Белград и Приштина во Охрид го усогласија Анексот на договорот за нормализација на односите

По 12 часа постигнавме договор како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари помеѓу Србија и Косово. 

По 12 часа преговори во Охрид со посредство на високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти доцна синоќа постигнаа согласност за имплементација на договорот постигнат на 27 февруари во Брисел помеѓу Србија и Косово.

Како што појасни Борел по завршувањето на дијалогот, имплементацијата на договорот значи практични чекори што треба да се направи, кога, кој и како.

Тоа, како што рече Борел, доаѓа по долги и тешки преговори. Посочувајќи на одредени детали од разговорите, Борел истакна дека косовската страна се согласила со посредство на ЕУ неодложно да отпочне дијалог за воспоставување специјален договор со кој ќе се гарантираа самоуправа на српските заедници во Косово.

Борел истакна дека она што е прифатено од двете страни ќе стане интегрален дел од нивните одвоени напори во процесот за приближување и зачленување кон ЕУ. Она што е ветено од Белград и Приштина, ќе биде и формално обврска на патот кон ЕУ, а неисполнувањето ќе има негативни последици.

- Морам да нагласам дека за отворањето на патот кон стратешката цел за членство во ЕУ, Србија и Косово мора да ги нормализираат односите, нема заобиколен пат. А Анкесот на овој договор е важен чекор за тој пат да стане реалност, истакна Борел.

Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави постигнатиот договор, потенцирајќи дека станува збор за значајно оставрување и дека мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ.

- Ја поздравувам согласноста постигната денеска за имплементација на договорот за патоказот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија кој ќе биде интегрален и обврзувачки дел на европскиот пат за двете страни. Сметам дека денешната согласност за имплементацијата на анексот на договорот вклучително и согласноста за целосна имплементација на обврските од претходните договори од дијалогот е значајно постигнување. Мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ, рече во кусото обраќање премиерот Ковачевски.

Договорот го поздрави и американскиот преставник за Западен Балкан, Габриал Ескобар, истакнувајќи дека тој е неопходен за воспоставување на мирољубиви и предвидливи односи меѓу двете страни.

- Тоа не само што ги отвора вратите за евроатланска интеграција на двете земји, туку ја отвора и вратата на регионот за нова ера на мир, рече Ескобар

Тој им се заблагодари и на премиерот Димитар Ковачевски и на Владата за организацијата на средбата.

- Без нашите пријатели и сојузници ова немаше да се случи. Ова е уште еден доказ дека Македонија е доверлив партнер што им помага на САД и ЕУ да постигнат регионална стабилност, изјави Ескобар, најавувајќи дека САД ќе се заложат да помогнат во спроведување на договореното во интерес на двете земји и на регионот, со цел мирот да стане реалност на Балканот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак изјави дека со договорот е направен добар исчекор во конструктивна атмосфера и двете страни ќе почнат нешто да работат.

- Секако не беше ден Д, но мислам дека беше во ред, изјави Вучиќ, посочувајќи дека се договорени неколку точки кои ќе станат дел од преговарачката рамка за двете страни и дека една од клучните која е важна за српската страна, како што рече, е тоа што веднаш треба да биде формирана заедница на српските општини на Косово.

Тој најави дека уште утре на граѓаните на Србија ќе им ја претстави секоја од точките во имплементациониот план, а од понеделник дека ќе има консултации со сите пратенички групи во Собранието.

Косовскиот премиер Албен Курти изјави дека е постигнат договор за анексот што ќе води кон спроведување на основниот договор, но останува на Европската Унија да најде механизам статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки.

Курти рече дека дошол во Охрид со намера да го потпише основниот договор со анекс, но дека српската страна и овојпат избегнувала негово потпишување, исто како на последната средба во Брисел на 27 февруари.

Според Курти, основниот договор де факто значи взаемно признавање на двете страни

Средбата во Охрид беше продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина,Мирослав Лајчак, како посредници се обидуваат на Вучиќ и на Курти да им ги приближат решенијата што ги предлага Западот во насока на патот кон нормализација на меѓусебните односи.

Пред охридската средба официјален Брисел изрази очекување да бидат усогласени ставовите за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот. - Доколку тоа се случи... тогаш Западниот Балкан ќе слави голем чекор напред кон патот на Европската унија, рече Борел во четвртокот во Тирана.

- Договорот ќе ги постави нивните односи на нова поодржлива основа и ќе обезбеди дека дијалогот ќе продолжи на неговата траекторија кон целосна нормализација, рече Борел.

