Бајден: САД воено ќе интервенираат во случај на кинеска инвазија врз Тајван

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Токио предупреди дека САД „воено ќе го бранат Тајван доколку Пекинг го нападне овој автономен остров", предупредувајќи дека Кина „флертува со опасноста".

-Тоа е обврска што ја презедовме, рече Бајден на прашање на новинарите дали САД ќе интервенираат воено против обидите на Кина да ја заземе територијата насилно.

„Се согласивме со политиката на една Кина, ја потпишавме… но идејата дека (Тајван) може да биде преземен со сила едноставно не е соодветна", кажа Бајден.

Тој додаде дека таквиот чекор „ќе го наруши целиот регион и ќе биде уште една акција слична на она што се случи во Украина".

Според него, по руската инвазија на Украина, се зголемува потребата да се заштити овој остров.

Согласно политиката „На една Кина", САД го признаваат Пекинг како влада на Тајван и немаат дипломатски односи со Тајпеј. Меѓутоа, тие одржуваат неформални контакти, вклучувајќи ја и „де факто" амбасадата во главниот град Тајпеј, а обезбедуваат и воена опрема за одбраната на Тајван.

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог, денес средба Ковачевски-Села

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија.

За денеска во 11 часот во Клубот на пратениците е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Премиерот Ковачевски вчера во изјава за медиумите потврди дека имал телефонски разговор со Села и најави дека најверојатно денеска ќе му го презентира францускиот предлог.

Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрво со коалиционите партнери во Владата, од кои дел веќе се изјаснија позитивно за предлогот, а дел се очекува тоа да го сторат во следниот период.

Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена.

Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што рече, е тоа што со ништо не се поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.

Францускиот предлог во земјава пристигна во четвртокот по што премиерот Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.

Седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска ќе ја одржи 34-тата седница на чиј дневен ред се две предлог-одлуки за испраќање војници на Армијата на Република  Македонија во мисиите на ЕУ „EUTM RCA“ и „Алтеа“.

Првата точка е Предлог-одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

Втората точка, Предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

На ГП Богородица се чека околу 30 минути

Поради зголемена фреквенција на возила, времето на чекање на ГП Богородица за излез од земјава е околу 30 минути.

На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. /МИА

притисни ентер