Бајден го слави празникот во малиот крајбрежен град Рехобот, Делавер, каде што тој и неговата сопруга имаат куќа. На гости и е дојдена нивната ќерка Ешли Бајден и нејзиниот сопруг, докторот Хауард Керин.
Поранешниот потпретседател на Барак Обама и неговата сопруга Џил објавиле видео порака на својот Твитер профил на Денот на благодарноста.
Бајден порачал дека неговото семејство нормално има голем собир на островот Нантакет во сојузната држава Масачусетс, но дека оваа година тие останале во Делавер поради пандемијата и дека ќе имаат помала група луѓе „за празничниот ручек“.
Обраќајќи и се на нацијата, која изгуби 260 000 животи во пандемијата, Бајден рече дека со тоа што ќе останат дома, Американците прават „заедничка жртва за целата земја“, пренесува Ројтерс.
"Знам дека многу од нас не ги замислуваа празниците вака. Мал гест да останеме дома е подарок за другите Американци", рече Бајден, кој ќе положи заклетва на 20 јануари.
„Знам дека доаѓаат подобри денови“, заклучи тој.
Од друга страна, Трамп сака да ги слави празниците во своето одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида, но денеска престојувал во главниот град. Минатата година, по повод Денот на благодарноста, тој одеднаш го посети Авганистан, каде им служеше традиционална мисирка на американските војници.
За разлика од Бајден, кој повика на претпазливост за коронавирусот, Трамп ги повика Американците да се соберат за празниците.
„Ги повикувам сите Американци да се соберат во своите домови и местата за богослужба и да се молат и да му се заблагодарат на Бога за многубројните благослови“, рече американскиот претседател, кој минатиот месец го победи коронавирусот.
Трамп често ги игнорирал предупредувањата од здравствените власти, па затоа одржа големи собири во Белата куќа за време на пандемијата, а многу од неговите гости одбивале да носат маски.