Осврнувајќи се на вчерашниот дијалог на високо ниво за нормализација на односите меѓу Белград-Приштина, премиерот Ковачевски во интервју за МИА потенцира дека тоа што Македонија е домаќин на ваков собир е најголема потврда дека во овој момент земјава е фактор на стабилност на Балканот, што го потврди и преку зачленување во НАТО, преку отворањето на преговорите со Европската унија и преку тоа што во веројатно најтешката година за Европа после Втората светска војна е претседавач со најголемата регионална безбедносна организација - ОБСЕ.

- Ова претставува голема чест, меѓутоа и одговорност за нашата држава, изјави Ковачевски додавајќи дека очекува разговорите за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија да резултираат со интеграција на целиот регион во Европската Унија

Тој од Охрид посочи дека за таа цел се потребни тешки одлуки, како што направи земјава со Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, усвојувањето на преговарачката рамка со ЕУ.

- Покажавме дека со договор, со дипломатија единствено може да се постигне решение за напредок во државата. И веруваме дека тоа е единствениот рецепт и единствениот начин целиот регион низ дијалог и низ разговор да ги реши предизвиците кои што ги имаат државите помеѓу себе и сите заедно еден ден да станеме земји членки на НАТО и на ЕУ, рече Ковачевски.

Претседателот Стево Пендаровски, кој исто така, беше присустен во Охрид изјави дека позитивна вест на крајот на оваа сесија разговори во Охрид ќе биде добра за целиот регион, не само за оние страни кои се инволвирани во неа.

Коментирајќи ја средбата во Охрид, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека очекувањата од неа се големи, бидејќи таков е политичкиот моментум, изразувајќи надеж дека ќе биде постигнат договор, кој ќе гарантира одржлива стабилност за регионот.

Надеж за постигнување договор по средбата со косовскиот премиер Курти во Охрид изрази и лидерот на ДУИ. Али Ахмети, кој нагласи дека тоа сепак ќе зависи и од двете страни.

Во своите осврти на средбата во Охрид западните медиуими оценија дека меѓународната заедница се надева на напредок во разговорите во обид за надминување на децениските тензии меѓу двете страни.

АП во текстот насловен „Високи влогови на новите разговори меѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ“ пренесува изјава на Борел дека сега е време лидерите на Косово, Србија и на целиот Западен Балкан да покажат храброст и да ја споделат одговорноста за успехот на процесот на пристапување кон ЕУ во регионот.

[Потпретседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Љутфи Хазири изјави дека косовскиот премиер Албин Курти првите разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ги води следниот месец]

Агенцијата пишува дека разговори се фокусирани на тоа како да се имплементира предложениот план на ЕУ кој бара од двете страни да одржуваат добрососедски односи, меѓусебно да ги признаваат официјалните документи и националните симболи. Ако планот биде имплементиран, тоа ќе го спречи Белград да ги блокира напорите на Приштина за членство во Обединетите Нации и другите меѓународни организации, но не бара експлицитно заемно признавање на Косово и Србија.

Франс прес, пак, наведува пишува дека во документот од 11 точки е наведенп дека ниту една страна нема да прибегне кон насилство за да го реши спорот, ниту ќе се обиде да ја спречи другата да се приклучи на Европската унија или други меѓународни тела, како клучно барање од Косово.

Косово прогласи независност од Белград во 2008 година, што беше призната од повеќето земји на ЕУ, со исклучок на Грција, Шпанија, Романија, Словачка и Кипар. Од 2011 година Србија и Косово се ангажирани во дијалогот инциран и предводен од Брисел. Во 2013 година тогашните премиери на двете земји, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, го постигнаа т.н. Бриселски договор, но многу елементи од него останаа неимплементирани до денес.

Главниот камен на сопнување во процесот е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, што Приштина одбива да го спроведе, стравувајќи дека тоа ќе создаде ентитет сличен на Република Српска во земјата, што потоа ќе ја загрози нејзината функционалност.

Средбата предизвика голем интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет, со акредитирани 230 новинари и сниматели од бројни медиумски куќи. За време на одржувањето на состанокот на подрачјето на Охрид на сила се соодветни безбедносни мерки, со физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти.

Хаос во Париз: Полицијата ги претепува демонстрантите, вечерва уапсени над 70 лица (ВИДЕО)

По повод усвојувањето на спорниот закон за пензии, во Франција се уште не стивнуваат протестите.

Вечерва почнаа собири и штрајкови, а за четврток се планирани големи демонстрации.

Само вечерва во Париз повторно беа уапсени околу 70 демонстранти, а полицијата безмилосно ги разбива протестите, спречувајќи ја толпата да се групира и да создаде барикади и блокади.

На видеата кои се споделуваат на социјалните мрежи може да се види како полицијата трча и интервенира со брутална сила.

Француската влада денеска го преживеа гласањето за недоверба на собранието, со тесно мнозинство од само девет гласа.

