Писмото до претседателот на ДРЦ, Феликс Цишекеди, по повод 60-годишнината од независноста, е првиот израз на жалење на кралот за колонијалното минато на Белгија, објави кралската палата.
„Сакам да изразам длабоко жалење за страдањето од минатото, болката што се оживува секој ден од дискриминацијата што сè уште е присутна во нашето општество“, се вели во писмото.
ДРЦ доби независност во 1960 година, откако помина 52 години како белгиска колонија, а пред тоа 23 години како сопственост на кралот Леополд Втори, сè до 1908 година.
За време на владеењето на Леополд, „имаше сурови дела“, а колонијалниот период што следуваше предизвика „страдање и понижување“, рече кралот Филип.
Спомениците на Леополд Втори, чии војници убиле и осакатувале милиони Конгоанци, се уништени и отстранети во Белгија, откако протестите против расизмот се проширија од САД низ целиот свет , а почнаа поради убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд од полицаец кој со колено му го стиска вратот.
Филип вети „продолжување на борбата против сите форми на расизам“ и го поздрави решението на белгискиот парламент да формира комитет за помирување што ќе се справи со расизмот и колонијалното минато на Белгија.
Пандемија на коронавирус го спречи белгискиот крал да отпатува во ДРЦ за годишнината. Филип зазеде поинаков став од неговиот помлад брат, принцот Лорен, кој порано овој месец рече дека Леополд не „донел страдање“ на ДРЦ, бидејќи тој никогаш не ја посетил таа африканска земја.