Бајден: Ќе донираме половина милијарда вакцини за сиромашните земји

Американскиот претседател Џо Бајден,  најави дека САД ќе донираат половина милијарда вакцини против Ковид-19 во 92 земји кои имаат огромна потреба, на својот Твитер профил напиша дека овие вакцини ќе спасат милиони животи.

Бајден вчера потврди дека САД ќе купат половина милијарда вакцини против Ковид-19 со цел да ги донираат во земји со пониски примања без никакви услови.

„ Ќе започнеме со испорака на 500 милиони вакцини во август, веднаш штом ќе заврши нивното производство“, објави Бајден на прес-конференција пред почетокот на самитот на Г7 во Велика Британија.

САД ќе платат на компанијата „Фајзер“ околу 3,5 милијарди долари за вакцини, а договорот ќе биде финализиран во следните недели.

Според најавата, испораката на 200 милиони дози ќе започне во август и ќе заврши до крајот на годината, додека 300-те милиони дози планирани за 2022 година ќе бидат испорачани во периодот од јануари до крајот на јуни.

Утре без вода дел од Карпош

Прекин на водоснабдувањето утре од 9 часот ќе имаат корисниците од булевар „Партизански Одреди", на потегот од булевар „8 Септември" до улица „Франклин Рузвелт", непарни броеви, и корисниците од булевар „Партизански Одреди" број 48.

ЈП „Водовод и канализација" – Скопје информира дека корисниците ќе бидат без вода поради водоводен приклучок ф-100 мм на булеварот „Партизански Одреди" број 63.

Тивко во Скопје, Софија и Брисел пред утрешниот одлучувачки ЕУ состанок

Молк во Скопје, Софија и Брисел пред утрешниот Совет за општи работи во Луксембург, на кој барем според последните пораки, извесно е дека Македонија и овој пат нема да слушне добри вести. 

На официјалната веб-страница на Унијата само кусо е наведено дека министрите за надворешни работи ќе разменат мислења за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација. За Симонида Кацарска од Институтот за европска политика утре се можни две сценарија, проширувањето воопшто да не биде споменато или да се изготви формулација која пред се би имала пораки на охрабрување.

И експертската јавност во Софија не гледа излез од актуелниот ќорсокак. Весела Чернева од Канцеларијата на Европскиот Совет за надворешна политика цени дека за враќање на односите во нормала, неопходно е и време и волја и повеќе од се, напуштање на праксата билатералното прашање да се користи во предизборни цели.

-Бугарско-македонските односи се во најлоша форма од кога и да е. Промената на тонот, според мене, е првата задача пред двете држави ако сакаат да имаат дијалог. Сега, бугарската дипломатија треба со мали чекори да излезе од овој ќорсокак за да може да се стигне до моментот да се крене ветото. Но, јасно е дека тоа без парламент не може да се случи., изјави во интервју за бугарската телевизија БТВ, Весела Чернева, директор на канцеларија на Европскиот Совет за надворешна политика во Софија

Бугарскиот претседател Радев за време на средбата со премиерот Заев пред четири дена порача дека од Македонија очекува прагматичен пристап со конкретни и неповратни резултати. Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска изјави дека и натаму се посветени кон решенија за што е можно побрз старт на преговори за Македонија.

Николовски: Секој треба да тргне од личните постапки и да помогне да ја сопреме корупцијата

Со огромен ентузијазам сме во исчекување на усвојувањето на финалните документи на 25 јуни 2021. 

Чест ми е што заедно со Министерство за внатрешни работи сме домаќини на Регионален форум на кој се изготвува „Регионален патоказ за борба против корупција и нелегални финансии", организиран од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) во партнерство со Секретаријатот на Регионалната иницијатива за борба против корупција (РАИ), напиша на Фејсбук заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

Николовски преку својот фејсбук статус информираше дека во наредните три дена, ќе се обидат заеднички да ги дефинираат приоритетите за борба против корупцијата и нелегалните финансии во земјите од Западен Балкан.

– Со огромен ентузијазам сме во исчекување на усвојувањето на финалните документи на 25 јуни 2021. Ова е значаен чекор напред во борбата за која треба поддршка од секого и неопходна регионална соработка. Секој може да даде придонес, секој треба да тргне од личните постапки и да помогне да ја сопреме корупцијата, наведе Николовски.

притисни ентер