Бајден заминува на посети во Азија

Претседателот на САД, Џо Бајден денеска заминува во Азија, на своето прво патување таму откако е на функција. 

Бајден е уверен дека конфронтацијата со Русија, повторно го засили американското раководство, додека се внимава оти непријателските севернокорејски нуклеарни тестови би можеле да го раскинат оптимистичкото сценарио, пишуваат американски медиуми.

Тој прво ќе ја посети Јужна Кореја, а потоа Јапонија в недела, за да одржи самити со лидерите на земјите. Во Токио, Бајден ќе присуствува и на регионалниот самит на Австралија, Индија, Јапонија, САД.

Патувањето се наведува како доказ дека САД дополнително ги градат неодамнешните потези за да го зацврстат својот повеќегодишен ориентир кон Азија, каде растечката кинеска комерцијална и воена моќ, сè повеќе го враќа назад децениското американско лидерство.

Советникот за национална безбедност, Џејк Саливан ја отфрли идејата дека војната во Украина го зема вниманието на Бајден од таа мисија.

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог, денес средба Ковачевски-Села

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија.

За денеска во 11 часот во Клубот на пратениците е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Премиерот Ковачевски вчера во изјава за медиумите потврди дека имал телефонски разговор со Села и најави дека најверојатно денеска ќе му го презентира францускиот предлог.

Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрво со коалиционите партнери во Владата, од кои дел веќе се изјаснија позитивно за предлогот, а дел се очекува тоа да го сторат во следниот период.

Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена.

Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што рече, е тоа што со ништо не се поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.

Францускиот предлог во земјава пристигна во четвртокот по што премиерот Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.

Седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска ќе ја одржи 34-тата седница на чиј дневен ред се две предлог-одлуки за испраќање војници на Армијата на Република  Македонија во мисиите на ЕУ „EUTM RCA“ и „Алтеа“.

Првата точка е Предлог-одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

Втората точка, Предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

На ГП Богородица се чека околу 30 минути

Поради зголемена фреквенција на возила, времето на чекање на ГП Богородица за излез од земјава е околу 30 минути.

На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. /МИА

притисни ентер