоа и приватниот сектор и ние носителите на политики треба да подготвиме политики што ќе бидат одржливи и да реагираат на кризите, но притоа да не се заборават реформите и развојот“, истакна Бесими.

Додавајќи дека се преземаат мерки во однос на обезбедување фискална и макроекономска одржливост, рече дека се работи на нов концепт на даночни реформи, донесен е Закон за буџети, но дека се работи во делот на развојот на финансиските пазари, нови закони во однос на воведување финансиски друштва, нови фондови, како и Стратегија за развој на финансиските пазари што е долгорочна стратегија што ќе значи поголем пазар, поуспешен пазар и покрај светските проекции дека оваа година ќе биде тешка, но следната година согласно геостратешките движења на светско ниво и во европскиот пазар да гледаме на еден друг тренд во однос на растот.

Министерот порача дека остануваме сериозен партнер на Берзата во делот на развојот на регулативата на финансиските пазари. „Најголем износ на тргување со обврзници се државните обврзници на Берзата. Оваа година Министерството за финансии објави уште една обврзница за денационализација од шест милиони евра, а согласно закон наредната година се очекува издавање на уште една обврзница за денационализација, рече министерот.

Тој се осврна и на новите финансиски инструменти, како што се зелени обврзници, развојни обврзници, обврзници индексирани со инфлацијата, како и обврзницата без каматна стапка која што е уште во фаза на анализи и обработка, а всушност би била за повлекување на кешот од стопанството од времето на транзицијата па наваму.

Министерот потенцира дека за финансиските пазари значаен е и евроинтегративиниот процес на Македонија.

„Членството во НАТО како и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија придонесоа за позитивен сигнал од меѓународните финансиски пазари. Во текот на наредната година се очекува да завршат скрининзите, со кои се врши континуирано усогласување на националното законодавно со законодавството на ЕУ во делот на внатрешниот пазар и финансиската регулатива, рече министерот за финансии.

На Годишната конференција во организација на Македонската берза на министерот Фатмир Бесими му беше врачена плакета за успешна соработка на Министерството за финансии со Македонската берза, соопшти Министерството за финансии.

Велика Британија до 2030 година ќе ја зголеми потрошувачката за одбраната на 2,5 отсто од БДП

Велика Британија планира до крајот на оваа деценија да ги зголеми трошоците за одбраната на 2,5 отсто од БДП-то, изјави синоќа британскиот премиер Риши Сунак.

Сунак ова го изјави во Варшава за време на посетата на британските војници стационирани во Полска, каде беше заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

НАТО постави цел за земјите-членки да издвојат два отсто од БДП-то за својата одбрана. Велика Британија во моментов издвојува околу 2,3 отсто.

Според Сунак, во следните шест години во британската одбрана ќе бидат инвестирани дополнителни 75 милијарди фунти.

-Денеска е пресвртница за европската безбедност и историски момент за одбраната на Обединетото Кралство, рече британскиот премиер, кого го очекуваат општи избори најдоцна до јануари 2025 година. /МИА

Хамас повикува на ескалација на сите фронтови

Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, повика на ескалација на сите фронтови во телевизиски говор по повод 200 дена од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година.

Во видеото објавено синоќа од Ал Џезира, Абу Убаида го пофали нападот на Иран врз Израел на 13 април, велејќи дека директните напади со дронови и ракети „поставуваат нови правила, повлекоа важни паралели и ги збунија непријателот и оние што стојат зад него“.

Тој повика и на ескалација на Западниот Брег и во Јордан, велејќи дека тоа е „еден од најважните арапски фронтови“.

- Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции и да го крене својот глас, рече тој.

Абу Убаида рече дека Хамас останува на барањата што ги постави на разговорите за прекин на огнот, односно бара Израел да ја прекине воената офанзива, да ги повлече своите сили од Појасот Газа, да им дозволи на раселените да се вратат во северниот дел на Газа и да ја укине блокадата.

Во меѓувреме, Израел вчера ги засили нападите низ Појасот Газа, рекоа жителите, додавајќи дека тоа било едно од најлошите гранатирања во последните неколку недели. Армијата нареди нова евакуација на северот од палестинската енклава, предупредувајќи ги цивилите дека се наоѓаат во „опасна борбена зона“.

Во објава на X, портпаролот на израелската армија Авичај Адраи ги повика жителите на четири зони во Беит Лахиа во северниот дел на Појасот Газа да се преселат во засолништа во две одредени области.

Новото гранатирање и бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа доаѓа речиси четири месеци откако израелската армија објави дека ги повлекува своите војници, тврдејќи дека Хамас повеќе не ги контролира областите.

Израел, исто така, овој месец повлече поголем дел од своите сили од јужниот дел на Појасот Газа. Но, обидите да се постигне прекин на огнот не успеаја, а израелските бомбардирања и упади на територијата од која војниците се повлекоа го отежнуваат враќањето на раселените во своите домови./МИА

Хезболах истрела неколку десетици ракети кон Израел

Либанското исламистичко движење Хезболах синоќа соопшти дека истрелало десетици ракети врз северен Израел како одговор на смртта на двајца цивили во јужен Либан, во напад за кој е обвинет Израел.

Борците на Хезболах истрелаа „десетици ракети Катјуша“ врз северен Израел „како одговор на нападите на израелскиот непријател врз домовите на цивилите, особено за масакрот во Ханин и смртта на цивили“, се вели во соопштението на проиранското шиитско движење.

Од почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Појасот Газа на 7 октомври, секојдневно има размена на оган меѓу израелската армија и Хезболах, кој тврди дека го поддржува палестинското исламистичко движење.

Проиранскиот Хезболах, кој има арсенал ракети и прецизни проектили, гаѓа израелски воени позиции и локации во близина на границата, а Израел реагира со бомбардирање цели на либанска територија, претежно на југ, вклучително и целни напади врз припадници на Хезболах и Хамас. /МИА

притисни ентер