Пензиската реформа која ги налути француските граѓани предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, како и најмалку 43 години работа за некој да се квалификува за целосна пензија.

Жена го прозва Путин, додека се шета низ Мариупол: Ова е лага, сѐ е само претстава (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин вчера ненадејно го посети окупираниот украински град Мариупол, само неколку дена откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење.

На видеото од средбата на Путин со локалните жители, споделено од руските државни медиуми, се слуша како личност во позадина вика: „Ова е лага, ова е само шоу“. Придружбата на Путин брзо реагирала и се обидела да ја пронајде личноста која викала, пишува CNN.

Во истото видео, станарка го опишува блискиот блок како „парче од рајот“, на што Путин одговара дека планираат да го прошират.

„Толку пати те видовме на телевизија“, рекол еден од жителите, на што Путин одговорил: „Треба да почнеме подобро да се запознаваме“.

Мариупол ги виде некои од најжестоките борби во војната и често се користи за пропагандни цели откако Москва го зазеде минатата година.

Сателитските снимки од мај минатата година покажаа обемни ископувања и расчистување на урнатините низ градот, вклучувајќи го и бомбардираниот театар во Мариупол. Во следните месеци, руските државни медиуми објавија снимки од обновените области, а Путин најави дека ќе го обнови целиот град.

Извештаите за планирани судења кружеа минатиот август, откако руските медиуми објавија слики од кафези во салата на филхармонијата во Мариупол, кои очигледно биле наменети за украинските воени затвореници од железарницата Азовстал.

Членките на ЕУ планираат да ѝ испорачаат милион артилериски гранати на Украина

Членките на Европската унија планираат да ѝ достават на Украина еден милион парчиња артилериска муниција во следните 12 месеци, изјавија денеска дипломати на ЕУ за ДПА.

Земјите треба веднаш да започнат со снабдување со муниција за Украина од нивните постоечки залихи. Дополнително, во следните шест месеци, членките на ЕУ треба заеднички да набават повеќе гранати од калибар 155 мм за да ѝ помогнат на Украина на долг рок.

За испорака на муниција, земјите-членки треба да добијат делумна компензација преку фондот на ЕУ, кој се користи за финансирање на испораките на оружје во Киев во последните месеци.

Според постојните планови, се предвидува дека за испраќање муниција во Киев ќе бидат достапни вкупно две милијарди евра. Договорот е склучен поради стравувањата дека на Украина релативно наскоро би можело да ѝ недостасува значително количество важни видови муниција.

Министрите за надворешни работи на ЕУ одобрија трифазен акционен план, чија цел е да се снабдат украинските сили со најмалку еден милион гранати од 155 милиметри и да се надополнат стратешките резерви на земјите од ЕУ, од кои некои се речиси целосно исцрпени, изјавија претставниците на петте делегации.

Договорот го поздрави шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, кој на средбата учествувал преку видео-конференција. „Повеќе артилериска муниција за Украина што е можно поскоро. Ова беше главната тема на разговор на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ“, напиша Кулеба на Твитер, додавајќи дека договорот „ќе ги зајакне способностите на украинските воени сили на бојното поле“.

Договорот, кој ќе им биде претставен на лидерите на ЕУ на самитот во четврток и петок, е одговор на итниот апел испратен од украинскиот претседател Володимир Зеленски на 9 март.

Милијарда евра ќе бидат искористени како компензација на земјите-членки за муниција што ќе биде земена од нивните магацини по цена од 1.000 до 1.300 евра за граната. Некои од нив денеска чинат и по 4.000 евра, се појасни, со напомена дека цените растат.

Договорот предвидува испорака до 31 мај.

Уште милијарда евра ќе бидат искористени за заедничка набавка на гранати од 155 милиметри наменети за Украина. Склучувањето на договорот е предвидено за септември со цел да се намали времето на испорака на 6 до 8 месеци.

Целта на третиот дел од планот е да се зголемат производствените капацитети на десетина компании од ЕУ кои произведуваат оружје со цел „да се надополнат залихите на земјите од ЕУ и да се продолжи со снабдување на украинските сили“.

Две милијарди евра ќе бидат повлечени од Европскиот мировен фонд (ЕПФ), вонбуџетскиот финансиски инструмент на Европската унија кој ја подобрува способноста на ЕУ да дејствува како глобален обезбедувач на безбедност.

ЕПФ е основана во март 2021 година за да го зачува мирот, да спречи конфликти и да ја зајакне меѓународната безбедност. Од почетокот на војната се користи за снабдување на Украина со оружје.

Постигнат е начелен договор за доделување дополнителни средства во износ од 3,5 милијарди евра за дополнување на Објектот, прецизираат дипломатите.

притисни ентер