Бесими-Кундурос: Има голем потенцијал за продлабочување на економската соработка со Грција

Економската соработка со Грција има голем потенцијал за проширување, што може да биде поддржано и преку потпишување на меѓудржавни договори за заштита на инвестициите и избегнување на двојното оданочување. 

Ова беше дискутирано на денешната протоколарна средба помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорот на Грција во земјава Русос Кундурос.

Македонија и Република Грција немаат склучено Договор за одбегнување на двојно одданочување. Годинава двете земји разменија текстови на модел на договорот и во тек е разгледување на содржината на одредбите на грчкиот договор.

Исто така, двете земји немаат Договор за поттикнување на заемна заштита на инвестиции. Потпишување на ваков документ, за што има интерес од нашата страна, може да даде поддршка за раст на инвестициите помеѓу двете земји.

Приливот на странски директни инвестиции од Грција во последните 10 години изнесува 130,3 милиони евра (или 4,4% од вкупните СДИ во земјата). Грција е еден од нашите најголеми трговски партнери, но има потенцијал за продлабочување на соработката. Од почетокот на година, односно периодот јануари-април, извозот во Грција изнесува 55,2 милиони евра, што е раст за 7,3% во однос на истиот период лани. Кај увозот е забележан раст од 20,5% од почеток на годината, односно од јануари до април увезена е стока во вредност од 188 милиони евра.

Саудиска Арабија за прв пат учествува на изборот за Мис Универзум

Саудиска Арабија ќе учествува на изборот за Мис Универзум 2024 за прв пат во историјата на изборот.

Руми Алкахтани, 27-годишна манекенка и инфлуенсер родена во Ријад, ќе ја претставува Саудиска Арабија на изборот за убавина.

- Чест е да се учествува на изборот за Мис Универзум 2024. Ова е прво учество на Кралството Саудиска Арабија на изборот за Мис Универзум - објави таа на својот Инстаграм профил.

Освен што е крунисана за Мис Саудиска Арабија, Алкахтани ги носи и титулите Мис на Блискиот Исток, Мис на Арапскиот свет за мир 2021 година и Мис жена на Саудиска Арабија.

Таа претходно ја претставуваше Саудиска Арабија на неколку меѓународни натпревари, меѓу кои и оној за Мис Азија, кој се одржа во Малезија, пишува Index.hr.

Сончево и топло до крајот на неделава со температури до 27 степени

Следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот.

Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата, соопшти УХМР.

Минималните утрински температури ќе бидат во интервал од 4 до 12, а максималните дневни ќе достигнат до 27 степени.

Струмичката болница обезбеди модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за хируршки зафати

Струмичката болница обезбеди и започна со работа со нова модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за потребите на одделот хирургија, информираа од оваа здравствена установа.

Како што соопштија оттаму, со лапароскопска хирургија се овозможува полесен третман на пациентите со минимални инвазивни третмани, помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, полесно заздравување и пократок престој на пациентите во болница за разлика од отворените хирушки интервенции.

-Тимот на хирурзи, хирурзи на абдоминална хирургија, во болницата веќе подолго време работат лапароскопски операции, а во наредниот период ќе се работи на проширување на експертизата, доедукација на лекарите во лапароскопска хирургија, како и во гинекологија за проширување на видот на оперативните третмани кои досега се работеа во нашата болница со класични отворени хирушки методи, велат од ЈЗУ „Општа болница Струмица“.

Инаку, лани се направени вкупно 1.400 операции, од кои околу 300 лапароскопски хирушки интервенции.

притисни ентер