БЕГ – Производство: Немаме обврска да продолжиме со дејноста во новата грејна сезона

БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите. 

Балкан Енерџи Груп БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија. Ова го наведе денеска компанијата БЕГ – Производство во соопштение по информациите дека треба да продолжи да испорачува топлинска енергија во новата грејна сезона до изборот на нов носител на лиценцата.

Од компанијата наведуваат дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период, посочуават, БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона.

-БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите. Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика. Заради овие причини на 09.06.2022 год. БЕГ – Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата се со цел навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона. На 20.06.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство, стои во соопштението.

Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ наведуваат дека неговата важност била до 31 март годинава, односно е е истечен.

-Од погоре наведеното очигледно е дека БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија, велат од БЕГ Производство.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи викендот изјави дека се додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија. Согласно законот, како што посочи Битиќи, БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија.

Откако во јуни годинава, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои престанаа да важат одлуките за издавање лиценца за вршење енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ, Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија

Јавното отворање на понудите на повиците за избор на компанија која ќе произведува, дистрибуира и ќе ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на дел од градот Скопје се одржа на 13 септември. Беа доставени понуди од од ЕСМ ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје и ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, трите претпоријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ.

Според најавите, откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди Комисијата ќе достави предлог до Владата, што ќе биде разгледан на една од наредните седници. Со јавниот повик треба да се избере компанија која ќе го преземе работењето на Балкан Енерџи Груп, откако на крајот на јуни и беа одземени лиценците за работа поради финансиска неликвидност од високата цена на природниот гас.

Компанијата „Адора Инженеринг“ во септември лани на јавна лицитација за 9,26 милиони евра ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, коишто претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, а кои беа во стечајна постапка. Компанијата тврди дека закуп топланите без јасна интенција за купопродажба ќе им претставува дополнителни 550 илјади евра загуби на годишно ниво. Инсистирањето на еден од чинителите за промена на сопственоста, според вицепремиерот Фатмит Битиќи, е легитимна, но ќе биде според законите.

– Закупот е легитимна алатка преку која ќе се искористат топланите Исток и Запад и ќе се испорача топлинска енергија, а во меѓувреме има доволно временски период да се запазат сите законски процедурии ако треба да се заокружи откупот на сопственоста, изјави Битиќи.

Заврши претпоследниот ден од расправата по Предлог-буџетот, продолжението в понеделник

Собраниската комисија за финансирање и буџет вечерва ја прекина амадманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година и продолжението го закажа за понеделник.

Денешниот, шести ден од амандманската расправа, помина во разгледување на амандмани од кои повеќето се однесуваа на изградба на регионални и локални патишта и на водоснабдителни системи.

Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма. Со еден се бараше пренамена на финансиски средства во Министерството за транспорт и врски кои ќе бидат наменети за изготвување на техничка документација за изградба на технички пат до депонијата во општина Новаци, а со друг да се одвојат средства за проширување на улицата од плоштадот во Штип до мостот кај хотелот Оаза со што ќе се олесни сообраќајот во ударните термини и ќе се зголеми безбедноста на пешаците. Беше прифатен и амандман од опозицијата со кој се бараше да се реализира проект за алтернативни извори за водоснабдување на Охрид.

Во текот на попладневниот дел од расправата беа повлечени неколку амандмани од страна на предлагачите.

Во понеделник е последниот ден од амандманската расправа по што Предлог-буџетот треба да оди на пленарна седница.

За Предлог-буџетот беа поднесени вкупно 263 амандмани од кои околу 200 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.

Андоновски од Вашингтон: Социјалдемократските партии не се грижат за демократијата

Почитувани пријатели, на крајот сме на уште еден форум на Internacional Democrat Union, најголемата светска организација на десничарски партии, рече Стефан Андоновски,меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Како ВМРО-ДПМНЕ имавме делегација и активно учествувавме на овој настан. Можам да истакнам дека ги споделивме најважните прашања кои се однесуваат на Македонија, на состојбата во Македонија и на борбата против корупцијата како најзначајното прашање кое ги засега десничарските партии од регионот но и десничарските партии во целиот свет.

Определбата на сите партии од регионот и светот е дека мора да постои правна држава, владеење на право во нашата држава и силна борба против корупцијата.

Режимите на Социјалдемократските партии во светот, но и во Македонија покажаа дека тие не знаат да се грижат ниту за демократијата, ниту за владеењето на правото, а најмалку за борбата против корупцијата. Затоа многу е важен овој состанок на кој ги споделивме искуствата од државите кои се соочеуваат со случни проблеми, кои се хибридни режими и кои се многу ниско на скалата на Транспаренси интернешенал, и заедничката борба од овде од Вашинготн, но и од сите главни градови во светот мора да биде против ваквиот систем и ваквите режими.

Како партија остануваме посветени на европската интеграција на Македонија, на атлантскиот пат на Македонија, на пат кој не смее да биде закочен со национални отстапувања, национални понижувања и газење на македонскиот национален идентитет.

Токму за овие прашања заборуваме на овој тридневен настан, продолжуваме активно да учествуваме во работата на IDU и на другите настани на нашите меѓународни партнери.

Возач на БМВ сакал да се прави важен, па завршил во ендек (ВИДЕО)

Несреќниот човек зад воланот на БМВ сакал да си замине со стил, но завршил посрамен во каналот.

Видеото објавено на Редит предизвика голем интерес, пред сѐ поради несреќникот кој доживеа незгода во БМВ.

Видеото започнува со Mercedes AMG C63 кој го напушта паркингот со контролирано лизгање, а да не зборуваме за дрифтање. Иако овој Мерцедес е доста проблематичен за контрола, очигледно е дека зад воланот е релативно ладна глава со одредено искуство.

За жал, истото не може да се каже за возачот на БМВ, чија желба беше посилна од неговите способности. И излетал од паркинг со многу лизгање. Но, поради недостаток на искуство премногу ги вртел тркалата, па наместо да се исправи, родстерот БМВ тргнал десно и слетал на патот во ендек.

Иако несреќата не се случила со голема брзина, на видеото се гледа како BMW Z4 претрпел значителна штета. Поправката сигурно нема да биде евтина.

притисни ентер